Автомобилите од Кина досега ги гледавме како производ на една национална индустрија што уште е на пат да се вмеша во врвот на браншата, којшто им припаѓа на други, односно на европските, јапонските, корејските производители. Моделите ни се допаѓаат, но тие секогаш остануваа во рамките на кинеското. Еолус Мејџ ги менува гледиштата. Овој автомобил на марката на Донгфенг сака да се докаже како прв избор на купувачите.
Додека деновиве светот останува запрепастен од сликите од Ауто Шангај 2025, еден од ретките светли настани во реалноста на автомобилската сцена, во нереалноста на друштвените мрежи, до вчера уште ќе се провлечеше нечие убедување дека кинеските автомобили се евтини, со прекопиран дизајн или со лоша изработка. Со овој Ауто Шангај, тоа се смени засекогаш.
Ауто Шангај 2025 не е ништо помалку од една огромна бина, на којашто најмоќната автомобилска индустрија и најголем пазар се покажува пред светот. Кинезите се пофалија, исто како што Германците отсекогаш го прават тоа со Интернационале Аутомобил-Aусштелунг во Франкфурт (денес во Минхен), Французите со Мондиал де л’Ауто во Париз (на две години), Јапонците со Токио Мотор Шоу (бледа сенка на некогашното шоу) или производителите од САД со Детроит (одвај дека привлекува внимание отстрана).
Точно оттаму доаѓа на тест еден автомобил што привлекува внимание со својата појава. На улица се забележува како луѓе го ловат местото напред, каде што се обидуваат да го препознаат логото, за потоа да се свртат и да проверат назад, да се осигураат дека тоа е модел од „нивна“ марка. А, таму стои името Донгфенг, еден од најголемите државни (!) производители на автомобили во Кина, стои и Еолус, што е посебна марка на Донгфенг, и уште стои Мејџ, за име на моделот.
Дојдено е времето кога кинезите го движат автомобилскиот свет
На хаубата стои логото на Донгфенг, тркало што симболизира постојано вртење, постојан напредок. Тоа им успева на Донгфенговци. Еолус е марка што лани ја имаше премиерата на македонскиот пазар, со лимузината Шајн. Откако македонскиот Донгфгенг го разбуди пазарот на лимузини од компакт класата, најпопуларниот сегмент пред СУВ-океанот, се јавија и други марки да потсетат дека и тие имаат лимузина. Кинезиве го движат пазарот.
Уште едно важно нешто околу Еолус Мејџ е сродникот од понудата од марки и модели на Донгфенг. Овој доаѓа од истиот производител на Фортинг Т5 Ево. Марката е различна, класата е различна, меѓутоа токму овој модел најдобро го подготви теренот за сегашнава премиера на Мејџ. Фортинг Т5 Ево досега се има продадено во преку 80 примероци на македонскиот пазар. Тоа е голема бројка кај нас. За споредба, тоа е повеќе од половина од продажбата на еден Хјундаи Тусон, или двојно повеќе од продажбата на Хавал Х6 – којшто беше звучно име, но пред Донгфенг да прикаже кои се реалните цени на кинеските автомобили.
Еолус Мејџ е стратешки погодок во понудата на Донгфенг, затоа што се поставува меѓу два носечки модели – едниот секако е Фортинг Т5 Ево, полирач на имиџот на Донгфенг, другиот е домаќинскиот избор, Фенгон 500, што ја прави најдобрата реклама, односно се користи во такси-компании. Со цената од 25.900 евра, компактниот СУВ е меѓу 500-та, како модел од Б-сегментот, со цена од 16.990 евра и луксузниот СУВ од средна класа, Т5 Ево со 28.290 евра.
Формата е привлечна, но уште посимпатични се деталите во дизајнот што ги има насекаде
Дизајнот е јасна работа, нема потреба да се чека оцена отстрана, па да се увиди дека Мејџ изгледа повеќе од пристојно. Покрај тоа што формата е привлечна, во прилог на кинескиот СУВ одат и бројни детали: Впуштени рачки во вратите, посветување на детали во светлата, украсна лајсна врз праговите, со хромиран додаток. Ова не е евтин дизајн што убедува само на слика.
