Вториот модел на Polestar, подмарката на Volvo што е специјализирана за електричен погон, деновиве пристига кај првите сопственици. Шведска и Норвешка, кои се меѓу светските лидери во електромобилноста, во поглед на уделот на возилата на струја во вкупната продажба, беа први земји во светот во кои пристигаа примероци од Polestar 2.
Испораката на возилата се врши во таканаречени Handover-Centers во рамките на салоните на матичната марка Volvo. Во само неколку држави во светот моментно се поставуваат Polestar-Spaces, како современ вид на салони за автомобили во кои заинтересираните купувачи можат поблиску да ја запознаат марката и да резервираат пробно возење.
Продажбата се врши строго дигитално. Роковите на испорака уште се релативно куси и при нарачка сега, Polestar ветува дека возилото ќе биде испорачано уште годинава. До крајот на годината во целиот свет ќе има поставено вкупно 50 Polestar-Spaces.
Polestar 2 е електрична лимузина во средната класа, ривал на Tesla Model 3, долга 4,61 метри и со моќност од 300 kW (408 КС), односно со максимален вртежен момент од 660 њутнметри. Досегот изнесува 470 километри.
Платформата е заедничка со Volvo XC40, чијашто електрична верзија Recharge P8 исто така ќе стартува со испорака наскоро.
>>> Електричниот Polestar 2 прво за клиентите во Норвешка и Шведска

















