за

Јагуар Ланд Ровер ќе ги произведува електричните СУВ на иста лента со класичарите

Јагуар Ланд Ровер ќе ги произведува своите СУВ-модели со мотори со внатрешно согорување на иста лента со електричните модели во фабриката во Хејлвуд.

Рејнџ Ровер Евок е еден од двата СУВ-модели со мотор со внатрешно согорување што ќе се произведуваат покрај новите електрични модели. Тој е достапен и како приклучен хибрид.

Производството на Рејнџ Ровер Евок и Ланд Ровер Дискавери Спорт во Хејлвуд ќе продолжи дури и откако ќе започне производството на електричните модели, што се конструирани врз платформата ЕМА. Оваа промена се случува откако пазарот покажа зголемена побарувачка за приклучни хибриди.

Јагуар Ланд Ровер ќе продолжи да ги произведува СУВ-модели со мотор со внатрешно согорување, покрај новите модели со целосно електричен погон, со намера да се ублажи преоѓањето кон електрични возила, соопшти компанијата.

ЈЛР во моментов ја приспособува својата фабрика во Хејлвуд, на северозападот на Англија, за во 2025 година да отпочне со производство на автомобили што се конструирани врз платформата ЕМА, развиена исклучиво со електричен погон. Оваа платформа ќе ја користат идните помали модели на Дискавери, Дефендер и Рејнџ Ровер, што сега се водат како марки, место како моделски серии.

Моделите Рејнџ Ровер Евок и Ланд Ровер Дискавери Спорт, коишто се развиени за да користат мотори со внатрешно согорување, ќе се произведуваат и натаму на истата монтажна линија во Хејлвуд „во ограничен временски период“, им соопшти на новинарите извршниот директор Адријан Мардел, при објавувањето на финансиските резултати на 10-ти мај.

Автомобилските компании предвидуваат дека побарувачката за приклучните хибриди ќе се оддолжи, додека забавува продажбата на целосно електричните автомобили. Евок и Дискавери Спорт се достапни и во изведби со приклучен хибриден погон. Рејнџ Ровер Електрик, првиот целосно електричен модел од марката, веќе е достапен за преднарачки во Обединетото Кралство.

ЈЛР забележа профит во кварталот што заврши на 31-ви март, во висина од близу 770 милиони евра, без даноци. Компанијата воедно го објави и највисокиот профит на годишно ниво, постигнат од 2015 година наваму, од преку 2,5 милијарди евра без данок, како и рекорден промет од 33,75 милијарди евра.

Компанијата постигна пресвртница во продажбата на своите најголеми СУВ-модели. Најмногу напредуваше Дефендер, со продадени 114.646 возила во минатата фискална година (до 31-ви март), што претставува раст од 53 проценти. Втор најпродаван модел е Рејнџ Ровер, по него следи Рејнџ Ровер Спорт.

Ланд Ровер Дискавери Спорт, достапен како приклучен хибрид, исто така ќе продолжи да се произведува во фабриката во Хелјвуд, покрај новите електрични модели.

Поголема посветеност кон помалите модели

Новите модели врз платформата ЕМА ќе го вратат вниманието кон помалите СУВ модели на Ланд Ровер. Првиот нов модел се очекува кон завршетокот на 2025 година, најави Мардел. Според гласините, првиот автомобил врз таа платформа ќе биде целосно електрична замена за Велар. ЈЛР уште нема излезено со официјални соопштенија околу новитетот.

ЈЛР може во фабриката во Хејлвуд да произведува модели и со електричен и со класичен погон со мотори со внатрешно согорување, кажа Мардел. Во фабриката се поставува нова каросериска линија за моделите врз платформата ЕМА. Завршната монтажа на електричните и моделите со мотор со внатрешно согорување ќе се врши на истата линија.

Електричните прототипи во моментов се наоѓаат на тестирање во студени временски услови на Арктикот, соопшти компанијата. Тие ќе користат батериски ќелии во форма на призма од Аргатас, којшто е огранок на матичниот концерн Тата, каде што припаѓа ЈЛР. Досегот ќе се движи до 724 километри, според производителот. Батериите ќе овозможуват и побрзо полнење. За 15 минути ќе се наполни енергија за 322 километри.

Мардел во февруари кажа дека ЈЛР го продолжува времето за развој на своите електрични модели и „работи напорно“ за да додаде повеќе приклучни хибриди во понудата, во време кога купувачите покажуваат зголемен интерес за приклучниот хибрид.

ЈЛР во 2021 година најави дека ќе лансира шест целосно електрични модели на Ланд Ровер до 2026 година. Тој број сега е скусен на четири.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шкода Октавиа: Освежување на бестселерот

Шефот на Купра: „Дајте им на луѓето причини за електричен автомобил, не скриени закани“