за

40 години од првиот Porsche 911 Turbo

Турбото е заштитен знак на Porsche. Првата генерација на 911 Turbo со 260 КС беше страв и трепет на патиштата во 1970-те

Porsche го претстави првиот 911 Turbo во 1974 година, со 260 КС и крајни 260 km/h. Никој друг автомобил од германска продукција не беше побрз, посилен – и секако, поскап.

Турбополначот му овозможи на Porsche да стекне голема предност пред конкуренцијата во средината на 1970-те години. Оттогаш, Porsche е синоним за оваа техника. Турбото им даваше дополнителна сила на топ-моделите во сериите 924, 944, ви сите генерации на 911, и денес се активни како никогаш до сега во актуелниот 911, во Cayenne, Macan и Panamera. Карактерот на присилното натполнење целосно се смени во четирите децении досега. Полначите се основата на „даунсајзингот“, односно на актуелниот тренд на смалување на моторите и надоместување на работната зафатнина со примена на турбонатполнење.

BMW го воведе турбото две години пред Porsche. BMW 2002 turbo е еден од најбезобразните: „turbo“ во предниот спојлер е наопаку, за другите да читаат во ретровизорот
BMW го воведе турбото две години пред Porsche. BMW 2002 turbo е еден од најбезобразните: „turbo“ во предниот спојлер е наопаку, за другите да читаат во ретровизорот
На Porsche му припаѓа честа за пробивањето на турбонатполнењето во автомобилите од сериското производство. Но, две години порано, BMW го претстави легендарниот 2002 turbo, како прв сериски автомобил со турбо. Со 170 КС, претходникот на денешната серија 3, во тоа време ги преплашуваше многу поголемите и поизвикани имиња од него.

Сите генерации на 911 го имаат Turbo како топ-модел, од 260 КС во 1974 до 560 КС во 2014
Сите генерации на 911 го имаат Turbo како топ-модел, од 260 КС во 1974 до 560 КС во 2014

Но, кој е пронаоѓачот? Ниту баварците, ниту пак швабите, туку еден Швајцарец. Уште во 1905 година, швајцарскиот инженер Алфред Бихи го патентираше турбополначот. Бихи откри дека степенот на ефикасност на конвенционалните мотори со внатрешно согорување е премногу низок. Две третини од хемиската енергија што ја поседува погонското гориво се губи како топлина, преку издувните гасови. Идејата на Бихи: Со доплината и кинетичката енергија на струењето на издувните гасови да се задвижува турбина, којашто компримираниот воздух го внесува под притисок во коморите за согорување. Неговиот прв турбо-мотор од 1925 година имаше за 40 проценти повисока моќност во споредба со атмосферски мотор.

Првиот „Turbo“ од 1974 година. 260 КС и потрошувачка до 35 литри
Првиот „Turbo“ од 1974 година. 260 КС и потрошувачка до 35 литри

Уште од пионерските денови на Готлиб Дајмлер и Карл Бенц, инженерите сонуваат преку натполнење да постигнат повисока силина од моторите со внатрешно согорување. Станува збот за едноставна хемиска реакција. Колку повеќе воздух се внесува во коморите за согоривање, толку е поголем бројот на молекули на кислородот што се спојува со молекулите на јаглеводород – од коишто главно се состои погонското гориво – и создава запалива смеша. На тој начин расте моќноста. Бидејќи дотокот на воздух е ограничен физички со протокот на гасовите во атмосферскиот мотор, помага само дополнителен притисок – преку полнач.

