BMW стартува под нов увозник: Свечено отворен новиот центар на М Кар

Со свеченоста што синоќа ја одржа пред својот центар во Скопје, фирмата М Кар официјално стартува со работа на македонскиот пазар како нов увозник на премиум марките од групацијата BMW.

Со комплетна гама изложени автомобили лакирани во бела боја, новиот увозник и дистрибутер на премиум марките BMW и Mini, во текот на вчерашниот ден симболично го означуваше почетокот на работата на македонскиот пазар, воедно најавувајќи ја и големата свеченост што по тој повод беше одржана во синоќешната вечер. Компанијата М Кар ги враќа премиум марките на групацијата BMW на македонскиот пазар, по неколкумесечна пауза од повлекувањето на претходниот увозник.

Со новата компанија М Кар ќе раководи господин Марко Јовановски, докажан менаџер во застапувањето на марките од премиум сегментот на македонскиот пазар, додека за позицијата директор на продажба е ангажиран господин Александар Ордевски, исто така познато име во автомобилската сфера и дел од најраната постава на марката BMW во Македонија. Новиот застапник го презеде објектот од претходната компанија, вреден 4,5 милиони евра и еден од најрепрезентативните од овој тип, не само во Македонија, туку и во регионот.

Во површината на центарот од преку 5.000 метри квадратни, од кои околу 4.500 метри квадратни отпаѓаат на затворената површина на објектот, опфатени се продажен салон, сервисно одделение со осум работни платформи, како и каросериско и лакерско одделение, кое со своите просторни и оперативни капацитети се вбројува меѓу најголемите во регионот и може годишно да опслужува до 150 возила, вклучувајќи и возила од марки надвор од групацијата BMW.

Како што редакцијата на Automedia можеше да се увери при посетата на центарот, сите капацитети во објектот веќе работат под полна пареа, на десетина возила од најразлични марки се вршат интервенции врз каросеријата и во лакирањето, во сервисната работилница владее вообичаената атмосфера, додека тоа што најмногу ќе ги израдува ентузијастите и идните сопственици на модел од марките на BMW, секако се последните новитети во понудата: Купе-теренецот X4, фејслифт на серијата 1, нова генерација на кросоверот X1 и Mini 5-door.

Претходна објаваБаварската полиција ќе вози електричен BMW i3
Следна објаваVolkswagen стартува со продажба на хибридниот Passat GTE

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here