за

BMW повторно убедува дека M3 и M4 се цивилни автомобили

По 35 години од првата генерација, BMW M GmbH излегува со ново поколение на M3 и M4, автомобилите што сосем верно го пренесуваат чувството на тркачки болид во возачкото секојдневие.

BMW M3 BMW M4 Competition premiera

Најголемата мајсторија на BMW се чини дека не е толку да се изведат екстремни силини и физичко-порекнувачки возни својства, колку што е умешноста властите за хомологација да се убедат дека BMW M3 и M4 се исти како останатите автомобили на улица, односно дека тоа се цивилни автомобили. Минхен денес ја пушти новата генерација на лимузината M3 и на купето M4, кои секако дека имаат и одлична применливост во секојдневниот сообраќај.

Минхен пред 35 години го понуди првиот M3 како хомологациски модел, односно како услов за тој да може да се натпреварува во фамозниот DTM, во германската туристичка класа. Пазарот реагираше толку одушевено, што првично планираната серија беше недоволна да се покрие побарувачката. Излегува дека и по три и пол децении, BMW уште „не успева“ да го задоволи гладот на публиката за екстремни перформанси и вонземски возни својства. За фановите, денешното претставување на M3 и M4 е автомобилски настан на годината.

Кафе-позерите ќе пуштат по некоја критика околу изгледот на „бубрезите“ на новите модели, но нивните коментари се безопасни, исто како и секогаш досега. BMW M3 и BMW M4 живеат на и за тркачката патека. Меѓу една и друга трка со времето на Нирбургринг или Спа, овие болиди се движат сосем нормално во секојдневието. Испораките на новите M-тркачи ќе стартуваат во март в година.

Три различни карактери на BMW M3 и M4: Стандарден, Competition и Competition со погон на сите тркала

Моторот во најдобрата традиција на BMW е линиски шестцилиндарец од три литри, со M TwinPower турбонатполнење и со моќност од 480 КС. Единствено во класата, M3/M4 стандардно се испорачуваат со 6-степен мануелен менувач. И погонот е класика: Назад.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во уште поекстремната изведба Competition работи верзијата на бензинецот што при високи 6.250 вртежи за турбо постигнува 510 КС. Менувачот тука е 8-степен M Strotronic со Drivelogic. Од следното лето, Competition-изведбите ќе бидат на располагање и во верзија со погон на сите тркала M xDrive.

Минхен ветува значително зголемена динамика во споредба со претходникот, меѓу другото благодарение на фактот што дотерувањето на новите модели се одвиваше паралелно со тестирањата на тркачкиот BMW M4 GT3.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Посебно обележје на новите M-модели е начинот на ракување, односно на контрола врз работата на погонот и подвозјето, зависно дали се бара возење во градско секојдневие или се бараат максимални перформанси и возни својства за доживување на тркачка патека.

Вешто конструираното турбонатполнење гарантира рамномерно повлекување и при високи вртежи

Најсилниот линиски шестцилиндарец на BMW се одликува со ниска тежина и исклучителна цврстина. Два Mono-Scroll турбополначи, интеркулер, оптимирано струење во вшмукувачкиот тракт и директно впрскување под притисок до 350 бари се грижат за моќно повлекување што останува исто до највисоки вртежи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Вртежниот момент во стандардната верзија достигнува 550 Nm, во целото подрачје меѓу 2.650 и 6.130 вртежи. Максималната моќност од 480 КС се постигнува при 6.250 вртежи. Во верзијата Competition, моторот испорачува 650 Nm меѓу 2.750 и 5.500 вртежи, со максимални 510 КС при 6.250 вртежи. Електрониката дозволува до 7.200 вртежи.

BMW M3 Limousine и BMW M4 Coupé спринтуваат за 4,2 секунди до темпо сто, односно за 13,7 секунди до 200 km/h. Во верзиите Competition, спринтот се подобрува на 3,9 секунди, додека темпо двесте се постигнува за 12,5 секунди. Сето тоа е придружено со звучно доживување, со електрично управувани преклопници.

