за

Овие автомобилски новитети ни пристигаат во 2018 година

нови модели во 2018, audi e-tron quattro concept

Голем број нови модели ќе се појават на автомобилската сцена в година. Некои моделски имиња држат високи позиции во продажните статистики, но има и модели што внесуваат нови правила на игра, како електричните теренци Auto e-tron quattro и Jaguar I-Type.

Најважниот новитет во 2018 година пристига од марката од Инголштат. Електричниот теренец Audi e-tron quattro ќе се спротивстави на Tesla Model X со батерија од 95 киловатчасови и досег до 500 километри со едно полнење. Тоа ќе ја прекине доминацијата на калифорнискиот електромобил во овој сегмент. Со моќност од 435 КС, односно краткотрајно преку 500 КС, како и со вртежниот момент од 800 њутнметри, e-tron quattro ќе им одржува лекции и на автомобили со обичен погон. Купувачите ќе имаат избор од неколку верзии со различен капацитет на батеријата, меѓу 70 и 105 киловатчасови. Но, Audi не е единствената марка што стартува со електричен теренец в година.

Jaguar I-Pace Concept
Jaguar I-Pace

Jaguar исто така започнува со продажба на спортскиот теренец I-Pace, кој подеднакво привлекува и со техниката и со изгледот. Триото теренци на батерии го заокружува Mercedes EQC, како прв од седумте модели од генерацијата EQ планирани до 2022 година. Платформата потекнува од GLC, со комплетно различен дизајн на каросеријата и со најмалку два електромотора во основната изведба. Цените ќе стартуваат веќе од 50.000 евра.

Италијанците ќе ја претстават новата генерација на Alfa Romeo Giulietta

Од марката од Штутгарт пристига уште еден важен новитет. Mercedes A-Class влегува во нова генерација. Во концептот не се менува ништо драстично, затоа што таму сé функционира. Alfa Romeo Giulietta во новата генерација ќе ги освојува купувачите што ги обожуваат предизвиците на задниот погон – кои повеќе не им ги нуди серијата 1 на BMW. Италијанците имаат уште еден новитет, комби изведба од Giulia.

Ford Focus IV

BMW сепак не смее да отсуствува од врвот во компакт класата и го пушта M2 CS со моторот од M4 со 410 КС. Екстремните перформанси му лежат и на Ford Focus, но в година прво ќе се појави стандарната постава од четвртата генерација на моделот, па дури потоа RS. Нови генерации ќе имаат и Kia cee’d и Mazda 3. Најголемата трансформација во споредба со претходникот сепак ќе следи кај новиот Toyota Auris. Јапонскиот компакт за Европа ја користи револуционерната платформа TNGA, исто како Prius и C-HR. Хибридниот погон останува специјалност на овој модел. Заедно со новиот A-Class пристига и компактниот ван Mercedes B-Class, вклучувајќи посмел дизајн во споредба со сегашниот модел.

Fiat го разви новиот Punto како глобален модел

По дванаесет години конечно следи нов Fiat Punto. Со цена под десет илјади евра, италијанската марка повеќе фаќа насока кон Dacia. Ист модел ќе се нуди на глобалниот пазар, со незначителни измени во изгледот и под различно име. Новиот Punto практично нема да се разликува од тоа што веќе се вози во Бразил како Fiat Argo. Французите го пуштаат новиот Peugeot 208, изработен врз заедничка платформа со кинескиот партнер Dongfeng. За фановите на премиум марките пристига нов Audi A1 во верзија со пет врати.

Fiat Argo

Наесен следува жестоко соочување меѓу Минхен и Штутгарт. Тогаш пристига новата серија 3 на BMW, а Mercedes контрира со фејслифт за C-Class. Има голем број новитети во средната класа. Citroen веројатно со право го држи во тајност новиот C5, за когошто се најавува подинамична форма. Премиерата е на салонот во Париз. Ford Mondeo ќе го добие фејслифтот на неговиот близнак од другата страна на океанот, додека Mustang наскоро стартува со преработени мотори и неколку промени во изгледот. Се спомнува и враќање на спортската изведба ST во гамата на Mondeo.

