за

Како Toyota го зголеми пазарниот удел во Европа во најголемата криза

Toyota годинава ќе продадеше 20% повеќе возила во Европа, доколку фабриките не се соочуваа со потешкотии во синџирот од добавувачи.

Директорот за маркетинг на Toyota во Европа, Андреа Карлучи, во интервју за Аутомотив Њуз објаснува како производителот успеа да лансира хит-модели во СУВ сегментот и да ја задржи продажбата, додека во исто време фабриките се соочуваат со нередовна испорака од добавувачите.

Адреа Карлучи, европски директор за стратегија на продукти и маркетинг на Toyota, во интервју со новинарот на Аутомотив Њуз, Ник Гибс, ги прикажува вистинските предизвици со коишто глобалниот број 1 се соочува во овие вонредни времиња, не само за автомобилската бранша. Toyota Europe ја балансираше нередовната испорака на компоненти од добавувачите со лансирање на важни модели во најпродаваните СУВ-сегменти, за нивото на продажба да го задржи на речиси истото ниво од лани, во време кога целиот европски пазар е 14 проценти во минус.

Во овие кризни времиња, Toyota, вклучувајќи ја и продажбата на Lexus, успеа да го зголеми своето учество на европскиот пазар, од 6,4% лани на 7,1 проценти годинава. Тоа е приближно уделот што BMW Group го постигнува во Европа, заедно со марката Mini.

Ник Гибс, Аутомотив Њуз: Продажбата на Toyota Europe годинава се движи по рамна линија, додека целиот пазар е во пад. Дали расте популарноста на вашите модели меѓу купувачите или подобро ги надминувате потешкотиите со синџирот од добавувачи отколку соперниците?

Андреа Карлучи, Тојота Европа: Комбинација од двете нешта. Прекините во синџирот од добавувачи ги погодија сите. Но, ако погледнете во нашата понуда од модели и ги видите моделите што ги додадовме, на пример, Aygo X и Yaris Cross, ние лансиравме СУВ-модели коишто им стануваат повеќе важни на купувачите. Тоа нé направи поотпорни.

Очекувате купувачите и во иднина да се префрлуваат на овие СУВ-модели од повисоките ценовни сегменти или тоа е резултат од расчекорот меѓу нарачката и испораката на автомобилот, кога сите имаат малку повеќе пари?

Дали го достигнавме плафонот во побарувачката од СУВ? Не верувам. Понудата од СУВ модели расте неколкукратно. На пример, продажбата на СУВ модели од Б-сегментот првпат ја надмина продажбата на градски автомобили од Б-сегментот. Тоа ни го покажува сегментот за којшто купувачите се интересираат повеќе. Истото го воочивме со Aygo X, откако неговиот карактер со променивме да биде повеќе како СУВ. Во август имавме 16% пазарен удел во сегментот на мини автомобили, што е мошне забележливо.

Колку повеќе автомобили ќе продадевте, доколку немаше прекини во испораките од добавувачите?

Мислам околу 20 проценти повеќе.

Со 20 проценти повеќе промет? Или денешните цени не можат да се постигнат со нормално ниво на испораки од добавувачите?

Би рекол, да. Цените пораснаа поради кусокот во испораките од добавувачите, но целта ни е да го ублажиме тоа, бидејќи веруваме дека мораме да останеме конкурентни на пазарот. Причината за ценовната инфлација е порастот на цените на суровините. Се сомневам дека пазарите ќе се вратат на старото ниво на цени. Никој не знае што ќе се случи со цените, кога ќе попуштат нередовностите во испораката од добавувачите. Мојот впечаток е дека ќе видиме одредена стабилизација.

Значи нема да ги зголемите попустите, кога ќе се нормализира пазарот?

Суштинско е да се задржи конкурентноста. Ние никогаш не се водиме да продадеме повеќе само за да продадеме повеќе. Ние ставаме нагласок на квалитетот, место на волуменот, а како резултат од тоа веќе достигнавме разумен ценовен премиум во споредба со просечните големоволуменски производители на автомобили. Меѓу 70 и 75 проценти од нашиот удел во Западна и Централна Европа се хибриди, што значи дека тоа се и поскапи автомобили.

Дали електричните автомобили ќе го променат тоа?

Тоа не е лесно да се предвиди. Префрлувањето кон електричен погон може да ја смали побарувачката за СУВ модели, бидејќи тие имаат помала ефикасност. На крајот, сепак мораме да ја следиме нашата стратегија, а тоа е нашето главно внимание да биде посветено на постигнување разумен ценовен премиум, наспроти конкуренцијата.

