за

Mercedes ќе го произведува електричниот EQ во фабриката во Бремен

Во 2019 година од фабриката на Mercedes во Бремен ќе излезе првиот електричен автомобил од подмарката EQ. Овие погони ќе се специјализираат за новите погонски технологии на германскиот гигант.

Шефот Дитер Цече денес потврди дека првиот електричен автомобил од новата подмарка EQ ќе влезе во производство во 2019 година во погоните во Бремен. Серискиот модел ќе се базира врз концептот EQ, со каросерија на купе-теренец, којшто беше претставен во септември на салонот во Париз. Батериите ќе испорачуваат енергија за 500 километри возење, додека самиот автомобил ќе воведе ново поглавје во поглед на безбедноста, комфорот, функционалноста и поврзувањето во мрежа.

Новата марка EQ е дел од стратегијата што Mercedes ја води како CASE. Кратенката произлегува од четирите стратешки подрачја: Connected (поврзување), Autonomous (автономно возење), Shared & Services (флексибилно користење) и Electric (електричен погон).

До средината на следната декада ќе се нудат над 10 модели со погон на струја

Планот е до 2025 година Mercedes да нуди над десет електрични возила. Исто како C-Class или E-Class, возилата со погон на струја ќе се произведуваат на четирите континенти на кои што концернот располага со фабрики. Моментно во седиштето во штутгартскиот Унтертиркхајм се проверува со какви можности располага глобалната производствена мрежа за преземање на новите модели со погон на струја. Овие погони ќе се ангажираат зависно од тоа каков интерес ќе покажат локалните пазари во иднина.

Во Бремен се произведуваат десет различни модели, вклучувајќи ги и приклучните хибриди од C-Class и компактниот теренец GLC, а наскоро и првиот автомобил со водороден погон и плагин-технологија во светот, GLC F-Cell. Со преземањето на производството на идниот EQ, фабриката прераснува во центар за иновативните погонски технологии на Mercedes.

Батериите за EQ ќе пристигаат од фирмата-ќерка Accumotive, во чиишто погони во Каменц се инвестираат уште половина милијарда евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi заминува од Леман, новиот предизвик е Формула Е

Dunlop Winter Sport 5 со најдобри резултати на тестовите на зимски гуми