
Вториот најпродаван СУВ од градската класа во првите седум месеци во Европа и третиот најпродаван класичен градски модел во истиот период, односно кусо Пежо 2008 и Пежо 208, доаѓаат во посебна серија што се води како Енви, англиски збор за завист. Името важи веројатно за боите, но и за бројните додатоци во споредба со стандардните нивоа на опременост.
Еуроимпекс јави дека посебната серија од моделите 208 и 2008 што се води како Енви, отсега е достапна на македонскиот пазар. Главната препознатливост на двата модели е во боите. Екслузивните модели се базираат врз богатото ниво на опременост Алур, коешто е само чекор од врвното ГТ.
Посебната боја на Пежо 208 е Алвао Зелена, именувана по живописниот зелен регион Алвао во Португалија, што во Пежо првпат се воведува преку градската комбилимузина и достапна е само за серијата Енви. Може да се избира и од досегашната палета, што вклучува Агуеда Жолта, Окенит Бела, Аетенс Сива, Селениум Сива и Перла Црна.
Кај 2008 Енви, специјалната боја е Назар Блу, уште една боја од португалската природа. Двете ексклузивни бои за Енви-моделите се развиени во соработка со специјалистот Пантон. Кај СУВ-то, новата сина боја се придружува на Опсесивно Сина, Окенит Бела, Артенс Сива, Селениум Сива и Перла Црна.
Посебната појава ја заокружува покривот во контрастна црна боја кај 208 Енви, односно кровните шини во сјајна црна боја кај 2008 Енви. На тоа се надоврзуваат тркала со дизајн Нома од 16 инчи кај Пежо 208, односно со дизајн Каракој од 17 инчи кај Пежо 2008. Двобојните тркала со подрачја во сјајна црна боја оддаваат скапа изработка.

Пежо е прочуен по специјалните серии уште од времето на 205 во 1980-те
Французите ги имаат извежбано добро своите специјални серии, почнувајќи уште од времето на легендарниот Пежо 205 и сериите Ролан Гарос, Грифе, Лакост, Сакре Нумеро и слични.
Енви е создадена како ексклузивна и престижна серија, па тоа соодветно се огледува и во внатрешноста. Од врвното ниво ГТ, доаѓаат елегантните спортски седишта напред, обложени со три скапи материјали, комбинација што Пежо ја води како Тремецо, заедно со сино-зелена опшивка и со грбот на Пежо што е втиснат во потпирачите за глава.
Потпирачите за лакт во вратите исто така прикажуваат сино-зелена опшивка, заедно со уште неколку детали. Не недостигаат алуминиумски прагови. Кај Пежо 208 Енви, таванот е во црна боја и додадени се диодни светилки низ целата кабина.

Збогатена опременост во специјалната серија Енви
Вратите се отклучуваат самостојно, стартувањето секако дека е на копче, така што клучот може да остане в џеб, а стандардно се вградува и задна камера со висока резолуција. Кај Пежо 2008 Енви, подот на багажникот може да се постави на две висини.
Специјалната серија е достапна во сите погонски изведби на Пежо 208 и 2008, од Турбо 100, преку Хибрид 110 и Хибрид 145, до Електрик 136 (само кај 208) и Електрик 156.














