за

Топ 10 автомобилски трендови во 2018 година

автомобилски трендови 2018 година 1

За летечки автомобили и компјутери што го преземаат воланот уште е прерано, но затоа во 2018 година ќе имаме уште повеќе теренски модели, електрични автомобили – и симнување на дизелот од тронот. Трендовите на локално ниво не се толку напредни, но сите се насочени кон иста цел – постигнување средина со воздух што е здрав за дишење.

Еден и единствен тренд што ќе ја одбележи автомобилската 2018 година не постои. Браншата е активна на сите фронтови и гледа колку е можно подобро да го држи чекорот со барањата на купувачите, кои постојано се менуваат и се прошируваат со нови. Не постои еден тренд, туку милион трендови. Дигитализација, конективност, електрификација, автономно возење, мобилни услуги. Автомобилскиот свет се менува како никогаш досега.

Неколку трендови сепак може да се издвојат. Во редакцијата на Automedia погледнавме во кристалната топка и ги издвоивме 10-те трендови коишто сметаме дека ќе бидат најважни во 2018 година.

1. Теренците продолжуваат со уште пожестоко темпо

Автомобилите што ги водиме како СУВ и ги дефинираме како сакам-да-бидам теренци ќе продолжат да го освојуваат пазарот и во новата година. Малкуте преживеани ванови ќе добијат теренци како наследници (меѓу нив и Focus SUV како замена за C-Max). Пристига и Lamborghini Urus, како доказ дека ниту највредната традиција не е доволно вредна да се жртвува за голем профит. По првиот суперспортски теренец следи и првиот кралски теренец, Rolls-Royce Cullinan. Марките почнуваат да додаваат и купе-теренци, спортски верзии, продолжени верзии.

Сегментот на теренците и натаму ќе биде сегмент со најголем раст на пазарот. Но, колку што производителите се радуваат од заработката – СУВ моделите се продаваат најмалку две три илјади евра поскапо од класичните комбилимузини, а производството им е незначително поскапо – толку имаат причина и за загриженост. Теренците трошат повеќе, а со тоа испуштаат и повеќе СО2. За три години производителите ќе се соочат со лимитот од 95 грамa CO2 на километар. За секој грам над овој лимит, Комисијата на ЕУ ќе наплаќа по 95 евра – по продадено возило. Во меѓувреме е на сила и новата норма за одредување на фабричката потрошувачка, којашто е поблиску до реалноста и претставува дополнителен предизвик за производителите.

2. Расте досегот на електричните автомобили

Повеќе нема двоумење дали електричните автомобили ќе се пробијат на пазарот. Возењето на струја станува реалност, годишната продукција на батериски и плаг-ин хибридни автомобили веќе надмина еден милион примероци. Тоа е капка во (нафтеното) море, затоа што на еден електричен автомобил се продаваат 80 со конвенционален погон. Но, автомобилскиот свет си постави цел и се движи кон неа. Nissan Leaf, најпродаваниот електричен автомобил во светот, во актуелната генерација минува најреални 250 километри со едно полнење. Наскоро ќе му се придружи и верзија со поголема батерија и соодветно поголем досег. Големите теренци што пристигаат годинава од Audi и Jaguar ќе возат и до 500 километри без запирање – колку Tesla.

Трендот е јасен: Батериската техника напредува, расте и продукцијата, а со тоа и цената на батериите. Производителите имаат избор да понудат поевтини автомобили на струја или да го зголемат досегот без поскапување. Најдобар пример за тоа е последното моделско освежување на BMW i3. Добредојдено освежување на сцената се автомобилите од стартап-компаниите (e.Go Mobile).

3. Плаг-ин хибридите (навистина) се возат на батерии

Околу автомобилите што не се ниту хибриди ниту електромобили секогаш постои сомнеж дека се купуваат само поради субвенциите во повеќето европски држави. Крајната цена на плаг-ин хибридите е пониска од моделите со конвенционален погон, но во секојдневието тие и натаму се користат како обични автомобили. Возачите не ги полнат батериите, па соодветно на тоа и не ги искористуваат триесетината километри што им стојат на располагање со полни батерии. Нема придобивка за животната средина, субвенциите се бескорисни во тој поглед. Холандија поради тоа ги укина субвенциите.

Една студија од реномираниот институт Фраунхофер сепак им го обелува образот на плаг-ин хибридите. Податоците од преку 120.000 илјади автомобили во САД и Германија покажаа дека и батериските автомобили и плаг-ин хибридите се возат подеднакво на струја, односно по 15.000 километри годишно. Тоа е потврда дека погонот е прифатен од возачите, но и потврда дека истиот придонесува за намалување на емисијата на штетни материи. Плаг-ин хибридот е речиси задолжителен кај новите генерации модели, вклучувајќи го меѓу другото и новиот Porsche 911, кој пристига годинава.