Широкиот опаш и масивниот заден спојлер - активен во актуелчната генерација - се заштитни знаци на 911 Turbo
Широкиот опаш и масивниот заден спојлер – активен во актуелчната генерација – се заштитни знаци на 911 Turbo

Долго време за натполнењето се користеа механички полначи или компресори, коишто имаат голем недостаток. Тие буквално „проголтуваат“ огромен дел од моќноста на моторот за потребите на сопствениот погон. Турбото го нема тој проблем, како погонска енергија му е доволна моќта на издувните гасови. Овие гасови ја задвижуваат малата турбина, којашто преку вратило ја пренесува моќта на друга турбина што го компримира свежиот воздух и под притисок го внесува во коморите за согорување. Од Porsche 911 Turbo S со 560 КС и мотор од 3,8 литри до Ford Fiesta 1.0 Ecoboost со трицилиндарски мотор со 140 КС, турбополначот денес се користи во сите класи и незаменлив е за намалување на потрошувачката и емисијата на штетни материи.

Малечок уред со голем ефект. Развојот на денешните мотори не може да се замисли без турбополначот
Малечок уред со голем ефект. Развојот на денешните мотори не може да се замисли без турбополначот

Патот на турбото до успехот не му беше послан со ружи. Првите турбомотори во сериските модели, најблаго кажано, беа по малку необични во секојдневието. До 3.000 вртежи не се случуваше ништо, затоа што на турбината ѝ беше потребен силен притисок на издувните гасови за да ја надмине сопствената инерција, односно за да се задвижи. А кога тоа ќе се случеше, моќта од моторот ги напаѓаше задните тркала толку брутално што беше неопходна искусна возачка рака на воланот, за да се спречи извртување на опашот. Турбото имаше уште една мана. Под полно оптоварување, првата генерација на Porsche 911 Turbo трошеше и по 35 литри на сто километри.

„Срцата“ на 911 Targa и 911 Turbo од 1978 година во споредба
„Срцата“ на 911 Targa и 911 Turbo од 1978 година во споредба

Полначот се врти со 200.000 вртежи во минута при полна гас, односно 3.333 вртежи во секунда. При таа брзина, надворешните рабови на лопатките на полначот постигнуваат брзини меѓу 1.200 и 1.500 km/h. Преку вградувањето непосредно до моторот, во гранката, како и со варијабилната геометрија на полначот, турбомоторите се одвикнаа од ненаситната жед.

Почесно место во музејот за Porsche 959 и 911 Turbo Flachbau
Почесно место во музејот за Porsche 959 и 911 Turbo Flachbau

Porsche не се разделува од турбото веќе 40 години. Шестцилиндарските боксери со присилно натполнење отсекогаш биле заштитен знак за топ-моделите во сите генерации на серијата 911. Овие модели се распознаваат однадвор по широкиот опаш и големиот заден спојлер, којшто е неопходен за создавање дополнителен притисок врз задната оска. Од 1978 година, 911 Turbo има 300 КС и 3,3 литри зафатнина. Кај 964, третата генерација на 911, моќноста се качи на 360 КС. Генерацијата 993, произведувана до 1998 година, постигнуваше 450 КС, Turbo од петтата генерација стигна до 480 КС. Верзијата Turbo S на актуелната генерација 991 вози со 530 КС.

Тркачот 935 Turbo со 849 коњски сили во опашот. Посилен од него беше 917/39 Spyder од 1973 година, со 1.570 КС
Тркачот 935 Turbo со 849 коњски сили во опашот. Посилен од него беше 917/39 Spyder од 1973 година, со 1.570 КС

Без турбомоторите, Porsche немаше да постигне толку голем успех во мотоспортот во 1970-те години. На 5,4-литарскиот дванаесетцилиндарец во 917/39 Spyder од 1973 година му беа измерени 1.570 КС на пробна рампа. Овој рекорд за тркачките мотори е ненадминат до денес. Тркачкиот Porsche со овој мотор забрзување за 11,3 секунди до 300 километри на час. Уште еден незаборавен херој од тркачките патеки е 935, којшто меѓу 1976 и 1981 година постигна безброј победи со 849 КС во опашот. На крајот следува и 956/962 од периодот меѓу 1984 и 1991 година, како најуспешен тркачки автомобил на сите времиња во групата C.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Американците бараат повисоки брзини на автопатиштата

Opel во паника: Шефот Нојман со писма до 300 менаџери