за

Колку заштедуваат благите хибриди на Suzuki на годишно ниво?

Suzuki меѓу првите производители понуди благ хибриден погон во своите модели. Овој основен вид на електрификација на погонот денес прерасна во стандард во браншата. Емисијата на СО2 се намалува како што бара ЕУ, сите се спокојни. Тоа што нé интересира: Колку значи пониската потрошувачка на благиот хибриден погон на подолго време?

Колку заштедуваат благите хибриди на Suzuki на годишно ниво

Улогите во автомобилскиот свет одамна се распределени, кога станува збор за погонот: Tesla е шампион во електричниот погон, Mercedes, VW и BMW одлично го владеат дизелот, Toyota има планетарна заслуга со хибридниот погон, а … Suzuki е специјалист за благ хибриден погон!

Индустријата периодов масовно ги претставува своите автомобили во ново моделско годиште. Тоа обично ја има следната главна причина: Моделите со повисока емисија на СО2, односно со повисока потрошувачка, добиваат стартер-генератор и мала батерија, и за миг стануваат сосем коректни, за ЕУ да не им измери на производителите дека го надминуваат лимитот за СО2 и да им изрече милионски казни. Реалната ситуација е многу посложена, меѓутоа основата е таа.

Suzuki веќе трета година го има благиот хибриден погон во својата европска понуда, прво кај Swift, а денес во целата своја моделска гама, вклучувајќи ги Ignis, SX4 S-Cross, Vitara и Baleno. Според тоа, исто како што Toyota е предводник на хибридниот погон, така Suzuki важи како предводник на благиот хибриден погон.

Додавањето стартер-генератор и преоѓање на 48-волтна мрежа се покажа како едноставна и делотворна мерка за намалување на потрошувачката на гориво и на емисијата на СО2

Идејата со погонот не е комплицирана, иако многумина (особено „специјализирани“ автомобилисти) уште пропуштаат да го разберат вистинскиот начин на дејствување на благиот хибриден погон. Суштината се состои во тоа што место класичен стартер (анласер) и алтернатор, тука се користи еден и единствен стартер-генератор. Тој преку ременик и ремен е поврзан со коленастото вратило. Предностите на погонот почнуваат буквално од стартувањето на моторот. Стартер-генераторот, односно кусо ISG, преку ременот го стартува моторот меко и тивко. Истото ќе се почувствува уште безброј пати, при секое активирање на системот старт-стоп.

Втората компонента е малата и евтина батерија, толку компактна што е поставена под совозачкото седиште. Стартер-генераторот дејствува како генератор при секое забавување, запирање или сопирање, односно буквално при секое отпуштање на гаста. Неговата функција е, залетот што возилото го има пред сопирањето, да се претвори во електрична енергија, којашто понатаму се акумулира во батеријата под седиштето.

Оваа енергија се користи за напојување на стартер-генераторот, кој има и функција на „погонски“ електромотор. Тоа се случува при поаѓање, при забрзување или при рамномерно возење со умерена брзина, односно пристига како помош на бензинскиот мотор, за тој да не мора да се тера во повисоки вртежи, кога и потрошувачката расте.

Енергијата во батеријата е доволна за стартер-генерaторот да асистира неколку секунди во функција на електромотор. Тоа отпрво личи дека е малку, меѓутоа тие неколку секунди при забрзување или престигнување се клучни, за потрошувачката на гориво да се држи под контрола.

Помошта од стартер-генераторот се вклучува неосетно, но затоа добро се чувствува екстра моќта при забрзување и престигнување

Благиот хибриден погон се покажува мошне делотворен при возење во град – поради честите запирања и забрзувања, кои траат неколку секунди. Затоа, многумина се изненадени кога ќе го видат благиот хибриден погон на дело. Разликата со полниот хибриден погон, каков што користи Toyota, е во тоа што електромоторот тука не е предвиден и не е изведен за самостојно да го движи возилото. Наспроти тоа, денешните хибриди на Toyota, особено RAV4, можат да извозат и два три километри возејќи чисто на струја. Соодветно на тоа и потрошувачката на благиот хибрид не ги достигнува вредностите на Toyota – патем стратешки партнер на Suzuki – со тројка или „преку сила“ четворка пред запирката, меѓутоа заштедата пак е за почит.

