за

ЕВ се иднината, но ерата на моторите „не е завршена“, вели финансискиот директор на Фолксваген

Шефот за финансии и оперативно работење на концернот Фолксваген, Арно Антлиц, ќе продолжи да вложува милијарди за автомобилите со МВС да останат конкурентни.

Во првите четири месеци, електричните модели учествуваа со 22 проценти во продажбата на концернот Фолксваген во Европа, предводени од ФВ ИД.4.

Фолксваген Груп потврди дека ќе продолжи да гази цврсто во производството на автомобили со мотор со внатрешно согорување (МВС), и покрај тоа што браншата се движи во насока на електромобилноста. Концернот се реши на овој чекор во услови кога забавува побарувачката за батериски електрични возила.

Фолксваген отстапува од претходно најавената стратегија за целосно да премине на ЕВ и место тоа, две третини од испланитаниот капитал од 180 милијарди евра ќе вложи во електрификација и дигитализација.

Преостанатата третина ќе биде „наменета за нашите автомобили со МВС да останат конкурентни“, соопшти финансискиот и оперативен директор на групацијата Фолксваген, Арно Антлиц, на настанот што Ројтерс во минатиот месец го одржа во Минхен.

„Иднината е електрична, но минатото не е завршено“, кажа Антлиц. „Тоа е една третина и ќе остане една третина.“

Во врска со електрификацијата, Фолксваген сега има намера да произведува малечок ЕВ со достапна цена, без да воспоставува парнерство, откако беа прекинати преговорите со Рено.

Основниот БЕВ на Фолскваген ќе чини 20.000 евра и ќе се потпира на голем удел на делови што ќе бидат произведени во Европа, соопшти Волфсбург.

Фолксваген објави и дека се јавува потреба да се воспостави рамнотежа во време кога забавува побарувачката за ЕВ, преку поголема понуда од модели со приклучен хибриден погон.

Тоа е спротивно од претходните планови, за семејството модели со батериски електричен погон ИД да биде основа на понудата на концернот во иднина.

Поранешниот извршен директор Херберт Дис своевремено објави планови, за концернот во текот на следното десетлетие да воведе до 75 целосно електрични модели во својата понуда, нагласувајќи дека електричните возила „победиле во трката“.

Фолксваген се соочи со тешки предизвици со својата стратегија за електрификација. Во претходниот период, концернот ги пропушти роковите за пуштање во производство на голем број ЕВ. Германскиот производител почна да заостанува и во Кина, каде што се соочи со остра домашна конкуренција.

Исто како останатите германски производители, Фолксваген реагира на напорите на кинеските соперници, како БИД и САИД (МГ), да се прошират на европскиот пазар. Концернот се откажа и од намерата да бара инвеститори за својот бизнис со батерии и да изгради фабрика за ЕВ во Германија, вредна две милијарди евра.

Во меѓувреме, Фолксваген може да подзабави и со плановите за фабриките за батерии да почнат да работат со полн капацитет.

Фолксваген останува на планот да почне со производство во 2025 година, но ќе треба да мине подолго време додека фабриките почнат да работат со полн капацитет, изјави Антлиц во интервју за Блумберг. Според сегашните планови што вредат 20 милијарди евра, ПауерКо е на пат до 2030 година да испорача батериски ќелии за околу 3 милиони ЕВ.

Мерцедес-Бенц исто така планира да ги задржи моделите со МВС во производство до длабоко во следната деценија, отстапувајќи од претходните планови, според коишто по 2030 година требаше да продава само целосно електрични автомобили, објави Блумберг.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Голем повод и бројни активности за Опел да одбележи 125 години производство

DHL го отвора првиот центар за електрични возила во Европа