
Времето на механичкиот управувачки столб се чини дека дојде до својата завршница. Сé поголем е бројот на производители што преоѓаат на стир-бај-вајер. Кај оваа технологија, ракувањето со воланот испраќа дигитални импулси коишто понатаму водат до завртување на тркалата. Мерцедес-Бенц е прв германски производител што електронското управување ќе го вградува во серија почнувајќи во 2026 година.
Премиум производителот ветува предности во автономното возење и во прегледноста на дисплејот зад воланот, но уште се поважни предностите во возната динамика и во безбедноста. Шефот за развој Маркус Шефер, при соопштувањето на веста на салонот Ауто Шангај, најави „нова ера во мобилноста“.
Нова форма на воланот
Штутгарт уште не го открива името на моделот, меѓутоа од сликите од прототипите во коишто се тестира системот, може да се заклучи дека технологијата ќе ја доживее својата премиера во Е Ку С, којшто во следната година ќе има моделско освежување.
Дел од пакетот Стир-бај-Вајер, којшто клиентите можат да го нарачаат по желба, претставува воланот со нова, правоаголна форма, којшто дозволува почист преглед на дисплеите зад воланот.
На тој начин ќе може попрегледно да се гледаат филмови, кога во иднина ќе се пуштат системите за автономно возење да управување со возилото. Се менува и тоа што воланот, за разлика од постоечките системи, не се врти кога автопилотот управува со возилото.

Се придушуваат потресите од патот
Управувањето може да реагира соодветно на ситуацијата во возењето. При паркирањето, на пример, повеќе нема потреба воланот да се мота неколку кругови, затоа што аголот на отклонување на тркалата се менува зависно од потребата.
Мерцедес-Бенц ветува и придобивки за стабилноста и за управливоста, имајќи предвид дека кај Е Ку С и задните тркала се управувани.
Потресите што се предизвикани од нерамнините во подлогата и што досега преку воланот се пренесуваа до дланките на возачката или возачот, на овој начин се исклучуваат целосно. Покрај тоа, секој ќе може да ја нагоди работата на управувањето по желба, секако во одредени рамки.
Нема потреба за преправки за возила со десен волан
Со новата технологија може да се размислува, кога возилата ќе се пуштат во целосно автоматизирано возење, воланот да се вовлече во арматурната табла и со тоа да се добие слободен простор пред возачкото седиште. Има предности и при конструирањето на возилото.
На оваа технологија ѝ е сеедно дали возилото има волан лево или десно. Во фабрика, единствено што треба да се смени е местото на активаторите за управувањето, десно место лево, и обратно. Повеќе нема потреба да се вршат скапи зафати во кошот за мотор. Ослободениот простор може да се искористи за друга цел, на пример, да се подобри изолацијата.
[the_ad id=”85764″]
Добавувач е ЗФ Фридфихсхафен
Како што соопштува Мерцедес-Бенц, системот Стир-бај-Вајер е развиен во соработка со добавувачот ЗФ, којшто воедно ја изработува и задната оска за Е Ку С. Пред неколку седмици, познатиот добавувач соопшти дека системот ќе се вградува и во врвниот модел на кинскиот производител Нио.
„Со целосно портфолио од иновативни технологии Бај-Вајер, ние како докажан добавувач сме меродавен двигател на технологии за подвозје што се насочени кон иднината“, вели Петер Холдман, член на управниот одбор на ЗФ. Со вградувањето во сериско производство се докажува дека оваа стратегија на компанијата е погодена и носи успех.

Бош соработува со Арнолд Некст Џи
Покрај ЗФ, уште голем број добавувачи работат на темата. Бош исто така најави дека во следните години ќе почне со испорака на технологијата. Таа е дел од т.н. Веикл Моушн Менаџмент, каде што софтверот управува со сопирачките, управувањето, погонот и амортизацијата. На тој начин се овозможува возилото да надмине и опасни ситуации во возењето.
Концернот Бош соработува и со стартапот Арнолд Некст Џи, кој сам што се рекламира како водач во технологијата Драјв-бај-Вајер. Компанијата што е дел од групацијата Параван има долго искуство во приспособувањето на возила за лица со инвалидност, односно со управување преку џојстик и со двојни системи за обезбедување на работата. На оваа технологија работат и Шефлер, Тисен-Круп, Хела и уште голем број други производители.

Сајбертракот на Тесла исто така управува електронски
Во светски рамки, Мерцедес-Бенц сепак не е прв што вградува Стир-бај-Вајер во сериско производство. Сајбертракот на Тесла исто така користи електронско управување. На тестовите, беше критикувано дека возачот не добива чист повратен одговор од управувањето, кога тркалата на пример ќе се блокираат од тротоарски рабник. Возачот продолжува да го врти воланот, без Сајбертрак да реагира.
Лексус уште годинава ќе почне да го вградувца системот Стир-бај-Вајер во својот електричен СУВ-модел РЗ, што се продава од 2023 година. Воланот е со правоаголна форма и ослободува повеќе простор за возачот. Електричните модели Кадилак Лирик и Селестик од следната година исто така ќе располагаат со Стир-бај-Вајер.















