Јагуар најавува електричен гран-туризмо за САД, оди луксузно скалило погоре

Јагуар има намера подоцна во текот на годинава да претстави концепт, преку којшто ќе го најави новиот батериски електричен гран-туризмо модел за САД, најави извршниот директор на Јагуар Ланд Ровер, Адријан Мардел. Британската марка почнува одново, со понуда што целосно ќе се состои од електрични модели и ќе биде поставена едно луксузно скалило повисоко од досега.

Лимузината ќе стартува со продажба в година, со цена од преку 100.000 фунти (над 117.000 евра), откако управата реши да ја постави марката уште повисоко во луксузниот сегмент, поблиску до ултралуксузните марки, каква што е Бентли.

Новата автомобилска понуда на Јагуар ќе опфаќа три модели. Сите тие ќе користат иста платформа, што се води како ЈЕА, кусо од електрифицирана архитектура на Јагуар.

Мардел, зборувајќи пред новинарите, не наведе повеќе подробности околу претставувањето на концептот во САД.

Со тоа што Јагуар ќе добие посебна платформа за своите модели, марката ќе може да си го врати својот генетски код, што Мардел го опишува како „раскошен, прогресивен и храбар.“ Сегашните модели на Јагуар користат иста платформа со помалите модели на Рејнџ Ровер и Ланд Ровер.

Како можни локации за претставувањето на концептот на гран-туризмо моделот се спомнуваат Конкурсот за елеганција во Пебл Бич, што се одржува во август и салонот на автомобили во Лос Анџелес, во ноември.

Јагуар Ланд Ровер цени дека САД се клучен пазар за новиот почеток на Јагуар, како луксузна марка со целосно електрична понуда од модели, што ќе им парира на Бентли и Порше, место на Мерцедес-Бенц и БМВ.

Мардел лани им соопшти на инвеститорите дека марката постигнувала успех во САД во доцните 1990-ти, кога Јагуар целеше кон супербогатите купувачи. Тоа покажува дека повисокото позиционирање на марката, може да има ефект, кажува тој.

Марка со сменет имиџ

Јагуар ќе почне со процесот на повторен старт на марката „со целосно сменет имиџ“ во текот на летово, кажа директорот за финансии на ЈЛР, Ричард Молине, пред инвеститорите, за време на претставувањето на деловните резултати на компанијата во минатиот петок.

Во претходна пригода, Јагуар кажа дека новиот ГТ „нема да биде копија на ништо“, но ќе користи инспирација од дизајнерската слобода, што ги одликуваше прочуените модели од минатото на марката. Тоа го вклучува и легендарниот Е-Тајп. „Ќе ви потечат лиги кога ќе го видите производот. Убеден сум во тоа,“ кажа Мардел.

Главниот дизајнер на ЈЛР, Гери Мекгаверн, лани кажа дека новиот ГТ на Јагуар ќе има дизајн од којшто „ќе паѓа вилицата“, што ќе изгледа сосем различно од кој било друг електричен автомобил што вози денес. Тој ќе има досег до 700 километри.

Мекгаверн кажа дека специјалните серии ќе имаат голема улога во повисокото ценовно позиционирање на марката. Како можно име за ограничените моделски серии се спомнува Пантера.

Јагуар има намера да ја скуси понудата од модели со мотор со внатрешно согорување, пред повторниот старт како електирчна марка, но нема наведено датум кога ќе престане да ги произведува тие модели.

Рекорден промет

ЈЛР во последниот квартал продаде 18.059 Јагуари, за 17 проценти повеќе од истиот период лани. Најпродаван модел и натаму е Ф-Пејс, СУВ-модел од средна класа. Неговата продажба порасна за 23 проценти, на вкупно 7.613 возила за три месеци.

Добивката на производителот пред даноци се зголеми за 80 проценти и достигна 661 милиони фунти (близу 774 милиони евра) во последниот квартал, покрај рекорден квартален промет од 7,9 милијарди фунти.

ЈЛР се соочуваше со предизвикот да го опслужи големиот број нарачани автомобили, што чекаа да влезат во производство, поради светската криза од микрочипови, што се создаде за време на пандемијата. Купувачите со месеци ги чекаа своите нови автомобили.

На завршетокот на март, списокот на нарачки што чекаат производство бил смален на 133.000 возила. Најголемиот број на нарачки е за Рејнџ Ровер, Рејнџ Ровер Спорт и Дефендер, објави компанијата.

ЈЛР има намера својот прв целосно електричен Рејнџ Ровер да го претстави годинава. Финансискиот директор Молине кажа дека на листата на чекање што беше отворена во декември, досега се запишани околу 33.000 лица.

Претходна објаваОткако забрани сива: Фиат во Италија печати тетратки и бележници во боите на „600“
Следна објаваСитроен во Полска ја зголеми продажбата за 60%, главна заслужничка новата Ц3

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here