за

Mercedes E 50 AMG го имаше своето деби пред 25 години

Изведбата на E-Class со мотор V8 ја зацврсти улогата на AMG како марка за спортски возила и високи перформанси на Mercedes-Benz.

mercedes e 50 amg napred (w 210)

Mercedes-Benz E 50 AMG имаше премиера во есента 1995 на салонот на автомобили во Франкфурт. Комотната лимузина со спортски мотор со 347 КС, пред четвртина век даде јасен знак за AMG да се издвои како подмарка специјализирана за спортски автомобили.

Светот реагираше одушевено на појавувањето на E 50 AMG. Швајцарскиот „Automobil Revue“ во изданието број 52 од 1996 година, оцени дека автомобилот нуди „ексклузивност и нагласено спортски темперамент за кој нема што да се дискутира“. Петлитарскиот V8 со ознака M 119 беше посебно дотеран во AMG. Лимузината со овој мотор спринтуваше за 6,2 секунди до сто. Истиот мотор работеше уште во фамозниот Mercedes-Benz 500 E.

E 50 AMG се изработуваше во Афалтербах, како преработка на E 420, на кој исто така не му недостигаше моќ. Новиот модел беше ѕвезда во уште младата историја на автомобилите со високи перформанси што заеднички ги развиваа Mercedes-Benz и AMG. Уште еден таков пример беше C 36 AMG од 1993 година, од генерацијата W 202 на C-Class, но и лимузината E 60 AMG врз база на W 124 и E 36 AMG во купе и комби-изведба.

Тркалезни магленки во стилот на „четирите очи“ на W 210

Уште по дизајнот се познаваше дека станува збор за E 50 AMG. Во предниот браник со посебен дизајн се наоѓаа магленки со тркалезна форма, во стил со тогашниот изглед со „четири очи“ на генерацијата W 210. За аеродинамичноста се грижеа и обложените прагови и модифицираниот заден браник, со интегриран двоен издув.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Коморите за согорување беа зголемени, вшмукувачките канали беа проширени и се користеа други вентили и други пружини за вентилите, двата чифта брегасти вратила исто така беа сменети, а се користеше и различно мапирање на моторот. Тогаш веќе мораше да се внимава многу и на задоволувањето на строгите норми за издувни гасови. Во двојниот издув се користеа делови од S-Class.

Кусиот преносен однос на диференцијалот на задната оска од i = 3,06 го нагласуваше спортскиот карактер на E 50 AMG. Спринтот до сто траеше 6,2 секунди. За преносот се грижеше петстепен автоматик со електронска контрола. Менувачот беше за третина полесен во споредба со четиристепениот автоматик во E 500.

Други обележја беа стандардната контрола на тракција, спортското подвозје AMG со потврди задни амортизери и зајакнати стабилизатори, како и посебно изведени сопирачки. На предните дискови од 334 mm работеа двоклипни клешти, додека задните дискови имаа пречник од 300 mm, со клешти од SL 600 од генерацијата R 129.

Внатрешноста беше изведена со кожа во две бои, вклучувајќи ги воланот и рачката на менувачот, заедно со украсни делови од јаворово дрво. Брзиномерот до 280 km/h укажуваше на високиот потенцијал на E 50 AMG, иако брзината беше ограничена електронски на 250 km/h. За една и пол година се произведоа 2.960 примероци. Во есента 1997 година следеше E 55 AMG со 354 КС, како нов топ-модел во генерацијата W 210 на E-Class.

Спортски лимузини од историјата на Mercedes-AMG. Напред десно E 50 AMG претставена во септември 1995, напред лево е 300 E 6.0 AMG „The Hammer“ (W 124), во средина е 300 SEL 6.8 AMG (W 109). Назад, од лево на десно: SL 55 AMG (R 230), C 36 AMG од генерацијата 202 и SL 73 AMG (R 129).

New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Mercedes E-Class спортски и наелектризиран во Мак Аутостар

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески електрични СУВ право за Норвешка

Кинески електрични СУВ право за Норвешка

bmw m3 competition nos

BMW M3 во германскиот ценовник почнува од 80.000 евра