Август го донесе најголемиот раст во продажбата на нови мотоцикли во Германија годинава. За осум месеци, во земјата биле продадени вкупно 163.921 мотоцикли или за 18% повеќе од истиот период во 2019 година.
Класата на големите мотоцикли во минатиот месец забележала раст од 41,1 проценти на германскиот пазар, со вкупно 12.704 мотоцикли. Наспроти тоа, скутерите со големи мотори постигнале 1.972 продажби, што е зголемување од 17 проценти.
Продолжува да расте популарноста на класата до 125 сантиметри кубни. Во оваа класа речиси е удвоена продажбата, со 4.547 продадени лесни мотоцикли и со +96 проценти. Истиот тренд беше забележан и во јули.
Најмногу напредуваат лесните скутери. Со 3.858 продадени скутери во оваа класа во минатиот месец, класата пораснала за дури 157,9 проценти во споредба со август лани. Вкупно од почетокот на годината, продажбата во класата се зголемила за повеќе од 80 проценти.
















