Тоа што за Mercedes e AMG и тоа што за BMW е М GmbH, за Volvo ќе биде Polestar. Првиот модел од новата серија е S60 Polestar, засега само за австралискиот пазар.
Со 17 години искуство во мотоспортот, Polestar има кредибилитет да се појави како име на новата спортска серија на Volvo. Шефот на Polestar, Кристијан Дал, дава добар вовед за автомобилот: „Направивме автомобил што како ентузијасти сакаме да го возиме. Ова е возачки автомобил, кој го извлекува максимумот од подвозјето на Volvo S60 со помош на нашето искуство и технологија во мотоспортот.“
Серијата од S60 Polestar во ограничен број примероци ќе биде достапна прво на австралискиот пазар, кон крајот на јуни. Ако купувачите реагираат позитивно на новиот модел, шведската марка ќе го понуди Polestar и на другите пазари.
Инженерите се горди на дотерувањето на подвозјето, по обемна програма на тестирање на германските автопатишта, на кривулестите делници во Јужна Шпанија и на смрзнувачки температури на северот на Шведска. Исто како тркачките автомобили на Polestar, лутиот S60 вози со амортизери Öhlins, со масивно димензионирани сопирачки и со спортски дотерано подвозје. Тоа оди во комбинација со оптимирана аеродинамика на каросеријата, и секако, со шестцилиндарскиот турбо од Volvo T6, кој доби поголем турбокомпресор, нов интеркулер, променета електроника и издув.
Резултатот е 350 КС и вртежен момент од преку 500 њутнметри. S60 Polestar забрзува до темпо 100 за 4,9 секунди, со шестстепениот автоматски менувач, кој исто така е доработен од Polestar и поседува специјална програма за експресен старт. Погонот на сите тркала се подразбира.
[nggallery id=26]