Бројот на степени на пренос кај автоматските менувачи се зголемуваше постојано во последниве години. Но, пробивот на хибридниот и електричниот погон го прекинува овој тренд и бројот на степени ќе се намалува во иднина.
Автоматските менувачи порано имаа обично по три степени на пренос, а најмногу четири. Денес постојат менувачи со девет степени, на пример кај Mercedes, додека Volkswagen развива менувач со двојна спојка со десет степени на пренос. Моментно се најзастапени автоматски менувачи со претворач на вртежниот момент и автоматски менувачи со двојна спојка. Првиот е класичен вид на автоматик, додека менувачите со двојна спојка се вградуваат во автомобилите од пред десетина години.
Класичниот автоматски менувач е хидрауличен систем со претворач на вртежниот момент. Претворачот служи како „посебен елемент за поаѓање“, односно се грижи вртежниот момент да се пренесува при најразлични вртежи и силата на моторот да се пренесува врз патот во сите услови. Овој менувач е сложен и скап, односно по правилно чини двојно повеќе од менувач со двојна спојка.
Во основата, менувачот со двојна спојка е усовршена варијанта на механичкиот менувач, со сите негови предности и недостатоци. Додека се вози во одреден степен, следниот степен на пренос се активира однапред и потоа само чека да се исполнат условите за префрлување – или команда од возачот. Како резултат од тоа, при менувањето на степените речиси целосно отсуствува прекин во влечната сила.
Менувачите со двојна спојка (DSG) се поевтини и поштедливи од класичниот автоматик. Заштедата во потрошувачката достигнува и до еден литар
Обете централни спојки се користат заедно за менување на степените и за поаѓање. Овој вид менувачи нуди идеална комбинација од возен комфор и ниска тежина. Единствено поаѓањето не е толку меко како кај класичниот автоматски менувач. Затоа, пак, потрошувачката на гориво е пониска. Разликата може да изнесува меѓу 0,5 и еден литар на сто километри.
Постојат и роботизирани менувачи и безстепени автоматски менувачи (CVT). Кај првите, автоматизирањето на менувањето на степените го вршат мали електромотори, коишто го поштедуваат возачот од користење на спојката. Бидејќи овие менувачи се поевтини, обично се вградуваат во помалите возила. Главен недостаток е мошне грубото менување на степените, затоа што менувачот располага само со една спојка, со што отсуствува можноста, вртежниот момент да се префрли од една на друга спојка. Роботизираните менувачи постепено се повлекуваат од понудата, затоа што во меѓувреме менувачите со двојна спојка станаа поевтини.
Безстепените автоматски менувачи се популарни само во одредени региони, најмногу во Јапонија. Ефектот на гумена лента е најголемиот проблем со којшто се соочуваат менувачите CVT (continuously variable transmission – менувач со постојано променлив преносен однос). При забрзување и при поаѓање се стекнува впечаток како возилото да е закачено на гумена лента што се растегнува. Причината поради којашто овие менувачи се користат и натаму е ниската потрошувачка на гориво. Менувачот CVT овозможува моторот секогаш да работи во подрачјето кадешто постигнува највисока ефикасност.
Електрификацијата на погонската спрега води кон смалување на бројот на степени. Електромоторот го потпомага конвенционалниот мотор и придонесува тој почесто да се наоѓа во оптималното работно подрачје
Водечкиот тренд во автомобилската бранша секако дека влијае и врз менувачите: Електрификацијата на погонската спрега, односно хибридните и електричните автомобили. Електромоторот кај хибридниот погон го потпомага моторот со внатрешно согорување, кој поради тоа се ангажира поретко и поумерено, со што се намалува и потребата од менување на степените на пренос. Електромоторот му овозможува на моторот да работи поефикасно. Тоа ја намалува потребата од голем број на степени на пренос. Како што електрификацијата на погонската спрега ќе продолжи на напредува во иднина, така ќе се смалува и бројот на степени на пренос. Volkswagen, на пример, кај своите модели со плагин-хибриден погон вградува само менувачи со шест степени.
Електромоторот може да преземе голем број од работните подрачја на моторот со внатрешно согорување. Со тоа, конвенционалните автоматски менувачи со осум, девет, па дури и десет степени на пренос, стануваат предимензионирани. Бројот на степени ќе се смали на четири, пет или шест. Бројот на механички компоненти во менувачот исто така ќе се намалува со напредувањето на електрификацијата на погонската спрега, затоа што возењето наназад може да се изведе по електричен пат, само со замена на половите.
Зголемувањето на бројот на степени води кон контрапродуктивност. Тежината на менувачот ќе се зголеми, ефикасноста на работата ќе се смали
Кај конвенционалниот погон со мотор со внатрешно согорување нема смисла бројот на степени да се зголемува на повеќе од десет. Осум до девет степени на пренос нудат оптимум меѓу цената и ефектот. Целта при развојот на менувачите не е бројот на степени на пренос да се зголемува до недоглед, туку да се постигне колку е можно поголем распон.
Колку е поголем распонот на преносните односи, толку е поголема брзината што ја постигнува возилото при ниски вртежи. Тоа резултира со намалување на потрошувачката на гориво. Натамошното зголемување на распонот сепак би било контрапродуктивно кај актуелните менувачи. Предностите во потрошувачката на гориво би биле минимални, а дополнителниот број на степени на пренос само ќе ја зголеми тежината и загубата во моќноста. Или кусо, тежината би се зголемила, а ефикасноста би се намалила. Покрај тоа, пречестото менување на степените на пренос би внело одредена нервоза во возењето. Автомобилите со електричен погон не се соочуваат со овој проблем. Тие немаат потреба од менувач, затоа што го оддаваат максималниот вртежен момент уште од поаѓањето.




















