за

Toyota, Kia и Dacia растат, Renault и Ford во опаѓање

Во изминатите пет години, најмногу пораснал пазарниот удел на специјалистот за хибриден погон, на марката што сé прави правилно и на шампионот во цени, односно на Toyota, Kia и Dacia.

Најголеми добитници во изминатите пет години, во поглед на зголемувањето на нивниот удел во вкупниот пазар на автомобили во Европа, се Toyota и Kia. Двата производители во периодот од 2017 година до денес го зголемиле уделот за два процентни бода. По нив следат Tesla и Dacia.

Клучните чинители за успехот на јапонскиот примус Toyota биле способноста на компанијата да се справува поуспешно со нередовноста во синџирот на снабдување со компоненти од добавувачите, како и посветеноста на хибридни автомобили. Тоа за индустрискиот гласник Аутомотив Њуз го изјави извршниот директор на европскиот огранок на Toyota, Мет Харисон, за време на неодамнешната конференција на автомобилски менаџери.

Вербата на Toyota во хибридот, којшто сочинува најголем дел од продажбата на марката во Европа, се претвори од тоа што своевремено претставуваше слабост, во моќен адут. Дизелите долго време не оставаа шанса за друг вид на погон да се пробие повисоко на европскиот пазар. Тоа во меѓувреме се промени драстично и дизелот денес има речиси маргинална улога.

„Продажбата на хибридите навистина се вивна во последните неколку години, откако луѓето почнаа да бараат замена за дизелот,“ изјави Бенџамин Кибис, главен автомобилски аналитичар во Датафорс. „Тие се најочигледен одговор за луѓето што бараат електрифициран погон, но не се расположени да купат автомобил со приклучок за полнење“.

Јапонскиот производител искористи од тоа што Европа почна да се префрлува од некогаш најпопуларниот погон во регионот, откако падна сенка врз дизелите по скандалот на групацијата Volkswagen. За падот на дизелот придонесе и затегнувањето на стандардите за заштита на животната средина и забраната во бројни градови, за влез во центарот на градот со возило со дизел мотор.

Топ 10 марки што имаат најголем раст во пазарниот удел во споредба со 2017 година (јануари до август)

Марка Удел 2017 Удел 2022
1 Toyota 4.4% 6.9% 2.5
2 Kia 3.0% 5.0% 2.0
3 Hyundai 3.2% 4.8% 1.6
4 Dacia 3.0% 4.2% 1.3
5 Tesla 0.1% 1.4% 1.2
6 Cupra 0.0% 1.2% 1.2
7 MG 0.0% 0.8% 0.8
8 BMW 5.1% 5.7% 0.6
9 Skoda 4.4% 4.8% 0.4
10 Jeep 0.7% 1.0% 0.3

Toyota исто така успешно ја прошири својата понуда од модели, со воведувањето на компактниот и стилски СУВ-модел C-HR и Yaris Cross. Двата модели се нудат со хибриден погон и на марката ѝ донесуваат нови купувачи. Кибис посочува дека „растот беше постигнат најмногу во источноевроипските земји, како Полска“.

По осум месеци, Toyota го има најпродаваниот автомобил на седум пазари во Европа:

  • Бугарија
  • Естонија
  • Финска
  • Грција
  • Летонија
  • Литванија
  • Полска

Исто како Toyota, јужнокорејскaта Kia подобро ги сработе своите задачи во споредба со ривалите, кога станува збор за набавки на полупроводници и останати компоненти. Менаџерите ценат дека без чип-кризата и ограничувањата што таа ги предизвикува во производството, продажата на возила на Kia во првата половина од годинава ќе била повисока отколку во предкризната 2019 година.

 
Марка Удел 2017 Удел 2022 Пад
1 Renault 7.2% 5.0% −2.2
2 Opel 6.2% 4.1% −2.1
3 Ford 6.8% 4.9% −2.0
4 Nissan 3.7% 2.0% −1.7
5 Fiat 5.3% 3.7% −1.6
6 Seat 2.5% 2.0% −0.5
7 Smart 0.6% 0.2% −0.4
8 Suzuki 1.5% 1.2% −0.4
9 VW 10.8% 10.5% −0.4
10 Mazda 1.5% 1.1% −0.3

Во првите осум месеци од 2022 година, модели на Kia се појавувале 26 пати меѓу Топ 10 модели на 30 европски пазари. Тоа е далеку подобро во споредба со сестринската марка Hyundai, на којашто тоа ѝ уиспеало само 18 пати. Тoyota била прва марка 56 пати, пред марката VW со 40 пати, Skoda со 28 пати, и Kia и Dacia со 25 пати како Број 1.

Аналитичарот Кибис посочува дека заедничко за Toyota, Kia и Dacia е тоа што имаат модели под 20.000 евра. Меѓутоа единствено Dacia ја држи целата своја понуда од модели под 20.000 евра.

Во периодот од пет години, Renault се соочи со најголем пад во пазарниот удел од која било друга марка, со 2,2 проценти бодови во минус. Експертите ценат дека евтината марка Dacia во најголем дел е заслужна за падот во продажбата на матичната марка Renault. Напредувањето на Dacia ќе продолжи во претстојниот период, имајќи ја предвид економската криза.

Kia Sportage најпродаван модел во Македонија во јули – заедно со Fiat Tipo

Меѓу петте марки што постигнале најголем раст во пазарниот удел се наоѓа и Tesla. Со продадени 53.898 возила до август, Tesla Model Y е најпродаван електричен автомобил во Европа и воедно е најпродаван СУВ од премиум марка во средната класа, пред Mercedes-Benz GLC и BMW X3. Кибис: „Тие уште се во предност, затоа што имаат совршен пакет: Автомобили, широка инфрастуктура во споредба со ривалите и одличен софтвер.“

Model 3 е трет најпродаван модел во премиум сегментот во средната класа, по серијата 3 на BMW и Mercedes C-Class, но и во голема предност пред Audi A4. Единствениот проблем на Tesla, според Кибис е „тоа што тие немаат ништо два месеци и потоа сé ќе испорачаат во третиот месец“.

 
Марка Удел 2017 Удел 2022 Промена во 2017
1 VW 10.81% 10.46% −0.35% 1
2 Toyota 4.40% 6.87% 2.47% 11
3 Peugeot 5.94% 5.85% −0.09% 5
4 BMW 5.10% 5.68% 0.58% 9
5 Mercedes 5.74% 5.67% −0.08% 6
6 Audi 5.28% 5.35% 0.06% 8
7 Renault 7.17% 5.01% −2.16% 2
8 Kia 2.98% 4.99% 2.00% 15
9 Ford 6.82% 4.85% −1.97% 3
10 Hyundai 3.22% 4.77% 1.56% 14
11 Skoda 4.42% 4.77% 0.35% 10
12 Dacia 2.98% 4.22% 1.25% 16
13 Opel 6.15% 4.07% −2.08% 4
14 Fiat 5.34% 3.73% −1.61% 7
15 Citroen 3.86% 3.58% −0.28% 12

Peugeot најпродавана марка, 208 најпродаван модел во Франција годинава

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki S-Cross службено возило на регатата Рут ду Рум

Lear Corporation ја зголемила добивката четирипати