за

Оваа варијанта на Volkswagen Golf има многу таленти

Пет генерации и три милиони продадени примероци му претходат на новиот Golf Variant. Стандардната опрема е речиси спектакуларна, багажникот од преку 600 литри исто така. Се нуди и кросовер-изведба Alltrack со погон на сите тркала. Комбито од Golf ужива огромна популарност на бројни европски пазари.

Volkswagen Golf Variant R-Line

Volkswagen ја заокружува понудата во моделското семејство на Golf со традиционалната комби-изведба Variant. Новиот модел е попросторен, има повеќе сериска опрема и нови мотори со блага хибридна технологија. Во исто време стартува и Golf Alltrack, како изведба со погон на сите тркала и со елементи на СУВ. Германските салони ќе почнат со нарачки уште утре, потоа следат останатите пазари.

Од премиерата во 1993 година се продадени над три милиони примероци од Golf Variant. Изгледот на новиот модел е подинамичен, што секако се однесува на опашот, затоа што остатокот од каросеријата е ист со стандардниот модел. Покривот повеќе се спушта наназад и завршува со мошне закосено задно стакло.

Новата генерација на Variant е долга 4.633 милиметри, што е за 66 милиметри повеќе од претходникот. Исто и меѓуоскиното растојание со 2,68 метри е за пет сантиметри подолго. Овие промени влијаеја и врз пропорциите, поради што Golf Variant сега изгледа издолжено и пониско. Сите светла користат диодна техника.

Зголеменото меѓуоскино растојание речиси целосно се пренесува на просторноста во кабината. Таа е подолга за 48 милиметри и сега мери 1.798 милиметри од педалите до горниот раб на задната клупа. За исто толку се зголеми и слободниот простор за колената на патниците на задната клупа.

Багажникот од стандардни 611 литри нуди просторност и практичност како во СУВ

Тоа што е главна одлика на комбито од Golf: Variant располага со багажник со стандардна зафатнина од 611 литри (+5 литри). При соборена задна клупа и товарење до покрив, вкупната зафатнина изнесува 1.642 литри (+22 литри). Со доплата се вградува и систем за самостојно отворање на задниот капак, при замавнување со стопало под браникот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новина во понудата од мотори е варијантата eTSI со 48-волтен благ хибрид и 7-степен DSG. Стартер-генератор и мала батерија помагаат моторот да постигне одлична заштеда во гориво, особено при возење во град. Причината зошто Volkswagen секогаш го комбинира eTSI со менувач со двојна спојка е во тоа што се прекинува спрегата меѓу моторот и менувачот секогаш кога возилото ќе се пушти да вози без „гас“. Тоа го продолжува патот што возилото ќе го мине под инерција.

Дизел моторите се докажана класика во VW, главната одлика на актуелната генерација е во тоа што се корсити двојоно впрскување на Адблу, заради намалување на емисијата на азотни оксиди драстично под лимитот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen ја смени матрицата на нивоата на опрема за Golf Variant. Над основната изведба следат Life, Style и R-Line. Сите модели стандардно доаѓаат со систем за следење лента, самостојно запирање при опасност од судир, со распознавање пешак, исто како и асистент при скршнување, електронска блокада на диференцијал XDS, локално предупредување за опасност Car2X, но и пристап без клуч и автоматски светла.

Понатаму, секој Golf Variant доаѓа со дигитални инструменти, инфо-забавен систем Composition со дисплеј од 8,25 инчи и онлајн-врска, заедно со услугите We Connect и We Connect Plus, повеќефункциски кожен волан, автоматски клима уред и блутут.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Посебна изведба е Golf Alltrack. Оваа е втората генерација на Variant-варијантата со елементи на кросовер. Погонот на сите тркала е стандарден во сите моделски изведби на Golf Alltrack. Со тоа следат зголемено растојание од подлогата, заштитни додатоци на каросеријата, вклучувајќи посебни браници, како и неколку разлики во внатрешноста.

Благодарение на погонот на сите тркала, Golf Alltrack може да влече приколка тешка до 2.000 килограми. Дополнителната опрема во споредба со стандардниот Variant вклучува полу-автопилотирано возење до 210 km/h и диодни матрични светла ID.Light.

>>> Осум генерации на Volkswagen Golf GTI во знак на Денот на независноста

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Расте продажбата на мотоцикли и скутери во Германија

Расте продажбата на мотоцикли и скутери во Германија

Деца ќе возат „критична маса“ во 90 градови во Европа

Деца ќе возат „критична маса“ во повеќе од 100 градови во Европа