за

Зошто Suzuki Ignis не е само „малечок“ автомобил?

Моделите во класата на Suzuki Ignis одамна не се обични автомобили што се борат за купувачи со што е можно пониска цена. Денес возачките и возачите сакаат нивниот малечок автомобил за секој ден да биде посебен. Ignis успева во тоа повеќепати: Прво со оригиналниот концепт, второ со благиот хибриден погон што според фабрика троши помалку од четири литри.

Suzuki Ignis Hybrid

Кај малите автомобили постојано има некои нови движења. Последниот бран донесе дузина модели, што ги задржаа вообичаените димензии за класата, но добија силни мотори, богата опрема и напредна технологија. Целта на производителите беше да ги спасат своите модели од оваа класа, од кои повеќето имаат богата и вредна традиција – малите градски автомобили едноставно станаа прескапи за развој и за производство. Со вградувањето моќна техника и широкоградото опремување, заедно со привлечен изглед, овие модели можеа да се понудат по повисока цена, како трендовски модели. На тој начин, производителите се надеваа дека ќе ја вратат класата во живот.

Тоа им успеа само на малку модели. Поточно, им успеа само на најоригиналните. Picanto своевремено беше втор најпродаван модел на Kia на европскиот пазар (тој уште во претходната генерација премина на повисока спецификација), триото VW Up – Seat Mii – Skoda Citigo искористи многу и вистински се прослави дури со електричните верзии, Toyota Aygo и Renault Twingo / Smart Forfour исто се држат одлично во продажните статистики. Има уште еден модел, што лесно ги става во сенка своите конкуренти, со оригиналноста – Suzuki Ignis.

Јапонската марка никогаш немала проблеми со автомобилите во класата на Up или Aygo. Suzuki, впрочем, отсекогаш важел како специјалист (и) за малечки автомобили. Присуството на Suzuki на клучните светски региони за оваа класа возила ѝ ја дава оваа моќ на компанијата од Хамамацу. Прво, Suzuki е фантастично популарен на домашниот, јапонскиот пазар, особено во сегментот на прочуените Kei-cars, кои воедно го сочинуваат и најголемиот дел од пазарот во земјата. Понатаму, Suzuki веќе со децении практично владее со индискиот пазар, преку Maruti Suzuki. Своевремено, пред околу три децении, Maruti 800 дури поттикна и голем бран на мобилизирање на целиот балкански регион. Многумина уште ја помнат фамозната издржливост на овој автомобил.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Предноста на Suzuki во оваа класа возила е во тоа што не мора да стапува во партнерство со други производители, за на тој начин да ги смали трошоците за развој и производство – а тоа честопати повлекувало и губење на секаква оригиналност. Бидејќи веќе ја произведува техниката во милионски примероци, Suzuki не мора да ја подигнува ниту спецификацијата на своите малечки автомобили, за да може да постигне повисока цена и на тој начин да се обезбеди исплатливост на моделот.

Ignis секако дека го заслужува ова долго потсетување на основите на класата на малите автомобили. Нашите редовни читатели ќе потврдат дека моделите на Suzuki често се појавуваат во содржините на Аутомедиа, кои секако ни се едни од омилените во редакцијата и со задоволство пишуваме за нив. Причината за Ignis уште еднаш да ни го привлече вниманието е пристигањето на новото моделско годиште во салонот на увозникот Миркат во Скопје.

Јапонциве имаат раков манир што техниката постојано ја одржуваат да биде свежа. Новиот Ignis доби преработен мотор 1,2 DualJet и поголема литиум-јон батерија – точно така, во овој Suzuki работи благ хибриден погон