Не се пропушта дводелниот кровен спојлер, што е шлаг на тортата, па згора и со ефектно стоп светло. Во вториот дел од видеото од тестот се прикажани сите детали во изгледот. Дизајнов повеќе се одликува со динамичност, отколку со масивност, повеќе е во насока на спортски модел, отколку во насока на тромава грамада.
Кога нешто е големо, народот вели дека „го има“. Мејџ го има. Со 4,65 метри, овој СУВ може да се смести и во средната класа, меѓутоа реално е модел од Ц-СУВ сегментот, покрај Киа Спортаж, Форд Куга, Нисан Кашкај, Пежо 3008, Рено Аустрал, Шкода Карок, и Фолксваген Тигуан.
Во просторноста, Мејџ субјективно е споредлива со Тојота РАВ4
Просторноста е јасно дека повеќе не е тема во автомобил од оваа класа, просторноста „ја има“ насекаде, посебно назад, во споредба со конкуренцијата. Багажникот е поскромен и располага со зафатнина од околу 400 литри. Тоа што Еолус Мејџ не убедува со врвна вредност, повеќе е поради „организацијата“ на опашот, отколку поради тоа што инженерите не успеале да извлечат повеќе.
Причината за тоа: Мејџ се произведува и во изведба со целосно електричен погон со име Скај ЕВ01, како и во изведба со приклучен хибриден погон со ознака Л7. За производството да не го чини Донгфенг како да произведува три различни автомобили, неколку детали се „жртвувани“ во просторноста на багажникот. А, тоа значи дека под дебелата основа на багажникот има уште стотина литри простор, во којшто ќе се сместат сите дребулии, покрај резервното тркало и големата кутија со алат.
Тоа воопшто не е за минус. Напротив, електричното отворање е стандард, а убедува и брзото соборување на дводелната задна клупа, по што се добива и целосно рамен под. Додека кај Еолус Шајн уште има простор за забелешки во изработката на багажникот, тука веќе сé е надминато. Ова е зрела машина.
Опрема, простор, дизајн … плус завршна изработка
Кинеските автомобили во делот од сцената каде што автомобилите се познаваат од гледање сликички на инстаграм, уште ги бие глас дека изработката им била слаба и материјалите евтини. Токму Мејџ е автомобилот што разубедува во тој поглед. Изработката кај Фортинг Т5 Ево исто така е примерна, меѓутоа тамо само познавачко око ќе ги забележи деталите. Кај Еолус Мејџ се гледа вниманието во изработката. Само на внатрешноста ѝ се посветени 15-на минути во вториот дел од видеото од тестот на Мејџ.
Главното е возењето. Колку и да е доволно тоа што Мејџ изгледа привлечно, што е просторна, луксузно опремена како модел од средна класа, и што изработката исто така изненадува, најголемиот триумф кај овој автомобил сепак е чувството во возењето. Мејџ вози одлично.
Технички податоци, опременост и цена на Еолус Мејџ во нашиот каталог Автосалон.мк
Додека Фортинг Т5 е целосно посветен на комфорно возење и релаксирано крстосување, што на спортските возачи ќе им одземе дел од возната динамика, кај СУВ-моделот на Еолус убедува балансот меѓу комфорот и возните својства. Првото што убедува е комфорот, со мошне делотворна работа на амортизацијата, како во поглед на придушување на нерамнините, така и во поглед на „премолчувањето“ на тоа што се случува со подвозјето. Мејџ не само што не заостанува зад моделите што постигнуваат врвен баланс, туку може и да парира.
Мејџ излегува од салон со гуми Данлоп
Секако дека и гумите Данлоп менуваат многу. Мејџ ќе доаѓа на македонскиот пазар со гуми Данлоп Спорт Mакс 050+, тоа е голема промена. Зрелоста на Еолус Мејџ се огледува најмногу во возните својства и во чувството за контрола на возилото што возачот го има зад воланот. Стабилност во свијоци, држење правец, повратни сили во управувањето на излегување од свијок, нечувстителност при нагло сопирање во свијок, сето тоа оди на бодовната сметка на Мејџ.
