за

Кинеските автомобили на Дачиа, Тесла и МГ ќе останат без субвенции во Франција

Новите закони ја земаат предвид и емисијата на ЦО2 од производството, поради што кинеските автомобили што се произведуваат со струја од јаглен излегуваат од трка.

Dacia Spring Electric

Три модели на електрични автомобили што се меѓу најпродаваните во Франција – градскиот модел Дачиа Спринг, лимузината од средна класа Тесла Модел 3 и компактот МГ4, исклучени се од субвенциите за електрични автомобили во земјата. Франција воведе нови услови и предност им дава на електричните автомобили што се произведени во Франција и Европа.

Сите три модели се произведуваат во Кина и се увезуваат во Франција. Со новите барања што се објавени годинава, се зема предвид и емисијата на ЦО2 што се испушта при производството на автомобилите.

Возилата што се произведени во Кина, каде што главнината од енергијата се произведува со користење фосилни горива, главно јаглен, заостануваат значително во поглед на емисијата на јаглероден диоксид.

Европската Комисија и дел од производителите на автомобили изразија загриженост поради напливот од евтини автмобили од Кина, посебно електрични автомобили. Овие автомобили го одземаат делот од пазарот што им припаѓа на автомобилите што се произведенби во Европа. Комисијата отпочна истрага за поддршката што домашните производители на електрични автомобили ја добиваат од Пекинг. По истрагата, можно е да се воведат нови царини за кинеските автомобили.

На списокот на автомобили што ги исполнуваат условите за субенциите, што француската влада го објави во четвртокот, се наоѓаат 24 батериски електрични автомобили од марките на концернот Стелантис и уште пет автомобили од групацијата Рено.

Тесла Модел Ипсилон, што се произведува во Германија, може да се субвенционира, но не и Тесла Модел 3 што доаѓа од Кина. Слично е со Смарт #1, што се произведува во Кина, додека Смарт ФорТу е од француска продукција и ги исполнува условите за субвенција.

Други модели што се произведени во Кина, како што е БМВ иИкс3, излегуваат од програмата за субвенции, затоа што се прескапи.

Исклучувањето од субвенциите е сосем извесно дека ќе се одрази врз продажбата. Тоа за Ројтерс го изјавија менаџери од МГ Моторс.

Во Дачиа не се премногу загрижени од тоа што Спринг ќе ги изгуби субвенциите во Франција, затоа што моделот се продава и во други земји во Европа. Од следната година, моделот почнува да се продава и во ОК.

Дачиа Спринг, 15-от најпродаван модел во општа конкуренција на француискиот пазар, од јануари до ноември се продаде во вкупно 26.951 примероци. Тоа е воедно најевтиниот батериски електричен автомобил во Европа, со цена од околу 20.000 евра, без субвенциите. Спринг е втор најпродаван електричен автомобил во Франција по Тесла Модел Ипсилон.

Тесла Модел 3 е на 20-то место, со продадени 19.749 возила до ноември. МГ4 е 27-ми најпродаван модел во Франција, со вкупно 15.934 примероци и четврто место меѓу електричните автомобили.

На целиот европски пазар, до ноември се продадени 63.051 примероци од Модел 3, потоа следат 52.250 примероци од МГ4 и 48.954 примероци од Дачиа Спринг.

Бруно Ле Мер, француски министер за финансии, порачува дека новите закони за субвенционирање се наменети, за производителите на автомобили да ги поттикне да испуштаат помала количина ЦО2 при производството.

„Стотици милиони евра јавни пари се потрошени на возила со многу низок карбонски отпечаток“, кажа министерот во изјавата во четвртокот. „За да ги исполни условите за бонусот, електрично возило мора да има ограничено влијание врз животната средина, вклучувајќи ги производството и транспортот.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Блицен-Бенц во 1909 беше најбрз во светот со преку 200 километри на час

Фиат е Титан во Латинска Америка и Африка