Новиот Volkswagen ID.4 стартува со продажба, како практичен СУВ со погон на струја. Само еден ден по светската премиера, вториот ID-модел на марката стартува со нарачки во Германија и уште неколку големи пазари за електричните автомобили во Европа.
Во почетокот се достапни две претходно конфигурирани моделски изведби: ID4 1ST и ID.4 1ST Max. Во двете изведби работат електромотор со моќност од 204 КС и батерија со капацитет од 77 киловатчасови, во комбинација со богата сериска опременост. Моделот припаѓа во сегментот на компактните СУВ-модели, како најголем пазарен сегмент во светски рамки.
Со моќен електричен погон, ID.4 постигнува спортски перформанси и одлично забрзување. Високонапонската батерија во подот обезбедува ниско тежиште и лесна управливост. Секако дека од компактните димензии на електричниот погон профитира и просторноста во кабината. Конструиран врз платформата MEB, исто како ID.3 и Skoda Enyaq iV, електричниот Volkswagen нуди повеќе простор во споредба со модели со иста големина, но со обичен погон. Багажникот нуди зафатнина од стандардни 543 литри, односно 1.575 литри со соборена задна клупа.
Ракувањето е главно преку допир и преку говорни команди, кои се активираат со „Hallo ID.“ Со доплата се вградува проекциски дисплеј со унапредена реалност. Софтверот може да се обновува онлајн, веднаш кога ќе стои на располагање нова верзија, без потреба да се посетува сервисна работилница.
Со електромотор на задната оска, ID.4 спринтува до темпо сто за 8,5 секунди, а крајната брзина е ограничена на 160 km/h. Растојанието од подлогата од 21 сантиметри и големите тркала го нагласуваат СУВ-карактерот, воедно овозможувајќи и излети надвор од асфалтот.
Верзијата ID.4 1ST користи тркала од 20 инчи и со пакетот за екстериер и темните задни стакла изгледа мошне впечатливо. Предните седишта, воланот и ветробранот имаат грејачи. За амбиенталното осветлување се избира меѓу 30 бои, а на педалите се втиснати симболи „Play & Pause“. Опремата ја дополнуваат двозонска автоматска клима, навигација, радарски темпомат и систем за следење лента. Камера за рикверц помага при паркирање. Стандардно во ID.4 1ST се вградува и топлинска пумпа, што при ниски температури ја грее батеријата, за досегот зиме да не се смалува. Кука за приколка исто така е дел од опремата.
Во поскапата изведба ID.4 1ST Max се вградуваат уште интелигентни диодни матрични светла и 3D задни светла. Тркалата имаат пречник од 21 инчи, управувањето работи со променлив преносен однос, подвозјето е приспособливо.
Електричното местење на седиштата исто така е стандард во ID.4 1ST Max, заедно со стаклен покрив, стакла со акустична изолација, 3-зонска клима и електрично ракување со задниот поклопец.
Од следната година во понудата ќе пристигне и подостапен модел ID.4 Pure, со цена од 37.000 евра и со досег до 340 километри
Првата од двете изведби од специјалната воведна серија 1ST во Германија чини 49.950 евра, додека 1ST Max чини 59.950 евра. Со германските субвенции, од овие цени се одбиваат по 9.000 евра. Специјалната серија е ограничена на 27.000 примероци.
ID.4 се произведува во фабриката во Цвикау, во целосно СО2-неутрален производствен циклус. Компактниот СУВ подржува користење на супербрзи полначи, какви што се поставени по автопатиштата во повеќе европски држави. На полнач со моќност од 125 kW, полнењето енергија за 320 километри трае 30 минути.
Електричниот СУВ ќе се произведува во пет фабрики на три континенти. Во фабриките Антинг и Фошан во Кина, производството на ID.4 ќе стартува уште годинава. За 2022 година ќе следат Чатануга (САД) и Емден (Германија).