за

Шефот на Купра: „Дајте им на луѓето причини за електричен автомобил, не скриени закани“

Вејн Грифитс во интервју за гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе зборува за крајот на моторите, за плановите на Сеат и за евтините електрични автомобили во концернот Фолксваген.

Вејн Грифитс почна да работи во дистрибуцијата на Ауди во 1989 година, а во 2016 година стана директор за дистрибуција во Сеат. Четири години подоцна, тој седна во шефовската фотелја на Сеат, како наследник на Лука де Мео. Од 2019 година, Грифитс раководи и со Купра.

На една и пол година пред планираниот почеток на продажбата на првите електрчни модели од концернот Фолксваген, што ќе чинат 25.000 евра, шефот на Купра, Вејн Грифитс, во интервју за гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе, зборува за итната потреба од тие модели во концернот. „Сега е времето, затоа што овие автомобили ни се потребни. Еден од проблемите околу електромобилноста е во тоа што досега немавме понуда во оваа ценовна класа, што ќе може да се спореди со автомобил со мотор со внатрешно согорување со достапна цена“, кажува Грифитс.

Сеат и Купра од шпанскиот Марторел се одговорни за развојот на трите планирани модели од марките Фолксваген (ИД Ту-ол), Шкода (Епик) и Купра (Равал). Грифитс го одобрува планираниот развој на ID.1 што би чинел под 25.000 евра, меѓутоа пак напоменува: „Електрификацијата на пазарот се одвива од горе надолу. Во делот најдолу е потешко. Поради тоа, овој проект не е мој прв приоритет.“

Во продолжение интервјуто со извршниот директор на Сеат С.А, Вејн Грифитс, на Аутомобилвохе.

Господин Грифитс, Сеат и Купра во минатата седмица ги објавија своите бројки за првото тромесечје од 2024. Која е Вашата оцена?

Вејн Грифитс: Ние продолжуваме да напредуваме. Купра порасна за повеќе од 20 проценти, Сеат за четири. Тоа многу нé радува, затоа што и претходната година ни беше рекордна. Продолжуваме да растеме со двоцифрен процент, што е посебно важно за иднината на марките. Меѓу јануари и март, испораката на компанијата на светскиот пазар порасна за 10,6 проценти, на 138.600 возила (125.200 меѓу јануари и март 2023). Во првото тромесечје постигнавме промет од 3,8 милијарди евра, за седум проценти повеќе од првиот квартал во 2023. Тоа што е најважно: Нашата оперативна добивка порасна за 57 проценти, на 226 милиони евра. Од мое гледиште, тоа е голем успех.

Како успеавте да ги постигнете овие бројки?

Најголем двигател несомнено е постојаната побарувачка за Купра Форментор. Моделот е исклучително рентабилен. Покрај тоа, имаме големо заживување во побарувачката за сите модели на Сеат.

Раст и кај Сеат? Тоа не се очекуваше.

Да, секако! Марката Сеат ја зголеми продажбата за четири проценти во споредба со истиот период лани. Можеше да биде уште повеќе, но нашите производствени капацитети се веќе преоптоварени. Доколку би морале да избираме, предимство ќе дадеме на производството на моделите на Купра, затоа што со нив се постигнува поголема маржа. Но, и побарувачката за Сеат е одлична и би можеле да ја покриеме уште подобро, доколку не би морале да ги ставаме во втор план во производството.

Ренесансата на моторите со внатрешно согорување му користи и на Сеат?

Јас не гледам ренесанса на моторите со внатрешно согорување, туку нормализација во побарувачката за електричните модели. Во тој поглед не е сменета мојата цел, да ги промовираме овие модели и да ја достигнеме целта за нулта емисија во 2035 година. За Вашето прашање: Побарувачката за моделите со мотор со внатрешно согорување од Сеат и Купра беше висока и лани, така што нема нов тренд во тој поглед.

Новото моделско годиште на Форментор, најпродаваниот модел на Купра, има редизајнирана маска со изглед на „нос на ајкула“.

Врз што се темели тоа?

Од Купра Форментор во 2023 продадовме опреку 120.000 возила, тоа е најуспешниот кросовер-СУВ во Европа. Со Купра и натаму сме најбрзо растечка марка во Европа. Погледнeте колку време ѝ требаше на Тесла, за да постигне повпечатлив успех во продажбата. Ние за шест години веќе имаме продадено 600.000 модели на Купра. На тоа можеме да се гордееме. Нашиот дизајн и нашите возила се прифатени добро кај младата генерација.

За завршетокот на ова десетлетие имате намера со маркaта Купра и со два нови електрични модели да стартувате со продажба во САД. Какви точно возила се создаваат за таа цел?

Ќе стартуваме со електричен наследник на Купра Форментор, а потоа ќе понудиме на пазарот и поголем кросовер-СУВ. Вториот ќе се произведува во фабрика на концернот Фолксваген во северноамериканскиот регион, вклучувајќи го Мексико.

Кои се Вашите цели за пазарот во САД?