4. Дизелот заминува неповратно

Дизелот континуирано и прогресивно ќе исчезнува, сите регистри што се однесуваат на продажбата и сообраќајот на возилата со дизел мотор ќе покажуваат опаѓачки тренд во 2018 година. Европското „чудо од мотор“ повеќе нема заштита од политиката, на производителите не им преостанува друг излез освен зголемување на уделот на модели со електрифицирана погонска спрега во понудата. Во моделите од пониските класи повеќе не се исплатува вградување дизел мотор. Неопходната техника за пречистување на издувните гасови едноставно станува прескапа, а со тоа и моделите со дизел мотор под компакт класата. Дополнителен удар е ограничувањето на сообраќајот за дизелите во централното подрачје во повеќето европски метрополи, како и оптоварувањето со високи давачки при регистрација. Сето тоа води кон намалување на интересот за моторот што последните две децении ги одживеа во сопствената кулминација на автомобилската сцена.

5. Дигитализација, мобилни услуги, конективност

автомобилски трендови 2018 година 1

Зошто производителите толку притискаат во подрачјата за коишто до неодамна ни се чинеше дека немаат ништо заедничко со автомобилите? Одговорот пристига чисто и недвосмислено во 2018 година. Затоа што во отсуство на нови погонски технологии и по исцрпувањето на сите трикови во подвозјето и во конструкциските материјали, на купувачите сепак мора да им се понуди „нова“ технологија. Тоа што некогаш ни значеше мотор со нова технологија или филигранско водење на тркалата што гарантира врвни возни својства, денес е претворено во голем дисплеј што верно го отсликува корисничкиот интерфејс од паметниот телефон, надополнето со услуги што производителот им ги нуди на своите клиенти. Автомобили без опција за поврзување на интернет или без подршка за оперативниот систем на паметниот телефон повеќе не може да се најдат во понудата на главните марки.

А, кои се трендовите што ни претстојат на автомобилската сцена и во возачкото секојдневие во Македонија во 2018 година?

6. Привилегии за автомобилите со ниска емисија на штетни материи

Сосем е извесно дека во Македонија годинава ќе се води релевантна дискусија околу влијанието на возилата врз загадувањето на животната средина. Првиот чекор што е неопходно да се превземе во таа насока е воведување класификација на возилата според степенот на загадувањето. Во нашата држава отсуствува каков било систем што ќе ги разликува еколошките од нееколошките возила, што обично се постигнува со еко-вињети. Поради тоа не може да се воведе ниту регулација на сообраќајот, којашто би ги исклучила овие вториве во денови со енормна загаденост на воздухот или би им го оневозможила пристапот во еколошки заштитени подрачја во градовите. Актуелниот систем ги ограничува сите.

Неопходна е експертска дискусија околу акцизното ослободување за хибридните возила, коешто ќе биде ефективно и за моделите од подостапните ценовни категории, а не само за најскапите (конкретно, Toyota Yaris Hybrid чини 17.290 евра, додека со „европска“ субвенција би чинел околу 14.000 евра). Бесплатен паркинг, ослободување од патарина, пониски трошоци за регистрација, воведување еколошки заштитени подрачја – тоа се темите што конечно заслужуваат да им се посвети внимание. Откако ќе се постават основите, дури потоа може да се разговара за батериски, водородни, соларни, „нуклеарни“ и какви било автомобили со нулта емисија на штетни материи. Дотогаш, да се надеваме дека ќе минат години, не децении.

7. Прифаќање на ограничувањата во сообраќајот

Викенди без сообраќај во еколошки заштитени подрачја, забрана за достава во централното градско подрачје, поскапување на паркирањето, зголемување на акцизата за дизелот – тоа се најблагите рестрикции што европските градови ги имаат воведено уште пред деценија (или неколку), со цел да ја зачуваат животната средина. Тоа што десетина години наназад не само што остануваше запоставено, туку и беше свесно погазувано, конечно станува реалност во нашата држава.

Енормната загаденост на воздухот во сите поголеми македонски градови нема да исчезне со завршувањето на зимава. Македонија конечно треба да започне борба против навиките, комоциите и дилетантизмот коишто доведоа до актуелното загадување. Користењето на јавниот превоз треба да биде проследено со свеста дека еден автобус заменува стотици автомобили на улица – автомобили што загадуваат. Возењето велосипед и ослободувањето простор за патеки ќе наидат на најширока прифатеност дури откако ќе бидеме уверени дека воздухот што го дишиме не е отровен. Кога утре службени лица ќе нé запрат или ќе ни побараат дополнителна давачка, затоа што возилото не исполнува одредена еколошка норма, тоа не треба да води кон напаѓање на политиката или кон дебилни поплаки по социјалните медиуми, дека „загадувањето е природна појава, а природата не може да се победи.“

8. Надминување на заблудите околу изворите на загадувањето

Во 2018 година конечно мора да се посочи вистинскиот извор на загадувањето и конечно да се слушне оцената на вистинските експерти. Палење депонии, горење искористено масло, отворен оган, радиоактивен отпад, фабрики што испуштаат токсични материи додека сите спијат, светски заговори … Навистина? Единствената вистина е дека Македонија е изгубена во оваа токсична материја што ја создадовме околу себе.

