Овој модел од средната класа никогаш не се издвојувал во уличната слика. Неговите вистински вредности се наоѓаат под ламарината. Ако некој модел најдобро го претставува јапонскиот квалитет, тоа е Toyota Avensis.
Втората генерација на Avensis беше развиена посебно за европскиот пазар и се произведуваше само во Европа. Кај овој модел, Toyota за првпат користеше техника од Bosch во поголем обем. Уште од стартот на продажбата во безбедносната опрема беше опфатена воздушна перница за колената на возачот. Послабите модели добија контрола на стабилност дури во втората година од пазарното присуство на Avensis. Со фејслифтот во 2006 година, лимузината, комбилимузината и комбито добија нов преден браник, диодни трепкачи во ретровизорите, како и непрофилирани предни панели на светлата. Ксенонските светла се испорачуваа стандардно во нивото Executive. Во поглед на завршната изработка, некои детали не беа изработени толку совршено.
Примероците со ксенонски светла е подобро да се избегнуваат
Главна одлика на Toyota Avensis од типот T25 е комфорното и релаксирачко крстосување. Затоа, пак, спортското возење не му лежи толку многу. Од моторите препорака заслужуваат 1,8-литарскиот бензинец со 129 КС, а за подинамично возење е подобар избор 2.2 D-4D D-Cat со 177 КС. Единствените поплаки на сопствениците на Avensis се однесуваат на расклатените одови на рачката на менувачот, иако и тоа е забележано во само неколку случаи. Ксенонските светла е подобро да се избегнуваат кај моделите произведени меѓу 2003 и 2007 година, поради тоа што слабее силината на осветлувањето и се заматуваат предните панели на светлата.
[pull_quote_center]Од сите автомобили во средната класа стари меѓу 10 и 11 години, со просек од изминати 133.000 километри, кај 52,5 проценти не се регистрирани дефекти. Од сите примероци на Avensis, пак, дури 65,5 проценти немаат никакви дефекти. Тоа најдобро укажува на супериорната издржливост на моделот.[/pull_quote_center]

Издржливоста на деловите од подвозјето е беспрекорна. Конкуренцијата заостанува далеку во тој поглед и кај Avensis многу поретко се појавуваат проблеми и дефекти во водењето на тркалата, во амортизацијата или во управувањето. Истото важи и за системот за сопирање, што е исклучок, затоа што кај другите модели на Toyota знаеле да се појават проблеми со сопирачките дискови. При изборот на користено возило е добро да се провери само работата на паркирната сопирачка, останатото е совршено и по 100.000 километри, колку што во просек минуваат возачите на Toyota Avensis за време од 6 до 7 години. Никакви забелешки не постојат за протекување на масло од моторот или менувачот, за кородирани издувни лонци, исто како и за проблеми со контролната електроника на моторот.
[quote_box_right]Toyota Avensis (Тип Т25)
Произведувана од 2003 до 2007 година
Мотори од 115 КС (2.0) до 177 КС (2.2 D-CAT)
Цени од 3.000 евра[/quote_box_right]
Проблемите кај Toyota Avensis мора буквално да се бараат со лупа. Па дури и тогаш нема да се пронајде никаков дефект. Дури и сопирачките дискови, коишто се вообичаена слаба точка на секоја Toyota, функционираат беспрекорно кај Avensis. Единствените проблеми се во осветлувањето и во паркирната сопирачка, па и тие се минимални. На крај, Avensis е автомобил когошто секој купувач на користено возило може само да го посака.
