Електронски меѓугас за мануелниот менувач, во манир на старите рели-мајстори

Мануелниот менувач во M3 и M4 располага со асистент при промена на пренос, односно електронски „меѓугас“ во манир на старите рели-мајстори. При префрлување во понизок степен, електрониката ги зголемува вртежите на моторот, за на тој начин да се обезбеди силно моторно сопирање, без пролизгување на спојката. Кај моделите Competition, возачот може да избира начин на работа на автоматскиот менувач преку преклопниците на воланот (3 степени на Drivelogic).

New photo by Automedia MK / Google Photos

Првпат во историјата на M3/M4, на располагање ќе има верзија со погон на сите тркала. Системот M xDrive става повеќе нагласок на задната оска и комбинира активен M-диференцијал на задната оска. Покрај основниот модус 4WD може да се избере и 4WD Sport, при што поголемиот дел од вртежниот момент се пренесува назад. При деактивиран DSC може да се вклучи модус 2WD.

Секако дека има и радикални зафати во каросеријата. Во кошот за моторот се вградени повеќе зајакнувања, исто како и зајакнувања во подот, додека носачот на задната оска е круто споен со каросериајта. Активно M подвозје со електронски регулирани амортизери е стандард. Истото важи и за M Sertvotronic со променлив пренос и интегриран систем за сопирање, што дозволува два различни карактери на работа на сопирачките.

DSC работи попрецизно, стандардниот M Dynamic Mode се грижи за контролиран дрифт. Напред се вградени M-тркала од 18 инчи, назад има 19 инчи. Гумите се 275/40 ZR18 напред и 285/35 ZR19 назад.

Сао Паоло жолта и зелена како од островот Ман ексклузивно за M3/M4

Покривот стандардно е изработен од карбон и стратешки го спушта тежиштето, односно придонесува за исклучителните возни својства. Фабрички се вградуваат целосно диодни светла, опција се активни ласерски светла. Новина во изборот од бои се Сао Паоло жолта, Торонто црвена металик и Isle of Man-зелена металик. Секако, тоа се ексклузивни бои за двата модели.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Спортските седишта се нови, со електрично местење и обложени со кожа. Првпат се нуди опција за вентилирање. Врв се карбонските школкасти седишта, кои се одликуваат со својства на вистински тркачки седишта, но пак нудат и комфор за возење на подолги релации.

Првпат се нуди опцијата M Drive Professional (стандардно во Competition) со којашто возилото лесно се конфигурира за тркачка патека. Таа опфаќа функција M Traction

Control, со десет степени на работа на контролата на тракцијата, потоа функција M Drift Analyser (ги снима возните податоци) и M Laptimer, со податоци важни при возење по тркачка патека.

По едно копче лево и десно на воланот, за два различни сетапи

Со копчето Setup во средишната конзола се зафаќа директно во местењата за моторот, подвозјето, управувањето и сопирачките. Две варијанти на целосниот сетап може да се меморираат и да се повикаат во секое време преку двете копчиња на воланот. Во средишната конзола се наоѓа и копчето M Mode, со кои се одредува начинот на работа на системите за асистенција, исто како и приказот во инструментите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Опременоста е збогатена значително, особено во поглед на комфорот во секојдневието. Паркинг сензори напред и назад се стандард, исто и предупредување од судир и при напуштање лента или камера за знаци. Климата е автоматска со три зони, кабината има амбиентално осветлување, озвучувањето е врвно. Навигација, дигитални инструменти и напредни говорни команди се вклучени во цената.

Постои вистинско изобилство од опции. Тоа што ќе биде најпривлечно за пасионираните М-возачи: M Race Track Package, со M карбон-керамички сопирачки, олеснети М-тркала, по желба со полу-слик гуми, исто како и М-карбонски школкасти седишта.

New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> BMW M4 за победникот на австриското МотоГП

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mitsubishi Eclipse Cross добива плагин-хибриден погон

Mitsubishi Eclipse Cross ќе вози со плагин-хибриден погон

Volkswagen ID4

Volkswagen ID.4 е електричен автомобил за цел свет