за

Блицен-Бенц во 1909 беше најбрз во светот со преку 200 километри на час

Четирицилиндарски мотор со зафатнина од 21,5 литри и моќност од 200 КС овозможи Блицен-Бенц пред повеќе од 110 години да постави важен рекорд.

Музејот на Мерцедес-Бенц во Штутгарт чува илјадници приказни и сведоштва за автомобилизмот уште од самите почетоци. Овојпат станува збор за Блицен-Бенц, што е изложен во просторот наменет за митските автомобили.

Тоа што веднаш се воочува кај рекордерот од пред повеќе од 110 години е неговата аеродинамична форма. Покрај моќниот мотор со 200 КС, формата на каросеријата исто така придонесе за Блицен-Бенц да постави важен рекорд. Затоа и на овој посебен Бенц му припаѓа место меѓу легендите, во т.н. ренкурве во музејот на Мерцедес-Бенц, свијок наменет за највпечатливите тркачки автомобили во историјата.

Каросеријата е слична на цигара. Техничарите тогаш немаа на располагање воздушни тунели за да испробуваат различни форми и да ја најдат таа што најлесно ќе се пробива низ воздухот.

Носот е заоблен, потоа следи долго растојание до возачкото седиште, па опаш што се собира. Покрај место за возачот, има место и за механичарот, помало. Гумите се збунувачки тенки, но и тоа е мерка за да се подобри аеродинамичноста. Дрвените тркала се најверно сведоштво за нивото на автомобилскиот развој во тоа време.

Од хаубата штрчат четири дебели издувни цевки. Тоа е знак дека долу има изобилство од коњски сили. Придушувачки лонец за звукот од моторот? Не постои. Кога Блицен-Бенц работи, земјата се тресе. Моќноста се пренесува до задните тркала преку големи запченици и цврсти ланци. Моторот пали со курбла.

Овој автомобил буквално ги помести границите. Тоа беше и целта. Тој е прв автомобил со мотор со внатрешно согорување што надмина брзина од 200 километри на час. Рекорд. Изработени се само шест примероци, постојат уште четири.

На преодот од 19-от во 20-от век Бенц и Цие е најголем производител на автомобили во светот. Возилата од Манхајм се прочуени. Тие се практични, издржливи, па и достапни. Така бара Карл Бенц. Неговите возила не мора да се најбрзи и најсилни. Конкуренцијата мисли поинаку. Тоа се однесува и на Даимлер Моторен Гезелшафт, кусо ДМГ. Тие ги користат спортските успеси за да ги рекламираат своите автомобили пред купувачите. Бенц почнува да го губи пазарот.

Компанијата на Карл Бенц решава да ги смени нештата. Тие почнуваат да работат на најбрзиот автомобил во светот, што ќе биде побрз од воз и од авион. Автомобилот мора да надмине далеку 200 километри на час. Најбрзиот воз во светот во 1903 година јури со 203 километри на час. Автомобил со погон на пареа во 1906 година достигнува 205,44 километри на час.

Работењето на проектот почнува рано во 1909 година. Основа е моторот од тркачкиот Бенц 150 ПС. Зафатнината се зголемува на 21,5 литри и моќноста расте на 200 КС при 1.600 вртежи во минута. Моторот е огромен и тежи 407 килограми. Марката соодветно го именува автомобилот Ренваген Бенц 200 ПС.

Напорната работа се исплати. Постигната е брзина од 205,666 километри на час на делница од половина милја и 202,648 километри на час на делница од еден километар, со летечки стартови. Овие просечни брзини на 8-ми ноември 1909 година ги постигнува фабричкиот возач Виктор Емери, на тркачката патека во Бруклендс. Првпат во Европа е надмината брзина од 200 километри на час, првпат со мотор со внатрешно согорување.

Во 1910 година, рекордерот е испратен со брод во Америка. Сопственикот Ернест Ерни Морос го именува „лајтнинг бенц“. Преведено на германски, името станува „блицен бенц“. На 16-ти март 1910 година, Барни Олдфилд во Дајтона постигнува 211,97 километри на час по една милја со летечки старт.

Бенц 200 ПС има уште потенцијал. На 23-ти април 1911 година, Роберт Р. Боб Бармен во Дајтона постигнува 228,1 километри на час, на преработеното возило. Тоа е двапати побрзо од тогашните авиони и побрзо од секој воз. Блицен-Бенц останува најбрз автомобил во светот во следните осум години.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ланчиа Ипсилон имаше неочекувана премиера – многу водена

Dacia Spring Electric

Кинеските автомобили на Дачиа, Тесла и МГ ќе останат без субвенции во Франција