Очекувано во географскиов регион, Словенија предводи и во електричните автомобили, со 568 нови регистрации во јануари и раст од 28,5 проценти во споредба со лани. Хрватска заостанува со удел од одвај 3,5 проценти, но пак не е последна.
Според извештајот од здружението на производители АЦЕА за продажбата на нови патнички автомобили во ЕУ во првиот месец од 2025 година, во Унијата биле регистрирани вкупно 799.625 нови автомобили, што е пад од 3,9% од лани. Заедно со земјите од ЕФТА (Исланд, Норвешка, Швајцарија) и Обединетото Кралство, вкупната продажба достигнала 961.382 автомобили, но минусот пак останува пред вредноста од 3,5 проценти.
Од вкупниот број нови регистирани автомобили, 154.230 се целосно електрични (+24,2%), односно 189.062, вклучувајќи ги сите региони. Најголем раст во продажбата бележи Полска, со 3.544 батериски електрични автомобили (БЕВ), наспроти 1.121 автомобили со овој погон во јанаури 2025 година. Тоа претставува раст од 216,1 проценти, односно е трикратно зголемување на продажбата.
Во извештајот на АЦЕА не влегуваат продажбите во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. Во отсуство на каква било форма на здружување на увозниците на нови автомобили и делови во земјава, што ќе ги заштитува и застапува нивните интереси, во краен интерес и на купувачите, за македонскиот пазар не постои официјална продажна статистика.
Објавувањето извештаи од странски консултантски куќи, што располагаат со веродостојни податоци за македонскиот пазар, наидува на негодување и притисоци од дел од увозниците. Толку за средината во којашто еден автомобилски медиум треба да известува за движењата на пазарот, било тоа да се негативни или позитивни движења.
Реално моќните економии имаат сила и да ја движат продажбата на електрични автомобили
Од земјите од поширокиот регион, Словенија очекувано предничи со 568 нови регистрирани БЕВ во јануари, според извештајот на АЦЕА, што претставува 11 проценти од пазарот. Продажбата на електрични автомобили е тоа што го движи пазарот угоре, за да постигне раст од 3,5 проценти во јануари. Додека целиот пазар е во благ раст, кај електричните има драстично зголемување од 28,5 проценти.
Додека Словенија одвај некако се поврзува географски со регионот, и „бега“ во сите правци, во поглед на електромобилноста, земјата под Алпите е друг свет. Бугарија, на пример, иако е трипати побројна од Словенија, постигнува само половина од нејзината продажба, како пазар што е ориентиран главно на увоз на користени возила. Но, со 182 електрични автомобили во јануари, нема споредба. Вистина е дека бугарскиот пазар на БЕВ пораснал за 17,4 проценти, од 155 БЕВ лани во јануари, но уделот од 5,5 проценти и натаму е неубедлив. Паѓа и целиот пазар на нови автомобили во земјата, со -19,4 проценти во минус.
Во Хрватска е уште помал уделот на БЕВ, со 138 возила на пазар што брои вкупно 3.964 нови автомобили во јануари, што дава удел од одвај 3,5 проценти. Не менува многу податокот дека продажбата на БЕВ се удвоила, од само 69 возила во јануари 2025 година. Хрватскиот пазар исто така бил во пад, со 11,4% во минус во првиот месец.
Грција ја поттикнува продажбата на електрични автомобили, посебно на островите
Грција напредува солидно, со регистрирани 633 нови БЕВ во почетокот на годината, од пазар што се подновил со вкупно 10.087 автомобили. Тоа одговара на удел од 6,3 проценти. Продажбата на БЕВ е во растечки тренд, со +20,1 проценти, додека целиот пазар е во благ пад со -5,4 проценти.
Делот со официјалните податоци за продажбата во регионот завршува со соопштението од српската асоцијација на увозници на возила и делови, во коешто се наведува дека БЕВ учествувале со 2,1% на пазарот на нови автомобили лани, што претставува раст наспроти 1,7 процент во 2024 година. Хибридите учествуваат со 38 проценти, вклучувајќи ги моделите со благ хибриден погон, додека возилата со мотор со внатрешно согорување, без каква било електрификација, сочинуваат 58 проценти од пазарот. Во текот на минатата година, во Србија биле регистрирани преку 31.000 нови патнички автомобили и околу 5.200 лесни товарни возила, главно фургони.
