Тесла пушти во продажба нова и поевтина стандардна изведба од својот најбаран Модел Ипсилон во Европа. Намерата на производителотод САД е да ја врати побарувачката за своите возила, на пазарот на којшто годинава се соочува со голем пад.
Новиот Модел Ипсилон Стандард е најновиот обид на Тесла да ја поттикне побарувачката на европскиот пазар, каде што забавува продажбата за електрични возила и во исто време се јавува сé посилна конкуренција.
Во Германија, Стандард чини 39.990 евра, што е околу 5.000 евра под цената на досега најдостапната изведба на Модел Ипсилон во Европа.
Иако е со значително пониска цена, најевтиниот Модел Ипсилон веќе се соочува со силна конкуренција од европските и кинески марки, што нудат незначително помали електрични автомобили со цена под 35.000 евра.
Тесла во минатата седмица ја воведе варијантата Стандард и за својот Модел 3 во САД, но таа изведба уште се нема појавено на вебсајтовите за пазарите во Европа.
За да се постигне пониска цена, Тесла отстрани неколку функции. Модел Ипсилон Стандард доаѓа со поедноставено осветлување на кабината, помалку звучници, платнени седишта и не поседува систем за следење лента. Досегот е покус за десетина километри, но и полнењето трае малку побавно.
„Тоа е мошне конкурентна цена. Тоа е автомобил со одлична технологија и добра големина за цената, и ќе им конкурира на останатите модели што се нудат тука“, кажа Кристина Бу, виша секретарка на норвешкото здружение за ЕВ.
Во Норвешка, компанијата одреди цена од 421.996 норвешки круни (околу 36.150 евра) за новата верзија на Модел Ипсилон.
Цената во Шведска изнесува 499.990 круни, односно 45.340 евра. Тесла соопшти дека моделот во ноември и во декември ќе биде достапен во Германија, Норвешка и Шведска.
Овој потег доаѓа во време кога слабее побарувачката за Тесла во Европа. Испораките на нови возила опаднаа значително на повеќе пазари, и покрај воведувањето на освеженото моделско годиште на Модел Ипсилон.
Видеото од тестот на електричен Рено 5 во Аутомедиа
Исклучок е Норвешка, каде што испораките за новиот Модел Ипсилон постигнаа голем раст од почетокот на годинава, како резултат од новите субвенции и редовното снабдување со возила.
Тесла додава дека поевтината верзија на Ипсилон нема да се продава во Ирска и ОК, каде што воланот е од десната страна.
















