Volkswagen ID.4, комплетно нов СУВ со комплетно електричен погон, има задача да го освои светот. Тој ја користи истата платформа како комбилимузинскиот ID.3, но располага со значително повеќе простор. Големиот план се состои во тоа што ID.4 освен во Германија, масовно ќе се произведува и во Кина и во САД.
Планот има големи изгледи да успее. Дизајнот одговара во секој случај. Тимот на главниот дизајнер Клаус Бишоф, сега Сизиора, креираше СУВ што оддава модерен и оригинален впечаток. Не постои стилска врска со Tiguan, електричниот СУВ ја симболизира новата ера на Volkswagen. ID.4 изгледа исто како што функционира, со многу електроника, електрика и интелигенција.
Конструкторите во Волфсбург ги искористија предностите на електричната платформа во целост. Ентериерот е просторен и со големи прозорци, а назад има багажник што стандардно располага со 543 литри. Со еден потег, зафатнината се зголемува на 1.575 литри. За споредба, големиот Touareg располага со товарен простор од 810, односно 1.800 литри.
Кокпитот е сличен со ID.3. Директно пред возачот и средишно во арматурната табла се наоѓаат два големи дисплеи. Во повисоките нивоа се вградува голем проекциски дисплеј со елементи од збогатената реалност – тоа значи дека патот што возачот го гледа пред себе се обележува со визуелни маркери, на пример со стрелки што покажуваат точно врз улицата во којашто треба да се сврти. Единствено што уште се забележува во кокпитот е бирачот за возење покрај средишниот дисплеј.
https://photos.app.goo.gl/DJQ54cZWGCo2EoRp6
Во почетокот ќе се нуди верзија со електромотор со 150 kW назад (204 КС), којшто црпи енергија од батеријаод 77 kWh. Спринтот од место до сто се совладува за 8,5 секунди. Крајната брзина вообичаено е ограничена, во случајов изнесува 160 km/h. Бидејќи не постои класичен менувач, односно преносот работи со еден единствен преносен однос, возењето ќе се одликува со релаксирано и комотно чувство. Понатаму ќе се нудат и верзии со посилни мотори и поголема батерија.
На возачот му помага цел арсенал од системи за асистенција, а вештачката интелигенција реагира на прашања од типот „каде е најблиската слаткарница?“. Volkswagen ID.4 ќе се одвезе таму со футиристички дизајнирани тркала со големина до 21 инчи. Bridgestone испорачува комплетно нова генерација гуми од серијата Enliten. Компактниот СУВ во поскапите верзии ќе поседува матрични диодни светла од најновата генерација и задни светла во 3D-стил.
https://photos.app.goo.gl/7vhM2o8wada54BrAA
Топ-изведбата во гамата на Volkswagen ID.4 е специјалната серија 1st Max, со цена од 59.950 евра во германскиот ценовник. Под него е изведбата 1st со цена пониска за 10.000 евра. Откако ќе се продадат 27.000 примероци од овие две воведни серии, Volkswagen ќе ги понуди стандардните изведби, во неколку однапред готови конфигурации – исто како десктоп. Тоа е веќе практика на американските производители, кои практично не нудат можност за одделно да се нарачуваат опции. Најповолната варијанта ќе чини малку под 40.000 еврa – без субвенции.
















