Германските производители не се откажуваат од Кина, заработката е голема

На германските бизнис лидери им се вклучи предупредувачка светилка, дека со потпирањето на Кина ризикуваат крах на економијата. Но, тие го игнорираат црвеното светло.

Производство на електричен и5 во фабриката на БМВ во Дадонг, Кина

Од автомобили до хемиски производи, најголемите германски извозници ги игнорираат препораките од владата и истураат милијарди во нови проекти во Кина, со коишто си ја врзуваат иднината со втората најголема економска сила во светот.

Инвестициите на германските корпорации во Кина пораснаа за 1,3 милијарда евра во 2024 година во споредба со претходната година и достигнаа 5,7 милијарди евра, соопшти истражувачкиот институт на Меркатор за Кина.

Владините претставници, исто така не презедоа ништо за да го сменат трендот. Тие одржуваат состаноци и договараат акциски планови, кажуваат упатени лица. Но, тие и натаму не преземаат чекори за да влијаат врз одлуките за инвестирање во странство. Висок германски политичар иронично спомна дека тоа не било дел од германската ДНК.

На неодамнешните средби, бизнис лидерите и владините претставници си ја префрлуваа вината околу настанатите состојби, но одвај дека понудија решенија, кажуваат анонимни извори.

Останаа неодговорени прашањата, кој ги сноси трошоците од игнорирањето на Кина, дали бизнисите преку намалениот профит, работниците преку отпуштањата, потрошувачите поради повисоките цени или властите што веќе се под силен притисок.

Кина едноставно нуди брз профит што е преголем за да се игнорира, кажуваат познавачи, иако Пекинг може еден ден да реши да го запре пристапот до витални суровини и до својот голем пазар. Директорите немаат намера да го сменат курсот, освен ако Берлин не ги присили или ако не им ги подмири сметките.

Германскиот вицепреиер Ларс Клингбајл, воедно и министер за финансии, во следниот викенд ќе патува за Пекинг на дискусии околу загриженста на Берлин, откако канцеларот Фридрих Мерц јавно ги предупреди компаните за опасностите од нивното врзување со Кина.

Доколку не се преземат чекори, последиците ќе бидат далекусежни. Како што Германија ќе продолжи да ја врзува својата индустрија со Кина, така ќе расте и долгорочното влијание на Пекинг врз најголемата европска економија. Кина може да ја искористи таа моќ за да ја сврти глобалната конкуренција во своја корист или пак да ги потиснува напорите на Европа да влијае врз распоредот на силите во светот.

„Отстранувањето на ризиците не е само од комецијален интерес,“ вели Агата Крац, парнтерка во Родиум Група. „Во спротивно, ќе добиеме свет во којшто Кина ќе може да ја диктира надворешната и економската политика на Европа.“

Производителите на автомобили се главни во ангажманот на Германија во Кина

Автомобилскиот сектор е срцето на ангажманот на Германија во Кина и вложува двојно повеќе.

Производителите на автомобили во просек учествуваа со околу две третини од германските вложувања во Кина, од 2020 до 2024 година, открива Мерикс. Тие вложувања се зголемија во последните години, со раст од 69% од 2023 во 2024 година и со вредност од 4,2 милијарди евра.

Кина денес е најважен пазар за БМВ, Мерцедес-Бенц и групацијата Фолксваген.

БМВ издвои 3,8 милијарди евра за производство на батерии во Шенјанг, со што Кина стана најголем центар за истражување и развој надвор од Германија. Баварците извезуваат електрични СУВ од Кина во Европа. Мерцедес, во меѓувреме се насочи кон Пекинг и почна да развива електрични модели што се наменети само за Кина.

Фолкваген, којшто ја цени Кина како „втор домашен пазар“, исто така потпиша договори со кинески компании, за да го забрза развојот на своите технологии.

Таа шема се пренесува и во другите сектори.

БАСФ, германски хемиски гигант, штотуку отвори комплекс вреден 8,7 милијарди евра во Кина, што им е најголема инвестиција досега. Во минатиот месец, извршиот директор Маркус Камит, кажа дека Кина е клучна за растот на компанијата, посочувајќи дека тој пазар помогнал да се надомести забавеното производство во Германија.