Вината не треба да се бара во зашеметеноста на експертите од енормното загадување, којашто ги оневозможува да ургираат и да посочат кон вистинскиот извор на загадувањето, туку во самозадоволувачките процени на егзибиционистички настроени ликови по телефон-телевизиите, кои се наоѓаат повикани да го анализираат проблемот со загадувањето, а притоа да не сносат последици. Еколозите сметаат дека машините за миење садови не треба да се вклучуваат полупразни, додека вики-научниците доаѓаат до сензационално откритие дека излезот е во електричните автомобили. Меѓу овие две крајности се наоѓа неиздржана студија, втемелена врз сервирани податоци.

Фактите говорат друго: Бројот на возила со дизел мотор е зголемен двојно за само половина деценија. Возилата со низок квалитет на издувни гасови ни пристигаат од европските држави, кои со високи давачки ги спречуваат граѓаните да ги регистрираат и да ги возат истите. Соодветно е зголемена и потрошувачката на дизел. Возилата не поседуваат филтер за честички. „Специјализирани“ сервиси премостуваат сензори, вентили, катализатори, компјутери, чијашто функција е да ги пречистуваат штетните материи од издувните гасови.

9. Нов бран на увоз на стари автомобили со ниска еколошка норма

Наспроти енормното загадување, продолжува увозот на користени автомобили што не ги задоволуваат актуелните норми за заштита на животната средина. Не само што продолжува, туку и се интензивира. Во периодот од јули до октомври, лани биле увезени 8.269 користени патнички автомобили, наспроти 5.538 автомобили во истиот период во 2016 година. Тоа е повеќе од солиден раст од 50 проценти. Бранот потекнува главно од ослабнатиот интерес за стари дизели на германскиот пазар. Дилерите со месеци не можат да најдат купувачи, мирувањето на возилото на плац претставува трошок, цената на возилата паѓа драстично.

Нормата Euro IV е премалку ригорозна во поглед на емисијата на честички. Таа стапи на важност за автомобили произведени по 1-ви јануари 2005 година, со петпати повисока дозволена количина на честички PM во споредба со нормата Euro V (со важност од септември 2009 година). Емисијата на честички PM во реални услови на возење е неколкукратно повисока од вредноста што производителите ја мерат во лабораторија.

Тоа значи: Погрешно е верувањето дека нормата Euro IV е решение за проблемот со загадувањето.

10. Тренд на немање тренд

Покрај сите промени коишто се случуваат во автомобилската бранша на глобално ниво, повеќето од нив во насока на заштита на животната средина, и покрај долгогодишниот проблем со енормната загаденост на воздухот во поголемите македонски градови, и натаму отсуствува каква било државна политика којашто ќе одржува чекор со промените.

Акциза и царина зависно од цената на автомобилот, данок, давачки за патен фонд и комунална такса кои се одредуваат според зафатнината на моторот и еколошка такса во зависност од моќноста на моторот (?) – автомобилска Македонија уште живее во 80-те години. Тренд на немање тренд.

Пример, Словенија. При купување автомобил се плаќа ДДВ од 22%. При првото регистрирање на возилото се плаќа такса за моторно возило, којашто се одредува во проценти, во зависност од цената на возилото и емисијата на СО2. За возило со бензински мотор и емисија на СО2 до 110 g/km, таксата изнесува 0,5% од вредноста на возилото, додека за возила со дизел мотор, стапката е 1%. Доколку возилото има емисија на СО2 меѓу 231 и 250 g/km, таксата изнесува 23%, односно 26%, соодветно за бензин и дизел. Во случај возилото да има послаба норма од Euro 3, таксата се зголемува за 10% (5% за Euro 3 и 2% за Euro 4).

Државната субвенција за електрични автомобили изнесува 7.500 евра, односно 4.500 евра за плаг-ин хибридни возила со емисија на СО2 под 50 g/km.

Во некои стари времиња, постоеше универзален коментар за сите пригоди и поплаки: „Нашиот стандард не е толку висок.“ Доколку шестотини милиони евра, колку што чинеше еден град во 2014 година, беа насочени во субвенции во висина од по 5.000 евра по возило, во цела Македонија денес ќе се возеа 120.000 нови и чисти автомобили. Сé уште не електрични, но чисти.

Среќна Нова 2018 Година и многу среќа во наоѓање чист воздух!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche 911 Nr57

Ова е најстарата 911-ка во сопственост на Porsche

електрични автомобили германија

Германците ниту со пари не се тераат да возат на струја