Сликата што странските посетители ја добиваат за атмосферата на Ауто Шангај 2025, може да се насети уште на улиците на најголемиот град во Кина. Шангај брои 27 милиони жители, речиси исто колку што имаат вкупно население Романија и Грција заедно, двете најбројни балкански држави.
Според официјалните податоци, дури 68 проценти од новите автомобили што се регистрирани на територијата на мега-метрополата Шангај, се т.н. новоенергетски возила. Кинезите под ова име ги водат сите автомобили што имаат делумно или целосно електрифициран погон, односно од хибриди, до батериски електрични автомобили.
Брзиот напредок доведе до тоа, 40 проценти од автомобилите на улиците на Шангај да се новоенергетски возила. Тоа се слуша, поточно не се слуша, затоа што возилата на електричен погон минуваат одвај чујно покрај пешаците. Дури и товарните рикши денес се електрифицирани во Кина.
По улиците на Шангај се дознава и зошто европските производители наидуваат на сериозни потешкотии на кинескиот пазар. Михаел Кнауер, репортер на гласникот на германската автобилска индустрија Аутомобилвохе, раскажува: „На возењето од околу еден и пол час од аеродромот до градот, со будно следење забележав само две Порше, седум Мерцедеси и околу 20 Ауди.“

Помина времето кога модели на германските производители се забележуваа на секој агол, а мали се изгледите дека тоа време некогаш ќе се врати, заклучува Кнауер.
Повеќето марки одвај дека им се познати на европските автомобилски експерти. Голем дел од тие марки ќе исчезнат за неколку години, затоа што на кинескиот пазар владее жестока конкуренција што ќе ги остави во игра само најсилните.

Регионите се тркаат со субвенциите
Целта на кинеските производители со постојаното појавување нови марки е да се испита секој дел од пазарот и тој да се запоседне, пред да биде предоцна и големите производители да ги освојат тие мали, но исплатливи пазарни сегменти.
Тука се вклучуваат во игра и регионалните власти, што обично поседуваат дел од локалните производители на возила или имаат интерес од напредувањето на нивниот бизнис, и самите вложуваат во создавањето нови марки.
Секој регион во Кина води различна политика при субвенционирањето на спомнатите новоенергетски возила. По улиците на Шангај се забележува исходот од ова соперништво меѓу регионите, што доведе до тоа денес во цела Кина да се продававаат новоенергетски возила по истата цена со возила со обичен мотор со внатрешно согорување. Неретко се случува тие да се нудат и по пониска цена.

Електричните возила со бензински генератор не се барани во Шангај
Во Шангај не се исплаќаат субвенции за електрични возила што поседуваат генератор со погон на бензин, којшто произведува електрична енергија, што се акумулира во батеријата. Тоа се т.н. рејнџ-екстендер возила, односно РЕВ. Различно е во другите региони, каде што во моментов се поттикнува токму купувањето електрични возила со продолжувач на досег (РЕВ). Во Пекинг, освен батериски електрични автомобили, се субвенционираат и РЕВ, но помошта не важи за приклучните хибриди.
Причината е во тоа што државниот производител со седиште во Пекинг, БАИК, има во својата понуда модели со продолжен досег, но нема приклучни хибриди. Наспроти тоа, најголемиот производител во Шангај, САИЦ, нема модели со продолжен досег, но затоа има приклучни хибриди. Така функционира регионалната политика во Кина.

Штандовите се посетени масовно, не може да се добие чиста снимка
Најголемиот проблем со којшто се соочуваат репортерите од Ауто Шангај 2025 година, откако ќе се поминат строгите безбедносни проверки, е добивањето чист простор за да се направи фотографија или клип од возилата, без да влетаат неколку млади колеги со камери и со смартфони. На салонот владее метеж каков што европските салони веќе одамна имаат заборавено.
За да се дојде до најновиот модел на Шаоми, СУ7 Ултра, мора да се чека во колона долга 150 метри. Метеж има и на штандовите на Мерцедес, Ауди и Фолксваген, но само за време на презентациите на новите модели, потоа просторот се празни.
Десет трендови што се издвојуваат најмногу на Ауто Шангај 2025
- Сé се електрифицира. Наскоро во Кина повеќе нема да се продаваат возила што за погон користат само обичен мотор со внатрешно согорување.
- Кинеските производители се впуштаат во сите сегменти, од спортски возила, супер луксузни модели, автомобили за забава, а се враќа и трендот на вановите и МПВ-моделите. Единствено што отсуствува се кабриолети.
- Внатрешноста на возилата е поважна и со повеќе иновации од кога било досега. Тоа најмногу го бараат кинеските купувачи. Се бара 100% конективност, модуларност и приспособување по сопствен вкус, а секако и огромни дисплеи. Техниката не се сокрива. Кинеските возачки и возачи сакаат да се гледа тоа што го имаат во возилото.
- Времето на светки и шари мина. Кинеските производители се префрлија на поедноставни форми, хромот одвај се забележува и се користат топли, место дречливи бои, како што беше случај во 2010-те години.
- Кинеска благородност: Материјалите оддаваат впечаток за квалитет, дури и во најдостапните модели. Гола пластика речиси и не се гледа.
- За разлика од европските производители, тука многу се внимава да им се угоди на патниците на задната клупа. Уште во моделите од средната класа се вградуваат монитори за патниците назад, како стандард.
- Кинеските производители почнаа сами да произведуваат големи и баснословно скапи автомобили за домашниот пазар. Таков е Зикр 009, луксузен МПВ со цена што одговара на 95.000 евра. Се влегува и во сегментот на мини автомобилите и на градските модели. Пример е Фајерфлај, подмарка на Нио, чијшто модели ќе се продаваат и во Европа. Првиот модел се вика токму Фајерфлај и на неговиот развој се работеше во Минхен.
- Уште еден тренд можеше да се претпостави одамна: Кинеските производители вградуваат напредни системи за асистенција, дури и во малечките возила. Се вградуваат двојни системи заради обезбедување на функционирањето на сензорите, камерите и радарите, и во рекламите се нагласува токму безбедноста на тие системи. Преку скалестиот ефект, што се постигнува со масовно производство, овие системи ќе повтинуваат сé повеќе.
- Не запира трката за подобри батерии. КАТЛ, најголем производител на батерии за автомобили во светот, на салонот изложува нови, евтини, а пак моќни батерии. Со оваа иновација се наѕира масовна електрификација во сегментот на малечките и евтини автомобили.
- Иновациите пристигаат масовно и брзо. Кинеските производители работат, нови генерации на постоечките модели да пристигаат на секои 16 до 18 месеци. Тоа го овозможуваат напредните платформи што ги користат производителите.
