Слична е ситуацијата со Бош, коишто ја продлабочуваат својата зависност од Кина, додека во исто време се отпуштаат работници во Германија.

Германија во последните пет години вложуваше во Кина во просек по 5,2 милијарди евра, што е далеку над просекот од 3,3 милијарди во периодот меѓу 2015 и 2019 година.

Но, скапо е да се бара излез на друго место. Дури и во случај компаниите да најдат други извори за набавка на ретки земјени минерали или чипови, тие ќе плаќаат поскапо отколку во Кина – не само за производите, туку и за новите вериги за снабдување.

Исходот може да биде позитивен ако новите пазари во Северна Америка, Европа и Индија ги надоместат овие инвестиции. Но, потребно е време за тоа, и нема гаранции. Директорите дотогаш ќе избираат меѓу две неповолни опции: Да ги покријат трошоците на сметка на својот профит, да ги зголемат цените и со тоа да ги налутат купувачите, или да отпуштаат работници.

Тоа нема да се смени, сé додека не се вмеша владата.

Некои германски компании најдоа друго решение. Бројни помали компании, уште пред неколки години решија повеќе да не се потпираат на Кина, за да постигнат економски раст.

Меѓу тие компании е 4Џет, производител на ласерска технологија. Тие реагираа претпазливо на начинот на игра на Пекинг: Со масивни субенции да се потпомага растот на домашните индустрии, потоа да се преплави пазарот и да се задуши конкуренцијата.

Затоа, 4Џет, чијшто клиенти се авиокомпании, производители на стакло и гуми, почнаа да ставаат нагласок на Индија, за да надоместат за загубениот пазар во Кина. Сега компанијата може да преживее, дури и ако Кина целосно го затвори својот пазар, кажува директорот Јерт Јетер.

„Политиката е вжашувачки наивна,“ изјави Јетер во интервју. „Многу е јасно што прават тие.“

Јетер зборува за планот „Мејд ин Чајна 2025“, во којшто беа опфатени 10 напредни индустрии, во коишто Кина сакаше да доминира. Тоа ѝ успеа. Кина стана светски лидер во соларна енергија, батерии, електрични возила, силен конкурент за машини алатки и за роботика.

Кина веќе работи на нов петгодишен план, што ќе биде подготвен уште рано в година.

Германските производители на автомобили во минатиот месец се уверија, дека ненадејниот прекин во снабдувањето со чипови од Нексперија, фирма во кинеска сопственост со седиште во Холандија, може во рок од само неколку денови да го загрози производството – кризата уште не е надмината.

Покрај тоа, германскиот извоз во Кина е во пад, додека во исто време расте зависноста од евтини кинески суровини, поради што се сели производството во Кина.

Тргопвските комори очекуваат владата да презеде акција.

Здружението на средно големи компании за производство на механика и опрема за фабрики ВДМА, во неодамнешното истражување утврди дека три четвртини од членките уште се конкурентни над Кина на европскиот пазар. Но, на прашањето како тие го гледаат својот бизнис по пет години, тој удел паѓа на половина.

Берлин прво повика на „ублажување на ризиците“ од Кина во 2023 година, во претходната влада, но повеќе се зборуваше отколку што се работеше. Откако стана нов канцелар во мај, Фридрих Мерц создаде совет за национална безбедност.

На првата средба на советот што се одржа во минатата седмица, владините претставници се обврзаа да сработат акциски план до завршетокот на годинава, со цел да изнајдат нови извори за снабдување со суровини, кажуваат упатени лица.

Берлин работи и на стратегија за економска безбедност, што треба да биде готова в година.

Мерц сепак ги предупредува компаниите дека нема намера да ги спасува.

„Тоа им го кажувам на сите средби: Тоа е ваш ризик ако работите појдат на лошо, и ве молам не ни се обраќајте,“ изјави Мерц на 13-ти ноември, напоменувајќи дека кинесите власти имаат моќ да го запрат снабдувањето на германските компании или да ги исклучат од своите пазари.

„Тоа може да се случи многу брзо“, вели канцеларот.

Претходна објаваБи Уај Ди продава повеќе од Тесла во Британија, рамо до рамо во Германија
Следна објаваАуди планира голем СУВ само за САД, произведуван локално

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here