Така и 200-те коњски сили на 1,5-литарскиот турбо-бензинец добиваат вистински смисол. Тоа е истиот мотор како во Фортинг Т5 Ево, што во основата користи конструкција на Мицубиши, и досега е докажан и во култивираноста, и во моќноста, а тоа што е најважно, во штедливоста. При нормална динамика на возење на спореден пат, на пример, од Демир Капија кон Дојран, потрошувачката се спушташе и под 5,0 литри. Во градско возење, може да се смета на околу 8,5 литри, што секако е примерна вредност и меѓу другото е заслуга и на автоматскиот менувачот со двојна спојка.
Тоа што може да се подобри кај овој несомнено натпросечен автомобил се релативно ситни нешта. Првото се однесува на различното ракување со темпоматот и на отсуството на копче за повторно преземање на претходно наместената брзина, потоа на отсуството на рачна контрола на степените на пренос на 7-степениот менувач со двојна спојка – што е корисно првенствено при подолго спуштање по надолнина, тука единствено може да се вклучи спортска програма, што подоцна префрлува во понизок степен – различната насока на движење на прозорците при ракувањето со прекинувачот (напред надолу, назад нагоре), отсуството на мека облога на којашто ќе се потпира коленото при возење (кој има таков стил на возење).
Цена, плус гаранција 8 години или 200.000 километри
Понатаму, графиката во инаку квалитетните дисплеи може да биде повеќе „автомобилска“ место да биде како со виндоус-фонт, што патем не се случува само во Донгфенг, но мора да се има на ум, дека кинеското писмо е нешто сосем различно од нашите азбуки и абецеди. И тоа би било сé, додека не се дојде до цените.
Со цената на Еолус Мејџ од 25.900 евра, многу нешта се објаснуваат. Ова сепак не е евтин автомобил и не е осмислен да биде евтин. Опременоста е најмалку кажано запрепастувачка. Сончев покрив е стандард, камера во 360 степен е стандард, исто како и вештачката, но солидна кожа на седиштата, електриката на возачкото седиште со 5 мемории, системите за асистенција – вклучувајќи и следење лента, па дури и тркалата од 20 инчи. Но, и покрај тоа, пак отсуствуваат греење на седишта, сензор за дожд и камера за сообраќајни знаци, гледано според општото ниво на опременост.
Но, колку навистина вреди Мејџ во споредба со конкуренцијата. Ете го за пример, Хјундаи Тусон, познат модел. Според ценовникот што е објавен во јануари, Тусон со менувач со двојна спојка почнува од 31.500 евра, вклучувајќи попуст од 2.200 евра. Тоа е разлика од 5.600 евра, односно плус 20 проценти во цената. Мејџ пак е во предимство, со 195 наспроти 160 КС на корејскиот СУВ. Но, разликата допрва почнува да расте. Во меѓувреме пораснаа и гаранциите: 8 години или 200.000 километри на мотор и менувач.
Додека цената на Еолус Мејџ почнува со двојка, цена на споредлив модел од конкуренцијата почнува со…
За да се добие сончев покрив, што е стандард кај Мејџ, кај Хјундаи тренба да се посегне барем по средното ниво на опрема, што чини 34.100 евра, па на тоа да се доплати 1.600 евра за покривот и за електрика на задна врата, што исто така е стандард кај Мејџ.
Електрика на предни седишта и меморија, заедно со повлекување на возачкото седиште наназад, при седнување зад воланот, во Тусон се привилегија што чини најмалку 41.300 евра, затоа што таа ставка се добива само во најскапото ниво Ултимејт. Вистина е дека во тој модел се добиваат и тркала од 19 инчи, но кај Еолус Мејџ, тие се од 20 инчи. Со опременоста, кинескиот СУВ е споредлив со модел од 41.300 евра кај Хјундаи. Тоа е разлика од 15.000 евра, погоре или подолу!
Добредојде Еолус Мејџ и среќен почеток на новото поглавје за кинеските автомобили на македонскиот пазар. Ако Фортинг Т5 Ево веќе смени многу, овој ќе менува уште повеќе.
















