Компанијата Uber Technologies пријави дека првпат во историјата забележале оперативен профит, благодарение на зголемената побарувачка за превоз и достава. Тоа претставува пресвртница, со којашто компанијата ќе се збогува со прекумерното трошење кеш во минатото.
Објавените деловни резултати сведочат дека бројот на патувања во САД и Канада се вратиле на нивото од пред пандемијата. Во исто време, бројот на барања за достава забележил рекордна вредност, и покрај поскапената храна.
Uber пријави оперативен профит во вториот квартал во висина од 326 милиони долари, како и прилив на свежи пари во вредност од 1,14 милијарда долари.
Бизнисот на Uber не ги трпи последиците од инфлацијата, бидејќи купувачите уште се подготвени да платат повисока цена и удобно да патуваат, како и да нарачаат храна да им се достави на домашниот праг.
Откако се соочуваше со недостиг од возачи, што предизвика поскапување на услугата и долго време на чекање, од Uber кажуваат дека бројот на активни возачи во последниот квартал им се зголемил за 33 проценти во споредба со лани. Бројот на патувања исто така се зголемил за 26 проценти во споредба со вториот квартал лани, достигнувајќи рекордна вредност.
Uber се посвети на додавање нови услуги и производи во својата мобилна апликација, вклучувајќи програма за превоз на тинејџери, можност за резервирање за група и за гости, подароци преку видео порака и превоз со глисер. Компанијата ги прошири и можностите за рекламирање и наведе дека се почитувала построга дисциплина во трошењето „на сите рамништа“.
Оперативниот профит, првпат од основањето на компанијата во 2009 година, помогна Uber да постигне изненадувачко зголемување на добивката во вториот квартал.
Во тромесечјето што заврши на 30-ти јуни, Uber постигна добивка од 394 милиони долари. Наспроти тоа, аналитичарите очекуваа загуба во висина од 49,2 милиони долари.
Can you guess the city? Hint: this city's castle sits on an extinct volcano #GuessTheCity pic.twitter.com/WuQ4evoGZc
— Uber (@Uber) July 27, 2023
Компанијата исто така објави дека директорот за финансии Нелсон Чаи заминува на 5-ти јануари. Ретко досега се случувале смени на толку високи позиции, откако Uber почна да нотира на берзата во 2019 година. Уште не е утврдено кој ќе го наследи Чаи.
Акциите на Uber, компанија со седиште во Сан Франциско, во изминатата година се зголемија двојно. Спротивна е ситуацијата со Lyft Inc., коишто уште се соочуваат со последиците од ковид. За разлика од Uber, Lyft работи само во Северна Америка и не доставува храна.
Кога побарувачката за превоз стивна целосно во времето на пандемијата, Uber реши да се посвети на Uber Eats. Тоа беше мошне вешт деловен потег и се покажа дека уште има простор за раст во секторот за достава на храна.
Uber Eats постигна промет во висина од 3,06 милијарди долари, како и оперативна добивка во висина од 329 милиони долари, главно благодарение на наплатата на реклами. Поскапувањата на храната не ги одврати клиентите да нарачуваат достава на храна. Во просек, месечно се нарачуваат по четири достави на храна, по клиент.
Вкупниот промет се зголеми за 14 проценти на 9,2 милијарди долари.
