suzuki vitara hybrid N

Апсолутно е за почит. Неодамна на тест ја имавме Suzuki Vitara со 1,4-литарски турбо бензинец и благ хибриден погон. Без каков било обид за штедење, просечната потрошувачка во град изнесуваше околу 6,5 литри. Vitara е добар познајник на Аутомедиа. При првиот тест во 2015 година, компактниот СУВ на Suzuki уште возеше со 1,6-литарскиот бензинец со 120 КС. Тогашната просечна потрошувачка ни изнесувала 7,4 литри. За споредбата да биде фер, актуелната Vitara располага со 129 КС од моторот и уште 13,6 КС од стартер-генераторот, односно тука станува збор за системски 143 КС. Тоа е веќе цела класа разлика во перформансите. За евидентирањето на еволуцијата на Vitara да биде целосно, претходно ја имавме на тест и Vitara 1.0 со 112 КС – потрошувачката ни изнесувала точно 7,0 литри.

Suzuki во основа секогаш троши помалку од просекот во класата

Прашањето беше: Колку значи пониската потрошувачка на благиот хибриден погон на подолго време? За таа цел, потрошувачката на актуелната Vitara со благ хибриден погон нема да ја споредуваме со нејзините претходни моделски годишта, туку со ориентациската вредност на просекот од СУВ-моделите од класата што биле на тест во редакцијата – од причина што Suzuki и без хибридниот погон обично постигнува пониска потрошувачка од конкуренцијата.

Како ориентациска вредност на просечната потрошувачка на гориво на СУВ-модел од компакт класата, со обичен мотор со споредлива моќност и перформанси како Vitara 1.4 Hybrid, земаме осум литри бензин на сто километри. Suzuki, наспроти тоа, со својот благ хибриден погон постигнува просечна потрошувачка од 6,5 литри бензин.

Според тоа, Suzuki заштедува по 1,5 литар бензин на секои сто километри. Според актуелната цена од 59,50 денари за литар бензин (цена на 28-ми август), тоа значи заштеда од 89,25 денари за извозени сто километри. Може и пример за малку подолга релација. Пат од Скопје до Охрид и назад, во должина од 340 километри, со „просечен“ СУВмодел од компакт класата, би чинел 1.618,40 денари за 27,2 литри бензин. Истиот пат со Suzuki Vitara со благ хибриден погон ќе чини 1.314,95 денари, за 22,10 литри гориво. Разликата е 303,45 денари во трошокот за гориво, за едно патување до Охрид и назад. Vitara конкретно ќе потроши 5,1 литри помалку на тој пат.

Регистрација, осигурување, редовно сервисирање, замена на гумите и на акумулаторот …

Но, колку изнесува вкупната заштеда на годишно ниво? Доколку со возилото се минуваат 10.000 километри во годината, ќе се потрошат 650 литри гориво. Во случај цената на литар бензин да не се менува цела една година, потрошеното гориво би чинело 38.675 денари. Тоа е една и половина просечна македонска плата. Бидејќи Suzuki Vitara ќе потроши 150 литри бензин помалку од просечен СУВ од компакт класата, тоа значи дека нејзината возачка или возач ќе заштеди 8.925 денари за една година.

Во „автомобилска“ валута, оваа заштеда би значела дека Vitara ќе може редовно да ги заменува летните гуми со зимски гуми секоја сезона, вклучувајќи и менување со нови (премиум) гуми на секои четири до пет години, да го заменува акумулаторот со нов на пет до шест години, без тоа да претставува дополнителен трошок, па дури и неколку ситни сервисни интервенции ќе бидат бонус од пониската потрошувачка на гориво.

Значи, литар и половина помалку бензин на секои сто километри сепак не е малку.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Камери во Шпанија ќе ги ловат брзите возачи од километар

Камери во Шпанија ќе ги ловат брзите возачи од километар

Toyota во јули продала близу 15% повеќе возила во Европа

Toyota во јули продала близу 15% повеќе возила во Европа