Шеф на Нисан очекува Кинезите за две години да почнат да произведуваат во Северна Америка

Кинеските производители на автомобили во следните три години ќе започнат со производство на возила во Мексико, отворајќи со тоа беспоштедна ценовна војна, поради што Нисан и останатите традиционални производители ќе мора итно да ги скусат цените, за да не го загубат пазарниот удел, предупредува претседателот на Нисан Америкас, Кристијан Манјер.

Кристијан Манјер, почнува со заштита на компанијата, пред Кинезите да започнат со производство во Северна Америка.

Нисан веќе воведе промени во трошоците и во развојот на модели, како подготовка за новиот бран соперници, кажува Манјер.

„Имаме мошне агресивен план во Мексико, посебно кога треба да ги скусиме трошоците и да се подготвиме за натпревар со Кинезите, кога тие ќе почнат со локално производство,“ изјави Манјер на брифингот во седиштето на Нисан Мотор во Јокохама, Јапонија.

„Тоа ќе се случи веројатно во следните две до три години, така што мораме да се подготвиме“.

Нисан очекува дека кинеските производители наскоро ќе стапнат на пазарот во САД, но не во следните пет години. „Главнината“ од производителите во САД реагираат бурно на ниските цени со коишто кинеските производители, потпомогнати од државата, ги продаваат своите возила во Латинска Америка и насекаде низ светот, кажа Манјер.

„Некои ценат дека тоа е дампинг“, вели тој. „Многу е сложено кога традиционален прозиводител треба да се натпреварува со владата, а точно тоа се случува сега, зарем не е така?“

Коментарите на Манјер се надоврзуваат на извршниот директор на Хјундаи Мотор, Хозе Муњоз, кој претходно месецов предупреди дека кинескиот увоз може да ги преплави САД и да го наруши пазарот, како што тоа се случува во Европа.

Овие предупредувања укажуваат на загриженоста дека кинеските производители, коишто наидуваат на пречка со царините во САД и со противењето на политиката, може да го користат Мексико или Канада, како база за производство, од којашто ќе го освојуваат пазарот во Северна Америка. Со локалното производство ќе се избегне царината од 50 проценти што Мексико ја има воведено за увоз на кинески автомобили и тоа ќе овозможи евентуален влез на пазарот во САД.

Две партии го притискаат Сенатот на САД да воведе постојана забрана за кинески возила во земјата, без оглед на тоа што Доналд Трамп вели дека е отворен за кинеска компанија да почне со производство во САД.

Кинеските производители уште немаат започнато со производство на возила во Мексико или Канада. Но, марки како Чери, БИД, Липмотор и Џили гледаат можност за брз раст. Џенерал Моторс е во напреднати преговори со своите кинески партнери, за производство на возила од марката Вулинг во Мексико, што ќе се претвори во почетна база за производство во Северна Америка, со помошта од Кина.

Кинескиот извоз на автомобили во Мексико наидува на царината од 50 проценти, но индустриските аналитичари очекуваат дека кинеските производители ќе ги избегнат царините со отворање локални фабрики.

„Конкурентноста со цени ќе биде главното правило на играта во следните пет години“, цени претседателот на Нисан за регионот.

„Бројни традиционални производители, посебно од западниот свет, но и од Јапонија, не беа доволно агресивни во скусувањето на трошоците,“ вели Манјер. „Имаме исклучително силна верига од добавувачи и пристојни трошоци, но тоа не е доволно да се натпреваруваме со БИД во овој свет.“

Манјер сепак гледа корист од автомобилите што се произведуваат во Кина – доколку тоа се возила што Нисан ги произведува во Кина. За да се пополнат неискористените капацитети во Кина и да се искористи искуството на Кина со електричните возила, Нисан планира да ги извезува возилата што ги произведува во заедничка компанија во Кина.

Нисан штотуку започна со испораки на пикапот од кинеско производство Фронтир Про во Мексико, а наскоро следи и испорака на пазарите во Латинска Америка. Нисан исто така планира да ја извезува електричната лимузина Н7, што се произведува во Кина и којашто наиде на огромна побарувачка на тамошниот пазар.

Манјер вели дека треба автомобил што е произведен во Кина да се натпреварува со друг автомобил што е произведен во Кина.

„Ја користиме можноста, модел што е развиен во Кина да им конкурира на кинеските производители во Латинска Америка, затоа што очигледно ни се случува голема и брза инвазија.“

Претходна објаваОвој Лексус има 2.000 КС, полн резервоар му чини 7.000 евра и плови
Следна објаваСтелантис и Донгфенг договорија автопилотски системи за Џип и Пежо

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here