Со двата модели сметаме да постигнеме продажба од 100.000 возила во среден рок. Во спротивно не треба ни да се мисли на обид да се продава во САД. Важно е во САД да не бидеме присутни во секоја сојузна држава, туку во почетокот да им се посветиме на пазарите што имаат афинитет кон електричните возила, на западниот и источниот брег, како и во државите во Сончевиот Појас. За нашите следни планови, мора прво да почекаме на исходот од претседателските избори во САД во ноември, за да знаеме како нештата ќе се одвиваат понатаму околу субвенционирањето на електромобилноста, преку Актот за намалување на инфлацијата.

Вашите дизајнери во новата Купра Дизајн Хаус во иднина ќе работат и за надворешни партнери. Дали тоа значи дека по барање ќе им помагате и на останатите производители на автомобили?

Не треба да се исклучува таа можност. Нашиот главен дизајнер Хорхе Диез сега првпат е навистина зафатен со нашите сопствени нови модели, коишто ни се потребни за САД. Но, за потоа, треба да се види. Факт е дека Хорхе за мене е најдобриот дизајнер во концернот Фолксваген, ако не и најдобар дизајнер во автомобилската индустрија. Одлуката нашиот дизајн да го претвориме во деловно подрачје, директно е поврзана и со него. Дизајнот е една од нашите најсилни страни и сакаме да го покажеме тоа и настрана од нашите сопствени автомобили.

Што точно ќе дизајнира Купра Дизајн Хаус во иднина?

Со Д28 Форментор, ние веќе имаме дизајнирано јахта, а за Купот на Америка ќе претставиме уште еден глисер што потекнува од нашите дизајнери. Развивме колекција со шпанскиот производител на накит МАМ и во меѓувреме се достапни првите парчиња од нашата нова модна линија. Можам да замислам дека еден ден ќе постои и мебел Купра. Лудо е, што сé имаме замислено.

Звучи како да мора значително да го проширите вашиот дизајнерски тим.

Не работиме така во Купра (се смее). Немаме направено бизнис план за следните пет години, за да утврдиме со колку лица и ресурси ќе го исполниме истиот. Знаеме во која насока сакаме да одиме, но патот сами ќе си го најдеме. Хорхе Диез сега почна да работи во новата Купра Дизајн Хаус, со нашата стратешка дизајнерка Франческа Сангали и со мојата шефица за комуникации Сесилија Таиеб. Ова трио ќе раководи со новата фирма и ќе ми поднесува извештаи мене. Во почетокот, во Дизајн Хаис нема да работат повеќе од две дузини соработички и соработници. Но, тој број може да расте, сé додека тоа носи профит и ѝ помага на марката.

Во која насока целите со Купра?

Ние сме одметниците во концернот. Но, такви одметници на коишто концернот Фолксваген почна да им се радува. Индустријата не е во трансформација, туку е во неред. Затоа се неопходни пристапи како кај нашите дизајни на Купра. Покажавме дека тие минуваат добро кај клиентите. Јас кажувам секогаш: Ние сме стартапот во концернот и покажавме дека може да постои стартап-култура и во една таква голема компанија.

Тоа што сепак Ве разликува од класичните стартапи е неизмерната основа за марката што доаѓа од Сеат, врз којашто ја изградивте Купра.

Тоа е многу точно, тоа е стартап во постоечки структури и не е гринфилд-стартап. Ние веќе имавме фабрики, платформа, разработена продажна мрежа. Тоа помогна да ни биде полесно отколку на новите играчи, што прво мора да проверат каде воошто би можеле да ги произведуваат своите возила во Европа. Но, ниту тоа не е гаранција дека за шест години ќе се продадат 600.000 возила, како што успеавме со Кјупра. Тоа не помогна за предизвикот да биде помал…

Зошто?

Тие што градат врз постоечки темели се во опасност дека само ќе продолжат да го пишуваат минатото. Решавачки фактор беше тоа што и покрај постоечките структури, воведовме новини. Ние радикално пресековме со денешницата. Кажавме дека ќе одиме на агенциски модел во продажбата, ќе воспоставиме нова марка, ќе конструираме сосем нови модели. Во концернот Фолксваген секогаш се зборува многу за трансформацијата. Ние сме најдобриот пример, како таквиот идеал да се претвори во реалност.

Вие работите и на развојот и производството на планираните електрични автомобили за 25.000 евра во концернот Фолксваген. До каде имате напредувано?

Неодамна ги возев првите прототипи, имаме напредувано многу и се држиме до временските рокови. Фабриките се приспособуваат, а кон завршетокот на следната година ќе ги претставиме возилата. Дојдено е времето, затоа што овие автомобили ни се неопходни. Еден од проблемите со електромобилноста е во тоа што во оваа ценовна класа досега немаше понуда што ќе може да се спореди со достапен модел со мотор со внатрешно согорување. Сега работиме на тоа.

Меѓу идните модели на Купра спаѓаат Таваскан (лево), Терамар (назад) и Равел (напред), прикажан преку концептниот модел Урбан Ребел

Дали ценовниот праг од 25.000 евра важи и за Купра Равал?