Државата не ги удосвојува ниту купувачите, а уште помалку компаниите, со увид во пазарните движења; Политиката тука е како за авто пазар за луксузни користени возила
Според неофицијални податоци, во Македонија во јануари биле регистрирани 364 нови патнички и 87 лесни товарни возила. За минатата година, се наведуваат 6.370 патнички и 954 доставни возила.
Официјалната статистика, којашто се повикува на податоци од МВР, води вкупно регистрирани 1.507 патнички автомобили со погон на електрична енергија во 2024 година. Тоа се премногу оптимистички податоци, во коишто е сосем извесно дека се вклучени и возилата со приклучен хибриден погон. Понови извештаи не постојат.
Репортажа со електричен Серес од есента 2021 година
Словенија учествува со 7.200 евра во купувањето БЕВ, но има и бројни поволности во секојдневието
Повторно, сосем очекувано, Словенија предводи и со помошта од државата, за граѓаните да купат електрично возило. За возило до 35.000 евра, државата покрива 7.200 евра од цената. Висината на субвенцијата понатаму се смалува, како што расте цената на БЕВ-моделот. Над 65.000 евра, нема поттик. Затоа, пак, фирмите се целосно ослободени од ДДВ при купување БЕВ. Тоа се само дел од привилегиите.
Во Хрватска, субвенционирањето на БЕВ е повеќе насочено кон фирмите, со најмногу 9.000 евра за БЕВ, за вредност на возило до 50.000 евра, за што е предвиден фонд од 21 милиони евра. Посебно за фирми што вршат транспортна дејност, вклучувајќи такси и рентакар, како и фирми што вршат транспорт на стока, стартувана е програма вредна 45 милиони евра. Нова програма за субвенции за населението ќе биде објавена во третото тромесечје, за што се издвоени 20 милиони евра.
Во Грција, државата овозможува електричните автомобили да им бидат подостапни на граѓаните, со учество од 9.000 евра во цената. За возила постари од 10 години, следат дополнителни 2.000 евра, за одложување во отпад. Такси компаниите се привилегирани со 17.500 евра, односно до 40% од цената на возилото, вклучувајќи 5.000 евра за одложување на старо возило во отпад.
За компании што го обновуваат возниот парк со најмногу 20 електрични возила, државата учествува со 8.000 евра по возило. За островите, се добиваат дополнителни 4.000 евра на тоа.
Дополнително на сé, следи пониска даночна стапка од 13%, место редовните 24% ДДВ. Постојат уште бројни привилегии што ги поттикнуваат соседите да преминат на електрични возила.
Бугарија нема субвенции, единствено не наплаќа данок за возило при регистрирање и други помали давачки.
Србија годинава продолжи со субвенционирање, со учество до 5.000 евра, меѓутоа фондот е релативно скромен, со околу 1,5 милион евра. Секако е за поздравување тоа што државата сепак презема чекори во насока на електрификацијата.
Во земјава, единствено не се наплаќа давачка што и без тоа не треба да постои, државата не им помага на граѓаните и фирмите, за електричните возила да бидат подостапни
Во Македонија, електричните автомобили се ослободуваат единствено од акциза, односно од давачка што се состои од вредносна компонента и еколошка компонента. Тука владее една од најнесмасните автомобилски политики. Стратегијата првично требаше да се заснова врз програмата за развој на автомбилскиот возен парк, што го разработија македонските научници во МАНУ. Меѓутоа, кога дојде време за програмата да се спроведе и да се озакони, сé што осмислија научниците, расипа политиката, во време на групер-економијата.
Така, меѓу другото, се уништи помагањето на продажбата на хибридни возила, што во Македонија дотогаш се практикуваше цела деценија и секако дека имаше ефект и прифатеност. Меѓутоа, исто како и во секое друго подрачје, ниту најголемите умови не можат против здружувањата на медиокритетски фигури со штетна некомпетентност.
















