Subaru ја најавува новата Impreza за салонот во Токио

Subaru Impreza

Два важни новитета ќе бидат претставени на штандот на Subaru на салонот во Токио. Едниот од нив е најава за новата генерација на Impreza што пристига в година, а вториот новитет е студија за наследникот на Forester.

Вкупно десет новитети се најавени да се појават на штандот на Subaru на претстојниот салон во Токио, кој се одржува од 30-ти октомври до 8-ми ноември. Покрај концептите што ги најавуваат идните Impreza и Forester, автомобилската марка на Fuji Heavy Industries ќе прикаже уште четири нови модели од сериско производство, заедно со уште четири специјални верзии од постоечките модели.

Темата на штандот на Subaru на 44-то издание на Токио Мотор Шоу е „Новата приказна на Subaru“. Јапонската марка со култен имиџ, преку овој слоган укажува дека нејзините автомобили се користат „со уживање и со спокојна мисла“. Најважните новитети на штандот се Viziv Future Concept, како најава за идната генерација на Forester, со обемна примена на технологија за автономно возење, а покрај него и Impreza 5-Door Concept, кој го прикажува конечнот изглед на новата генерација на ова моделско име чијшто пазарен старт следи в година.

Концептниот автомобил Viziv го прикажува изгледот на идната генерација на Forester и истражува на полето на автономното возење
Концептниот автомобил Viziv го прикажува изгледот на идната генерација на Forester и истражува на полето на автономното возење

Концептот „Vision for Innovation“ или Viziv го најавува идниот Forester, со радикални промени во изгледот и со самоуверен дизајнерски настап. Идејата на Subaru е преку дизајнерските обележја во возилото да го мотивираат возачот „да излезе од градот и да се активира“. Заедно со новиот дизајн пристига и солиден пакет на технологија за автономно возење, кој се базира на постоечкиот EyeSight. Погонот е хибриден, во комбинација со малечок бензинец со турбонатполнење и директно впрскување, преземен од новиот Levorq.

Секако дека најголемата гордост на Subaru и натаму ќе биде симетричниот погон на сите тркала, кој доживува интересно унапредување во концептниот Viziv. Со вградување на електромоторот во задната оска, карданското вратило станува непотребно, а со тоа дополнително се овозможува и повеќе простор во багажникот и полесен пристап до него. Специјалистот за погон на сите тркала не ги открива останатите детали од техниката на Viziv, но наведува дека новиот „симетричен погон“ ќе ја задржи исклучителната управливост, со активна распределба на вртежниот момент меѓу предната и задната оска и меѓу двете тркала на иста оска.

Конечниот изглед на новата Impreza останува во тајност до отворањето на салонот

За разлика од концептот на идниот Forester, чијшто изглед е познат веќе сега, Subaru реши да го задржи изгледот на идната Impreza до салонот во Токио и засега ги објавува само цртежите од новиот модел. Сериската верзија на Impreza ќе биде прв модел на марката што ќе се повика на новиот дизајнерски правец прикажан со „Проминенс 2020“, лани во мај.

Impreza е прв сериски модел со новиот дизајнерски печат на јапонскиот специјалист за погон на сите тркала
Impreza е прв сериски модел со новиот дизајнерски печат на јапонскиот специјалист за погон на сите тркала

Динамиката и солидноста ќе бидат основните обележја во новиот дизајн на Subaru. Дизајнот повеќе ќе става нагласок на супериорноста на Impreza во својата класа, во поглед на динамичните возни својства и уживањето во возењето, надополнети со иновативна технологија и „спокојна мисла“.

Subaru ќе го искористи својот настап во Токио за премиера на специјалната серија WRX S4 SporVita, со име што произлегува од италијанските зборови „sportiva“ и „vita“. Марката преку оваа серија ги нагласува спорските перформанси на своите модели и беспрекорната изработка. За првпат во автомобил од јапонско производство се користи кожа од италијанскиот специјалист Марио Леви, за обложување на уникатните спортски седишта. Во посебната атмосфера во кокпитот учествуваат и деталите во арматурната табла и во инструментите. Стандарден дел од WRX S4 се бандажите со гуми 245/40 R18, исто како и радарската и сензорска техника од пакетот на системи за асистенција EyeSight. На овој начин Subaru дополнително ја нагласува индивидуалноста на WRX S4 како спортска лимузина за зрели возачи. Серијата SporVita од моделите WRX S4 и Legacy B4 ќе стартува со продажба на јапонскиот пазар паралелно со отворањето на салонот во Токио.

Меѓу експонатите на штандот ќе продефилираат и S207, како екстремна верзија на WRX STI подготвена од спортското одделение STI, заедно со фејслифтот на Forester и Subaru XV, како и новите моделски изведби Levorg 1.6GT EyeSight S-style, Legacy Outback Limited Smart Edition и BRZ GT300.

Претходна објаваЕвтините зимски гуми можат да чинат многу скапо
Следна објаваRange Rover Evoque ќе биде најтеренскиот кабриолет во светот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here