Автомобилите од кинеските производители треба да бидат евтини, застарени и копија на познат модел. За среќа, предрасудите за нив паѓаат сé побрзо и на нашиве простори. Дури може и да се оцени дека новите модели од Кина, многу полесно освојуваат симпатии меѓу македонската публика, отколку автомобили што со децении се големи имиња на сцената. Најверодостоен пример, објава на друштвена мрежа што е поврзана со производител, модел или технологија од Кина, привлекува повеќе внимание и соодветно повеќе лајкови, отколку Ферари или Астон Мартин. Во тој поглед, Т5 Ево е ѕвезда.
Светот одамна знае сé што треба да очекува од италијанските суперспортски марки или англиските превозни средства за благородници. Кинеските автомобили се свежата крв, за нив се интересира светот. Сепак се работи за вечното прашање на човештвото, дали нешто може да се добие поевтино или можеби за истите пари да се добие подобро?
Зад воланот на Фортинг Т5 Ево брзо се менува мислењето. Во позитивна смисла, секако. Во почетокот на тестот, овој СУВ со големина слична со Глори 580, мошне познат модел на нашата сцена, се чинеше дека ќе се докаже „само“ со изобилството од простор на задната клупа, со боите што навистина го привлекуваат погледот и со доброто општо чувство околу автомобилот.
Просторноста не треба да биде изненадување. Големите премиум марки од Штугарт, Минхен и Инголштат со долга традиција изработуваат посебни моделски изведби за кинескиот пазар, коишто главно се одликуваат со продолженото меѓуоскино растојание. Новата Е-Класа на Мерцедес, се изработува во посебна изведба што има 133 милиметри повеќе растојание меѓу оските. Во Кина се цени просторот на задната клупа. Тоа може и да се преформулира: Тамошниот пазар им е важен на отмените европски марки и немаат многу простор за друг избор, ако кинеските возачи бараат на задната клупа да се седи господски.
За големото внимание околу задните седишта сведочи и аголот на отворање на вратите. Иако станува збор за модел што спаѓа во класата на СУВ-возила од компакт класата, значи Тигуан и Спортаж, назад во поглед на просторноста и лесниот пристап се добива третман како во виша класа. Тигуан и Спортаж, патем, не заостануваат многу во просторот за нозе.
Седењето напред и назад е пријатно искуство, и во поглед на просторноста, и во поглед на опременоста, а посебно покрај панорамскиот покрив што е стандард
Задните седишта не се премногу цврсто обложени и немаат премногу амбициозни контури, за да го држат телото стабилно кога возачот ќе се занесе по свијоци, меѓутоа општо – назад се седи среќно.
Вториот „прв“ впечаток се боите. Тест возилото има боја што производителот ја води само како кримсон-црвена, место да драматизира и да раскажува цели приказни за името на бојата. Далеку било од црвена. На моменти се наѕираат некои розови тонови, на моменти боја на кармин, бојата во целина е многу „жива“. Истата забелешка важи и за претходните модели од увозникот АБЦ Брадер, што беа на тест: Морски синиот ДФСК Глори, металик тегет Серес 3, металик црн Фенгон 500.
Зошто толку им се впечатливи боите на Кинезиве? Најдобар одговор, како и секогаш дава гугл. При пребарување „кинески порцелан“ и сликовит преглед на резултатите, се покажува исконската вештина на Кина со боите. Вазните на династијата Минг, на пример, кој уште нема слушнато за нив, дека тоа се непроценливи уметнички дела. Кинеска свила? Традиционалната женска облека, ханфу? Ете од каде допѓа фасцинацијата од боите.
Што толку прави седењето во автомобилите од кинеските производители да биде пријатно доживување?
Третиот впечаток „од прва“, повеќе е доживување, отколку забелешка. Тоа е пријатното чувство. Било да се работеше за Глори 580, Фенгон 500, електричниот Серес 3, секогаш возењето и целото искуство околу овие автомобили беше придружено со убаво чувство, пријатно доживување. Тоа пак се поврзува со боите, поточно со еден суштински дел од кинеската култура, што се нарекува Фенг Шуи.
Исто како што при посета на кинески ресторан човек уште на влезот забележува живи бои, главно црвена, златна, потоа здогледува аквариум со златни рипки, закачени црвено-златни топки, мачка со крената нога покрај касата – а сето тоа е учењето на Фенг Шуи – така е наивно да не помислиме дека и во автомобилите од Кина се применува Фенг Шуи. Тоа е учење за создавање убава енергија, пријатни чувства, преку бои, форми, просторен распоред. Толку е нормално дека и во Т5 Ево човек ќе се чувствува убаво. Не умеат луѓето поинаку, тоа е исто така вродено како што се македонската гостопримливост, духот за музика, уметничкиот дар.
Тоа сé уште не се одлики коишто човек ќе го донесат до одлука да се реши за овој автомобил. Но, и во автомобилските категории, Т5 Ево не останува неубедлив. Амортизацијата е комфорна, во секој поглед. Тоа важи и за спречувањето на ударите од нерамнините од подлогата, и за општо тивката кабина. Ова е автомобил со којшто човек без големо двоумење ќе се впушти на подолго патување, цело семејство, цела фирма.
Се почитуваат комфорот и релаксираното патување, максимално
Премногу динамика не е за очекување, затоа што возилото очигледно е конструирано со намера да угоди, место да победи на Нордшлајфе. Управувањето работи со малку поголема сервоподдршка, иако за тоа може да се избира меѓу три степени, а нема ниту преголема повратна информација од подлогата, но затоа Ево надоместува за сé со комфорот. Најдоброто е тоа што комфорот не оди на штета на возните својства. Динамиката во возењето е задоволителна, а безбедносните системи се на број и се будни.
