Без GTI, моделската понуда во гамата на Golf ќе биде некомплетна. По 2,3 милиони примероци од стартот на спортскиот компакт во 1976 година, салоните на Volkswagen деновиве започнуваат да примаат нарачки за Golf GTI од осмата генерација. Главната цел при развојот на новиот модел беше да се спои врвна динамика со врвен комфор.
Семејството на Volkswagen Golf 8 расте забрзано. Пред кусо време, Волфсбург објави старт за хибридната изведба GTE, сега следи GTI. Јирген Штакман, директор на продажба на марката, знае најдобро: „Трите букви повеќе од четири децении симболизираат спортско уживање на највисоко техничко ниво. Им благодариме на нашите клиенти, за 2,3 милиони продадени Golf GTI. Новиот GTI е полн со иновации. Тој ќе продолжи да поставува нови мерила и да ги одушевува нашите клиенти.“
Турбо-дволитарецот сега испорачува 245 КС, вртежниот момент изнесува 370 Nm. Новиот т.н. менаџер на возната динамика се грижи за уште поголема подвижност и спортски карактер. Системот управува со сите електромеханички функции во подвозјето. Со доплата се вградува подвозје DCC со приспособливи амортизери. Бирачот на профил за возење се вградува стандардно.
При отворање на вратите се вклучуваат дигиталните инструменти на серискиот „дигитален кокпит“ и средишниот дисплеј. Стандардно сев градува „Discover Media“ заедно со стриминг и интернет, а со доплата се добива врвниот систем „Discover Pro“ со дисплеј од 10 инчи. Новина е можноста да се активира GTI-дизајн, за бројачот на вртежи да се прикажува средишно. Амбиенталното осветлување се вградува стандардно и доаѓа со неколку новини. Светлото може да биде во една од 30 бои.
Како препознатлив белег останува каро-мустрата на спортските седишта, кои имаат нова конструкција. Во новиот Golf повеќе нема контакт брава, таа е заменета со стандардното копче Engine/Start/Stop. Има интересен детал околу тоа. По отворањето на вратите, копчето пулсира во црвена боја, до стартувањето на моторот. Спортскиот кожен волан има сензорски полиња за вклучување на функциите, а како опција добива копче Travel Assist, од автопилотот од ниво 2 што асистира при возењето до брзина од 210 km/h.
Напред се посебно нагласени широките отвори за воздух, ниско поставените диодни светла и оригиналната светлечка шема на маската. Првпат во маската се вградува тенка лента од светлечки диоди што од двете страни преоѓа во светлата. Задниот спојлер, дифузорот и двете тркалезни издувни цевки се јасно обележје дека станува збор за спортската варијанта на Golf.
Ценовникот за новиот Volkswagen Golf GTI во Германија стартува од 37.607,38 евра, во комбинација со 7-степен менувач DSG.