Не, таа ќе биде над тоа. Точната цена уште не би можел да ја посочам. Но, доколку на крајот постигнеме основна цена од 30.000 евра, тогаш уште ќе бидеме во ценовната класа на Сеат Леон, што се вбројува меѓу најпродаваните автомобили во Шпанија. Тоа ќе ги привлече купувачите, но посебно во Шпанија мораме значително да ја прошириме мрежата од полначи. Електричните автомобили во минатата година имаа удел од пет проценти на пазарот во Шпанија. Дури и да достигнам 30 проценти удел, со Сеат и Купра со два проценти удел во вкупниот пазар во Шпанија нема да бидеме во состојба да преживееме. Тоа значи дека и пазарот мора да порасне значително.

Во концернот веќе се зборува за следниот чекор. Електричен автомобил за 20.000 евра. Тоа личи како да е точно погодено за модел на Сеат, или не е така?

Доколку тоа биде рентабилно, да. За нас во врска со Сеат важи и натаму: Ние ќе ја електрифицираме марката дури кога тоа ќе може да се финансира. Електрификацијата на пазарот се одвива од горе надолу. Во делот што е најдолу ќе биде многу тешко. Поради тоа, овој проект не е мој приоритет број еден. Мојот приоритет е да заработам пари. Концернот Фолксваген дискутира околу електричен автомобил за 20.000 евра, но уште не е решено. Јас се посветувам на профитабилни и рентабилни возила. Само така можеме да заработиме пари во Купра, за да вложиме во електрификацијата. Доколуку на крајот излезе и достапен електричен автомобил за Сеат, уште подобро.

Се вели дека Купра е крајот на Сеат…

Знам дека постојано се дискутира околу тоа. Купра не е крајот на Сеат, туку е иднината. Но, тоа не значи дека Купра ќе го замени Сеат. Тоа не значи и дека Сеат ќе исчезне. На моја голема среќа, можам да раководам со двете марки. Потребни ни се Сеат и Купра. Едната марка повеќе ќе им се посвети на моделите со мотори, едната повеќе на целосно електричните модели. Во нашите фабрики можеме да ги покриеме двете погонски опции. Тоа е важно, затоа што мораме да останеме флексибилни. Никој не може да предвиди со каква брзина ќе тече трансформацијата. Продажбата на електричните автомобили на германскиот пазар долго време се одвиваше одлично, но потоа се јави сојузната влада и преку ноќ ја исклучи субвенцијата од штекер. Побарувачката сепак ќе се врати во нагорна линија, и мора да се врати, затоа што тоа е единствениот правилен пат. Декарбонизацијата мора да е целта. Доколку живеете во Барцелона и таму не врнело две години, ќе ме разберете за што зборувам.

Колку тогаш Ве вознемирува тековната политичка дебата во ЕУ околу повлекувањето на планот за збогување со моторите со внатрешно согорување во 2035 година?

Ако сега кажам дека тоа многу ме нервира, ќе имате убав ударен наслов (се смее). Јас тоа ќе го формулирам вака: Морате точно да го поставите фокусот. За мене е крајно неразбирливо, како може да стави во прашање целосната декарбонизација. Дискусијата околу вистинскиот момент, сепак е оправдана. Јас само би сакал повеќе да се зборува околу тоа, како да се постигне сегашната цел.

Како може таа да се постигне?

Со краткорочно и конкретно планирање, место да се зборува за одложување на долгорочните цели. Ниту еден од политичарите што гласале за целта за нулта емисија во 2023 година во ЕУ, за единаесет години отсега нема да биде во служба. Од мое гледиште, политичарите мора повеќе да се прашуваат за следното: Како да се постигне тоа за време на мојот мандат? Што конкретно можеме да смениме во тој временски период? Така впрочем работиме во Купра, ние самите си задаваме домашни задачи. Но, сега политичарите мора да се заземат.

Како го замислувате тоа?

Место купувачите на автомобии со мотор со внатрешно согорување да се оптоваруваат со високи даноци и да се заканува со забрана за моторите од 2035 година, мора да постои многу посилна политичка моќ на убедување, за предностите на електричните автомобили. Тоа може да бидат субвенции или даночни повластици, или едноставно може да биде јасна порака, дека е многу поевтино, да се полни обновлива енергија, место да се полнат фосилни горива. Дајте им на луѓето причини за електричните автомобили, не сокриени закани. Часовникот ѝ брои на планетата и колку побрзо ќе ја постигнеме целта за нулта емисија, толку подобро. Времето за филозофии заврши.

Последното прашање: Вие сте Британец, што живее во Шпанија и Германија. Кој ќе биде европски првак?

Јас сум закоравен Европеец. Јас целиот мој живот го поминав во Европа, поради тоа моето срце чука за сите три земји. Англија, Шпанија или Германија – една од трите треба да ја освои титулата.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јагуар Ланд Ровер ќе ги произведува електричните СУВ на иста лента со класичарите

Кадилак ќе ја освојува Европа со целосно електричен Лирик