Прашање е дали повеќе убедува комфорот или моторот. Тој е производ на Шенјанг Мицубиши, фабрика во Кина во заедничка сопственост на Мицубиши и Пекинг, што има произведено близу 10 милиони мотори од 1997 година наваму. Меѓу моторите спаѓа и 4А9, генерација што меѓу другото е вградувана во Мицубиши Лансер и во А-Ес-Икс, два мотори што се докажани и кај нас.
Мивек уште е звучно име. Колку што моторот убедува со тивка работа и солидна доза од њутнметри при пониски вртежи, за релаксирано возење, толку убедува и со спортскиот карактер, кога ќе се заврти над 4.000 вртежи и потоа како да продолжува да влече уште посилно. Уште една добра вест е тоа што неколкуте посилни притискања врз гасот нема да го испразнат резервоарот претерано. Мотор со сите одлики. Просекот на тестот изнесува околу 8,5 литри. При тури на отворено, со релаксирано темпо, може да се очекува и шестка пред запирката. Тоа се најрадосните глетки за тие што уште се сомневаат околу автомобилите од Кина.
Внатре нема премногу блескави материјали и површини, но изработката е примерна и чесна
Во поглед на изработката, повеќе се забележува дека е внимавано сé да биде изработено трајно и прецизно, доработено, отколку што се имало намера да се остава впечаток со нови видови материјали и „светки“. Опкружувањето е класично, во поглед на материјалите. Прекинувачи во рамка, сé практично и прегледно, дури и отмено. За возило со 16.000 километри во тест возења, врз сјајната изработка на средишната конзола нема оставено ниту гребаница. Единствено може да се забележи за аголот на поставеност на клима уредот, што во одредени доведува до отсјај – меѓутоа, станува збор за двозонска автоматска клима, по којашто нема потреба да се посегнува често во возењето.
Богатата опременост веројатно е дел од учењето на Фенг Шуи, во смисла на обезбедувањето услови за човек да се чувствува добредојдено и среќно. Сончевиот покрив, што внесува светлина и сонце во кабината, стандард е кај Т5 Ево за македонскиот пазар. Кога човек приквечер се враќа дома или во хотел по цел ден поминат на сонце, тешко дека постои попријатно чувство од тоа кога ќе се отвори покривот, ќе се потспуштат прозорците и ќе се ужува во летото.
Долгиот дисплеј што содржи два екрани од по 10,25 инчи е впечатливо добро заштитен од отсјај. Тоа е уште едно сведоштво дека се внимавало при осмислувањето на овој модел. Графиката не е најубедлива и најшарена, но Т5 Ево нема цел да залажува со „играчки“. Опременоста е повеќе луксузна, отколку само солидна. Тркала од 19 инчи со мат-изработка исто така оддаваат отпорност на оштетување, како внатрешните сјајни облоги. Сјајниот финиш на маската е како од фабрика.
Во опремата е поверојатно некоја ставка веќе да се содржана, отколку да отсуствува
Од „покрупните“ ставки што се стандард, тука се автоматска двозонска клима, електрично местење на предните седишта, грејачи во предните седишта, паркинг сензори напред и назад, плус камера, плус камера во 360 степени, предупредување за возило во мртов агол, пристап и старт без клуч, собирање на ретровизори.
АБЦ Брадер го увезува Фортинг Т5 Ево во само едно ниво на опрема, луксузно. Цената од 28.290 евра денес ја надминуваат и градски модели со опременост и моќност на Т5, вклучувајќи го и менувачот со двојна спојка, што патем достојно го придружува моторот Мицубиши.
Околу дизајнот? Носот се издвојува со посебноста, а причината е во тоа што во тој дизајн се користени линии, црти, физиономија на глава на лав – нормално, со моќна симболика, како во фенг-шуито и кинескиот хороскоп, така и општо ширум светот. Дизајнот не е случајно погоден. Тој е дело на Хенинг Нефле, денес дизајнер на Донгфенг Мотор Корпорација, некогашен стипендист на Мерцедес, дизајнер на Опел Астра Х, на Мицубиши, а потоа на Чери, за следно да има удел и во дизајнирањето на Сангјонг Корандо… Пининфарина, а од јули 2019 година е главен дизајнер на Фортинг. Тоа веќе објаснува многу околу дизајнот на Т5 Ево.
Фортинг? Многу е поедноставно кога ќе се има предвид дека тоа е марка на концернот Донфенг, четвртиот најголем традиционален производител на автомобили во Кина.
Зошто Фортинг Т5 Ево?
Ево, патем, правилно се пишува ЕВО, што значи дека е кратенка од Еволуција, Виталност, Органско. Фортинг убедува со просторноста, комфорот, моторот. Богатата опременост е сосем очекувана. Овојпат и дизајнот одговара, посебно кога ќе се има предвид дека во тој изглед е содржана физиономија на лав. Покрај цената од близу 30.000 евра, што е сосем извесно дека нема да ја надмине таа вредност, затоа што сета опрема е веќе вклучена во Фортинг Т5 Ево, може да се избира многу на пазарот. Тоа е слобода на изборот, човек ќе го избере овој автомобил, затоа што сака, а не затоа што мора. Без многу обиди за филозофирање, тоа нека биде заклучокот: Погледнете некогаш покрај река или на езерско крајбрежје, како рибарите се распоредуваат различно. Секој си зема свое место, за коешто смета дека е најдобро. Има и посебна тактика. Тоа посебно. Така и со Фортинг Т5 Ево. Луѓе ценат дека тоа им е најдобриот избор.