Audi A6 го комплетира моделското освежување на германското премиум трио во вишата средна класа

Уште еден важен новитет од Audi следи во вишата средна класа. Новиот А6 ќе се ориентира според дизајнот на поголемиот A8, во техниката следат суштински промени. Премиера следното лето. Jaguar XJ повторно ќе се обиде да го размрда триото 7/S-Class/A8. Французите веќе одамна не парираат во оваа класа, па затоа и нов Peugeot 508 им е доволен. Skoda Superb ќе добие фејслифт, но само заради одважност, затоа што покрај Passat е единствен не-премиум модел што постигнува успех во средната класа. Доколку купувачите не го обожуваа толку теренецот XC60, веројатно и лимузинскиот Volvo S60 ќе се избореше за врвните места во својот сегмент. Следи нова генерација, нејзиното појавување заслужува повеќе внимание.

bmw x2

Audi се занимава и со најмалечкиот Q и ја подготвува спортската верзија SQ2, со погон на сите тркала и со моторот што во S3 испорачува 310 КС. Следува и комплетно нова генерација на компактниот Q3, којашто ќе порасне на 4,5 метри. BMW возвраќа со X2 една класа подолу, како купе изведба врз база на X1, чијшто изглед јасно цели на помладите купувачи. По само четиригодишна продукција следува генерациска смена кај купе-теренецот X4, кој ја користи техниката од новиот X3.

Lada xCode како конкурент на шминкерскиот Citroen C4 Cactus

Citroen C4 Cactus продолжува како шминкерска опција, но добива и конкуренција, и тоа од руската Lada и нивниот xCode. Се богатува и понудата од кросовери на Peugeot, со новиот 1008, кој логично ќе биде позициониран под 2008. По премиерата во Шангај, в година пристига и Citroen C5 Aircross, со иновативна амортизација во замена за хидропнмевматиката кај поранешните модели. Ford C-Max станува CUV. Пазарот повеќе не се интересира за ванови, но затоа е ненаситен за кросовери. Volkswagen прави чекор понапред и го претставува Tiguan Coupe. На трендот на спортски кросовери се придружува и T-Cross, на база на Polo.

Премиум марката на Nissan се надева на поголем интерес на европскиот пазар за новиот кросовер Infiniti QX50, додека Seat ќе претстави спортски теренец над Ateca. Шпанците побараа публиката да го избере името, но во меѓувреме се гласаше и за независноста на Каталонија, такашто името ќе биде познато дури при салонската премиера. Skoda релаксирано додава RS-варијанта на пазарниот хит Kodiaq. Големо освежување во сегментот ќе донесе третата генерација на Volkswagen Touareg, драстично полесна од претходната. Jaguar се јавува со уште спортски теренец, J-Pace. Тој има задача да се вмеша во пазарната битка со X5, Q7 и GLE.

Премиера на G-Class веќе во јануари на салонот во Детроит

Jeep Wrangler продолжува да вози како класичен теренец, но нема да биде сам. По четири децении Daimler ќе претстави комплетно нова генерација на Mercedes G-Class. Кутиестиот дизајн останува, но сé друго се менува со последна технологија. Врвни теренски својства се обезбедени, исто како и комфор. Премиерата е веќе во јануари, во Детроит. Се предвидува и луксузна верзија под знакот на Maybach.

Mercedes G-Class

Комплетно поразлична ориентација има Lamborghini Urus, когошто Сант Агата го класифицира како прв суперспортски теренец во историјата. Следи и Audi Q8, како луксузна купе-верзија на Q7. Во сегментот кадешто претекува профитот пристига и нов Mercedes GLE, со поголема каросерија во споредба со сегашниот модел. BMW одговара со X7, но крајниот збор го има Rolls-Royce Cullinan. Фановите сепак ќе се израдуваат повеќе на теренецот од спротивниот крај – се очекува и новиот Suzuki Jimny.

Голем број нови модели и во сегментот на спортистите

Индустријата работи и на своите спортски модели. Многу се очекува од серијата 8 на BMW, како престижно купе со манири на гран-туризмо. Од соработката со Toyota следува и нова генерација на родстерот Z4, односно на купето Supra. Неопходната доза свеж воздух за задишаните адреналински зависници ја обезбедува Nonda NSX Roadster. Ѕвезда во сегментот, но далеку од продажбите на теренците на Porsche, ќе биде новиот 911 од генерацијата 992 – првпат ќе има и верзија со хибриден погон. Американците ја продолжуваат традицијата на Corvette ZR1. Почнуваат испораките на Ferrari Portofino, следи и верзија на AMG GT со четири врати, соодветно означена како Mercedes-AMG GT4. Кај Audi ќе се случува фејслифт на TT, нов RS5 Cabrio и нов A7 Sportback. Како заокружување на списокот на новитети за следната година, стартува и продажбата на Mercedes CLS.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

car2go severna amerika

Еден милион корисници на car2go во Северна Америка

toyota електрични автомобили

Toyota подготвува десет електрични автомобили за 2020