Фасцинацијата кај M-иконата на BMW најмалку е во комфорната и функционалната опрема во кабината, а многу повеќе е во техниката. Но, и тие ставки се важни, затоа што чистокрвните тркачи редовно се користат во секојдневието. Брзо по премиерата, BMW го објави ценовникот за лимузината M3 и купето М4 за германскиот пазар.
Конкурентот на Mercedes C 63 AMG и Audi RS5 на германскиот пазар почнува од 80.420 евра за лимузинската верзија M3 и 81.882 евра за купето M4. Верзиите со плус 30 КС и веќе традиционалната ознака Competition, соодветно чинат 87.243 евра, односно 88.705 евра.
Набројувањето на стандардната опрема го почнуваме со тркалата, кои имаат различна димензија на двете оски. Напред вртат M ковани тркала со двојни краци во сива боја, со димензија 9,5Ј х 18, назад има по уште еден инч, односно димензијата е 10,5Ј х 19. Гумите соодветно се 275/40 R 18 и 285/35 R19. Уште една посебност е стандардниот карбонски покрив, лакиран со проѕирен лак со висок сјај. Како доказ дека BMW и тука внимава на практичноста: Има и држачи за багажник.
Други посебности се бубрезите, кај моделите М без рамка, со двојни хоризонтални пречки со црна сјајна боја и натпис M3 / M4 во хром. „Жабрите“ во предните крила се црни, исто така со натпис на моделот. Финишот во сјајна црна боја важи и за рамките на прозорците, за држачите на ретровизорите, но важи и за долните завршетоци на браниците, страничните прагови и за дифузорот назад. Издувните цевки, нормално се хромирани. Во рачките на вратите се вградени светилки.
Најскапата ставка во ценовникот е пакетот M Race Track, со близу 16.000 евра
Седиштата стандардно се обложени со кожа мерино во црна боја. Украсните лајсни внатре се комбинација од сјајна црна боја и хром. Спортските предни седишта имаат интегриран потпирач за глава, осветлено лого M3 / M4, грејачи, слабинско местење, електрично местење со меморија и рачно продолжување на седечката основа. Спортскиот M-волан е нагласен во делот под палците и обложен е со телешка кожа, со контрастен штеп. Традиционално, M-амблем е поставен на воланот, на пречката во положба за 6 час. Украсната лајсна е хромирана, лево и десно на воланот има копчиња M1 и M2 за ракување со M Drive.
Во поглед на погонот и подвозјето, секој BMW M3 и M4 излегува од фабрика со адаптивно M-подвозје (Comfort, Sport, Sport Plus), М Servotronic (Comfort, Sport), M Drive, M активен спортски диференцијал и композитни сопирачки дискови, перфорирани и со сини клешти.
Светлата се диодни (Bi-LED), исто и трепкачите, како и задните светла. Климата е автоматска со три зони, сензори предупредуваат при маневрирање нанапред и наназад, кабината има амбиентално осветлување.
Сите комфорни и функционални ставки се дел од опремата, се доплаќа главно за тоа што влијае врз натамошно подобрување на динамиката
Пред возачот се наоѓа дисплеј од 12,3 инчи, средишниот дисплеј е со пречник од 10,25 инчи. Навигацијата ги обновува картите онлајн, богата е понудата од онлајн-услуги, меѓу кои барање паркинг и состојба на сообраќај во реално време – отклучување преку мобилен телефон, исто така. Озвучувањето користи 10 звучници, засилувачот располага со моќност од 205 вати. За безжичен полнач за телефон исто така нема потреба да се доплаќа.
Верзиите Competition однадвор се препознаваат по црните ретровизори и по темно хромираните издувни цевки. Седиштата имаат натпис M3 или М4 Competition, исто и плочките на праговите. Главните компоненти за ракување се галванизирани, во средишната конзола се наоѓа натписот на моделот. Менувачот во верзиите Competition e 8-степен M Steptronic, додека пакетот M Drive тука е во изведба Professional (вклучува M Track Mode, Laptimer, Traction Control, M Drift Analyser).
За каросеријата стојат на располагање 8 стандардни (металик 877 евра) и 9 бои по посебна нарачка од BMW Individual (доплата 1.900 евра). Списокот на опции вообичаено е „бескраен“.
Во продолжение избор од неколку ставки од дополнителната опрема за BMW M3 / M4 (цени во евра):
M пакет со каросериски додатоци од карбон (капи на ретровизори, странични отвори во преден браник, дифузор назад – заедно со сменета геометрија) |
4.581 евра |
Кожа на арматурна табла и на вратите |
1.852 |
М школкести седишта од карбон |
3.704 |
Вентилација во предни седишта |
828 |
Пакет M Race Track (со тркала 19/20 инчи, карбонски седишта, карбон керамички сипирачки, M Driver Package, M Drive Professional, проекциски дисплеј) |
15.986 |
Иновациски пакет (пристап без клуч, автоматско долго светло, полу-автопилот, ласерско светло, проекциски дисплеј) |
3.557 |
М карбон-керамички сипирачки |
7.993 |
М Driver Package (до 290 km/h), плус ваучер за возачки тренинг |
2.388 |
BMW ласерски светла |
1.462 |
BMW клуч со дисплеј |
314 |
Озвучување Harman Kardon |
536 |