Голема e новината што ја носи Suzuki Ignis. Голема е затоа што зафаќа во делот кадешто тоа ретко се прави во оваа класа, во погонот. Моторот 1.2 DualJet од претходникот – на одушевување на многумина, со четири цилиндри – претрпе неколку фини дотерувања, но доби и усовршена верзија на 12-волтниот благ хибриден систем што се вградуваше уште во претходните моделски годишта. Како вистински шампион во класата, Ignis може да се добие и во варијанта со менувач CVT, но и со погон на сите тркала AllGrip Auto. Последново има и вистинска смисла, покрај растојанието од подлогата од 18 сантиметри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Сета оваа техника е сместена во автомобил што е долг само 3,70 метри. Овој мини-СУВ доаѓа со неколку освежувања во изгледот. Светлата сега стандардно користат диодна техника, а меѓу нив се наоѓа нова маска. Вклучувајќи го новиот браник со сребрен заштитен панел долу, Ignis сега има многу попретставителна појава. Трапезните форми се повторуваат и во задниот браник, нагласувајќи го карактерот на кросовет. Симпатичниот настап го заокружуваат испакнатите крила, широкиот заден столб (со рабови по пример на Suzuki Fronte Coupe од 1971 година) и исправеното задно стакло.

Три нови бои се придружуваат во палетата: Караван слонова металик со бисерен ефект, жолта металик и темносива металик со бисерен ефект. Сите бои може да се комбинираат со црн покрив. Како што е редно за стилски модел во класата, сега има избор од девет еднобојни и шест двобојни каросерии. Нови бои има и внатре. Средишната конзола, облогите на вратите и штофот на седиштата може да биде во темносина или сребрена боја.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Зафатнината на багажникот е 267 литри, односно 204 литри во верзијата со погон на сите тркала. Уште едно изненадување од Suzuki е можноста за надолжно лизгање на задната клупа, плус местење на аголот на клупата, во повисоките нивоа на опрема. Со соборена клупа, на располагање стојат 1.100 литри – тоа е колку во семеен компакт.

Тоа што беше повод за целото освежување на моделот е моторот 1.2 DualJet со 83 КС и со 107 њутнметри при 2.800 вртежи. Покрај тежината од 935 килограми на основната варијанта, оваа моќност ветува голема забава во возењето.

Фабриката наведува просек од 3,9 литри, благодарение на благиот хибриден погон

Стартер-генераторот што е основа на благиот хибриден погон, заедно со преправките во мотороти, постигнува заштеда до 11 проценти во горивото. Удел имаат и зголемената компресија на моторот, електричното местење (!) на брегастото вратило за вшмукувачките вентили, како и преработениот систем за ладење и за подмачкување. Заедно со стартер-генераторот доаѓа и поголема литиум-јон батерија, сега од 10 Ah. Во варијантата со преден погон, Ignis според фабрика троши 3,9 литри и испушта само 89 грами СО2 на километар.

За работата на благиот хибриден систем во моделите на Suzuki објавивме детален преглед на следнава врска

Понудата во гамата на Ignis започнува со нивото на опрема GL, со редовна цена од 13.990 евра, односно промотивна цена од 12.960 евра. Од поважните ставки, во сериската опрема во ова ниво спаѓаат диодни предни светла, магленки, клима уред со филтер за полен, комплет комфорна електрика, патен компјутер, радио со команди на волан и блутут.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Можноста за комбинирање со погон на сите тркала е достапна уште во основното ниво, и во тој случај Suzuki Ignis ќе чини 14.448 евра. Во средното ниво на опрема GL Plus, за разлика во цената од 990 евра со GL, се добиваат уште алу-тркала од 16 инчи, затемнети задни стакла, средишен дисплеј од 7 инчи и камера за рикверц, поврзување со паметен телефон, грејачи во предните седишта и во ретровизорите, како и спомнатата лизгачка клупа. Варијанта со автоматски менувач CVT чини 15.494 евра, односно со погон на сите тркала 15.640 евра.

Посебен шарм кај Suzuki имаат топ-нивоата на опременост – без притоа цената да навлезе во некоја друга класа. Во врвното ниво GLX, за 15.580 евра, Suzuki вградува уште навигација, самостојно запирање при опасност од судир и приспособлив темпомат, електрика на задните прозорци, пристап без клуч, кожа на воланот, па дури и автоматски клима уред.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen golf 8 gti

Овој Volkswagen е под GTI-напон

Тајна средба меѓу Илон Маск и шефот на Volkswagen

Тајна средба меѓу Илон Маск и шефот на Volkswagen