Постои само еден примерок од Mercedes-Benz 300 SEL 6.3 што вози со каросерија дизајнирана и изработена во легендарната италијанска каросериска работилница Pininfarina. Купето е изработено по посебна нарачка, тоа што му дава дополнителна вредност е обемната писмена размена меѓу сопственикот и Pininfarina.
По големиот успех со сериите W111 и W112, како први модели на Mercedes-Benz што се произведоа помасовно, благодарение на подобрената ефикасност на производството, Штутгарт настапи со нова генерација луксузни лимузини на салонот во Франкфурт во 1965 година. Серијата W108 / W109 се произведуваше во Европа до 1972 година и достигна продукција од преку 380.000 примероци
Лимузината изгледаше многу поелегантно и помодерно од нејзината претходничка со препознатливите перки назад. Разликата меѓу W 108 и W 109 е во тоа што вторава изведба има продолжено меѓуоскино растојание. Повеќето купувачи се решаваа за верзиите со шестцилиндарски мотор.
Во 1966 година, инженерот на Mercedes-Benz, Ерих Ваксенбергер, почна да работи на приватен проект. Идејата беше масивниот мотор 6.3 V8 од претседателската лимузина „600“ да се вгради во W 109. Овој проект доживеа да биде прикажан и пред јавноста, на салонот во Женева во 1968 година.
Публиката реагираше со одушевување, што го охрабри Штутгарт за моделот да го вклучи во производство. Од 1968 до 1972 година беа изработени 6.526 луксузни лимузини со перформанси на тогашен спортски автомобил – достапен за најбогатите.
Во тоа време, 300 SEL 6.3 беше меѓу најбрзите лимузини, со крајна брзина од 200 km/h. Магазинот Road & Track организираше трка во спринт во којашто Mercedes беше побавен единствено од 427 Corvette.
Автомобилот за којшто ќе се наддава на 18-ти август, на настанот организиран од Бонамс, во Кармел, Калифорнија, претставува посебна нарачка на којашто се работеше долги години. Холанѓанецот што го нарачал возилото и чиешто име долго време се чува во тајност, платил 400.000 гулдени, што одговара на тогашната цена на 83 возила Volkswagen Beetle.

Историјата на овој уникатен 300 SEL 6.3 почнува кога сопственикот на холандска фабрика за машини за литографија, одушевен од новиот знаменосец на Mercedes-Benz, во 1968 година прашал дали Штутгарт планира кабриолет изведба. Оттаму одговориле дека немаат такви планови и дека одбиваат да испорачаат гола шасија. Негативен одговор следел и на прашањето за купе изведба.
Холанѓанецот решил да си ја проба среќата и се обратил директно до Др. Уленхаут, татко на 300 SL и во тоа време член на управниот одбор. Барањето било истото, да се испорача шасија на којашто ќе се постави каросерија со сопствен дизајн. Целата таа комуникација меѓу др. Уленхаут и Холанѓанецот е вклучена со возилото што се продава.

Следен чекор било обраќање до Pininfarina во Торино, додека во исто време продолжувала комуникацијата со Штутгарт. На крајот, тој решил да купи стандарден 300 SEL 6.3 и да го преработи во сопствена режија. Секако дека планот беше возилото да се предаде на преработка во Торино. Pininfarina добиле налог да дизајнираат возило со конфигурација 2+2.
Италијанците прво го одбиле налогот, затоа што ценеле дека шасијата е недоволно крута и дека треба Mercedes-Benz да ја скуси. По долго натегање, Pininfatina се сложиле да ја направат преработката, откако возилото ќе им биде доставено во Торино. Цената: 10.000.000 лири. Холандскиот индустријалец го прифатил тоа без двоумење.

Италијанските каросеристи добиле бројни посебни барања. Нарачателот барал да седи високо „како во Rolls-Royce“, да се смалат прозорците „за да не седиме како во аквариум“, а исто и задната клупа требало да се поместува и да нема потпирач за раце. Било побарано и да се додаде звучна изолација.
Откако го заврши проектот, Pininfarina го изложи уникатниот 300 SEL 6.3 на салонот во Париз во 1970 година. Сопственикот бил одушевен, но не и медиумите и јавноста. Почнале шпекулации околу името на сопственикот, при што најчесто се спомнувал пиварскиот магнат Фреди Хајнекен. Но, сопственикот е друг.

На 10-ти феврари 1971 година, шоферот на Холанѓанецот конечно го довезол автомобилот во Холандија.
Проблем настанал кога се покажало дека на сопругата не ѝ се допаѓала посебно марката Mercedes. Па така, во 1972 година, било контактирано со германскиот трговец со автомобили Auto Becker, да го купи возилото. Цената 70.000 марки, при 10.000 поминати километри. Купувач не се нашол.

По подолго време, автомобилот се вратил кај сопственикот. Во 1973 година, друг Холанѓанец го купил уникатот.
Изгледот можеби не е по сечиј вкус, но користените материјали во кабината се со врвен квалитет. Потребни се само мали зафати на каросеријата и во механиката. По средувањето, од Бонамс ценат дека возилото ќе заслужи место на прочуениот Concours d’Elegance.
1969 Mercedes-Benz 300 SEL 6.3 2+2 Coupe
- Проценета вредност: 400.000 – 600.000 долари
- Каросерија од Pininfarina
- Број на шасија 100981-12-004017
- Број на мотор 109018-12-003924
- Мотор 6.332 ccm SOHC V8
- Механичко впрскување на горивото
- 300 КС при 4.100/min
- 4-степен автоматски менувач
















