Целосно електричниот Лирик со цената е „исклучително конкурентен“ наспроти споредливите СУВ со погон на сите тркала од БМВ, Мерцедес и Ауди, цени директорката на Џенерал Моторс за Европа, Џеклин Меквејд.
Кадилак се шири во Европа и започна со директна клиентска продажба на целосно електричниот Лирик во Германија.
Луксузната марка на Џенерал Моторс лани во октомври започна со исклучиво онлајн продажба на Лирик во Швајцарија. Потоа следеа Шведска и Франција. Намерата е моделот да се продава и во ОК, меѓутоа Кадилак не посочи кога би отпочнала продажбата таму. Тоа е модел што им конкурира на електричните Мерцедес-Бенц Е-Ку-Е и Ауди Ку8 Е-трон.
„Во Европа се поставуваме како електричен играч од висока категорија и премиум марка со американски корени,“ кажа директорката на Џенерал Моторс за Европа, Џеклин Меквејд.
Меѓу аргументите со коишто Кадилак сака да се издвои од германските премиум соперници е храбриот дизајн на Лирик.
„Не сме како бројните останати елеткрични марки, ние сакаме автомобилот да им го понудиме на луѓе што сакаат својата личност да ја искажат преку него,“ вели Меквејд. „Нашите клиенти се модерни луѓе што сакаат перформанси и сакаат технологија.“
Кадилак сака да освојува клиенти за Лирик и со „исклучително конкурентната“ цена
СУВ-моделот со погон на сите тркала чини 80.500 евра во Германија, каде што споредлив Мерцедес Е-Ку-Е 500 со послаб погон (408 КС наспроти 507 КС) и покус досег (594 наспроти 690 километри) стартува од 99.841 евра.
Стандардната опрема на Лирик содржи напредни системи за асистенција, кожени седишта и спортски гуми, што кај конкурентите обично се добиваат со доплата.
И покрај конкурентната цена, продажбата на Лирик во Европа стартуваше бавно. Во првите три месеци биле регистрирани само седум возила, според податоците на Датафорс.
Меквејд не наведува колкава продажба очекува, место тоа нагласува дека целта на Кадилак е квалитетот пред квантитетот.
„Секогаш внимаваме на профитабилноста во бизнисот,“ објаснува директорката.
Лирик во Германија ќе се изложува на локации во Берлин, Минхен и Келн. Покрај тоа, Франкфурт и Хамбург ќе добијат т.н. Кадилак Сити, односно салони лоцирани во градското јадро.
Кадилак ќе се потпира на онлајн-продажба, место да создава мрежа од дилери.
„Нашата продажба е директна продажба“, кажува Меквејд, „и ние сме убедени дека тоа ќе донесе успех со луксузна марка како Кадилак.“
















