за

Volkswagen во офанзива со хибриди и со погон на струја

Германската авто индустрија долго време се опираше на хибридите и на погонот на струја. Volkswagen преоѓа од одбранбен гард во офанзива и најавува штедлив погон во секој модел.

Автомобилската нација го преспа развојот на хибридната техника и на возилата на електричен погон, додека азиските конкуренти напредуваа со огромни чекори. Но, додека Toyota, а во дел и Honda, го пробиваа мразот со воведувањето на хибридната техника и ја разбудуваа свеста на купувачите за предностите што ги нуди истата, Volkswagen не мируваше, туку инвестираше многу пари во усовршувањето на класичните бензински и дизелски мотори.

Иако е финансиски способен, ниту најголемиот производител на автомобили во Европа не можеше да си го дозволи ризикот паралелно да работи на алтернативните и на конвенционалните погонски решенија. Volkswagen ги стави обичните бензински и дизелски мотори на листата на приоритети и постигна голема предност пред конкуренцијата, која што ќе го покажува позитивниот ефект и во следните десет години. Дури сега може да се работи на хибридите и на електричните возила.

Листата на приоритети во Volkswagen е променета уште од минатата година, кога концернот најави дека планира до 2018 година да стане водечки производител во светот во поглед на екологијата и заштитата на животната средина. За две години, емисијата на СО2 на сите возила од производствената гама на Volkswagen ќе се намали за 30 проценти, односно ќе биде под 120-те грами на километар, што Европската Комисија ги поставува како лимит. За се што ќе биде над тој лимит производителите ќе плаќаат пенали кон ЕК, а тоа меѓу другото ќе се рефлектира и во цената на возилата.

Volkswagen веќе има 302 модели во понудата што испуштаат помалку од 120 грами CO2 на километар, а 50 се дури и под 100 грами. Во следните години емисијата ќе се намалува уште порапидно, особено со најавеното воведување на електрични возила. Новиот e-up! со погон само на струја ќе се продава од октомври по цена од 26.900 евра, вклучувајќи ги батериите, додека Porsche Panamera S E-Hybrid е во продажба од минатиот месец и во голема предност е пред конкурентите во луксузниот сегмент.

На почетокот на следната година доаѓаат уште A3 Sportback e-tron, со хибриден погон и батерии со надворешно полнење, како и Volkswagen Golf со електричен погон. Компактот од Волфсбург дополнително ќе се нуди и со напредниот погон од A3, односно со хибриден погон и можност за полнење на батериите со приклучување на струја. Концернот најавува дека во секој сегмент ќе се нуди модел со погон на струја или хибрид со надворешно полнење.

Големата предност на Volkswagen е во тоа што моделите со напредниот погон ќе може да се произведуваат на истата лента со моделите со конвенционални мотори. Предност претставува и тоа што концернот може да ја применува технологијата во сите свои марки, што ги намалува трошоците за развој и за производство.

Електрификацијата на погонската спрега во марките на Volkswagen нема да донесе промени преку ноќ. Новиот Volkswagen e-up! и идните модели со напреден погон ќе се најдат прво кај фирмите со голем возен парк, од комуналната и јавната сфера, и како второ возило кај купувачите што се убедени во предностите на погонот на струја. Стратезите на Volkswagen очекуваат дека по пет години околу 30 проценти од автомобилите што ги продаваат ќе возат на струја. Тоа се веќе големи бројки.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Наследникот на Lamborghini Gallardo е во завршно тестирање

Луд рекорд: Круг околу Менхетен за 24 минути