Хибридите чинат повеќе. Дали тие носат и поголема маржа?

Маржата е иста како кај секој друг автомобил.

Колку просечно се чека на автомобил кај вас?

Околу шест месеци, но кај некои модели и девет месеци, па и една година, доколку имаме кусок во испораката од добавувачите.

Дали им давате повеќе внимание на новите модели што ги лансирате?

Не. Место тоа, размислувавме дали да ги одложиме лансирањата. Внимаваме на нашата книга со нарачки и цел ни е прво да ја задоволиме постоечката побарувачка, па дури потоа да се посветиме на лансирањето нови модели.

Со чекање до една година, како ја балансирате потребата да ја задржите продажната цена, со потребата да компензирате за поскапите материјали и останатите притисоци од инфлацијата?

Постојат специфични пазарни услови, што бараат малку поразличен пристап, но ние се обидуваме да влијаеме врз зголемување на потенцијалот, бидејќи преферираме да бидеме обврзани кон цената во договорот.

Toyota Corolla Touring Sports постигнува поголем удел во продажбата отколку комбилимузината
Тест: Toyota Corolla Touring Sports 2.0 Hybrid Luxury
Тест: Toyota Corolla Touring Sports 2.0 Hybrid Luxury

Corolla сега е втор најпродаван модел во компакт сегментот, по Volkswagen Golf, и брзо го надоместува заостатокот зад него. Што го движи тој успех?

Иако оваа категорија генерално се намалува, Corolla постигнува одлични резултати со пазарен удел од близу 15 проценти. Продажбата на Corolla на приватни лица останува стабилна во однос на продажбата на службени возила. Немаме големи попусти на флотните продажби. Ние правилно избравме да произведеме повеќе комби модели Touring Sports, отколку комбилимузински изведби. Денес комбито учествува со 65 проценти во продажбата на Corolla. Важно оружје против конкуренцијата е да се има комби возило повеќе. Покрај тоа, веројатно сме помалку ограничени со испораката од добавувачите, отколку нашите ривали. Друга предност е тоа што постои висока побарувачка за хибридите.

Гледате докази дали купувачите трошат помалку за нов автомобил?

Немаме видено многу такви докази. Сепак мислам дека ќе се појави мало забавување на пазарот, поради инфлацијата. Успехот на Aygo X покажува дека постои висока побарувачка за основни модели. Дали 15.000 евра е вистинска цена за основен модел? Тоа е тешко да се каже. Многу зависи од месечната рата. Остаточните вредности се мошне солидни и тоа може да помогне да се покрие месечната рата, во услови на растечки цени.

Какви се вашите предвидувања за продажбата в година за Toyota и за целиот пазар?

Прво, заедно со повеќето останати производители на автомобили имаме многу нарачки. Тоа ќе има влијание. Пазарот во последните две години изгуби меѓу 6 и 8 милиони возила, така што очлекуваме дека тие возила во одреден момент ќе се вратат. Исто така, каналите што се помалку профитабилни, како рентакар, коишто беа напуштени во последните неколку години, исто така треба да се вратат на некое нормално ниво. Пречките во испораката од добавувачите ќе останат и в година, но тие нема да бидат толку големи, така што е можно пазарот во целина да порасне.

Исто и за Toyota?

Да. Главно поради тоа што очекуваме поизитивно влијание од нмовите модели, како што се Yaris Cross, Aygo X, исто и од лансирањето на Corolla Cross в година. Исто така ќе го додадеме и електричниот BZ4X.

Кога ќе видиме поголема испорака на BZ4X во Европа?

Во моментов, нашите колеги во Јапонија истражуваат темелно (проблем со тркалата што беше причина за сервисен повик), така што немаме точен датум за пристигањето на моделот.

Дали BZ4X ви е потребен заради исполнување на СО2 нормите?

BZ и електричните возила ќе ни бидат потребни кога ќе се заострат лимитите. Во моментов, ние сме во рамките на лимитот. Верувам дека нашите таргети ги постигнуваме преку нашите хибриди.

Уште колку години ќе можете да ги исполнувате нормите само со хибридите?

Хибридите ќе бидат столбот на нашето исполнување на СО2 лимитите уште долги години, но не можам точно да ви кажам колку.

Aygo X учествува со 16% во пазарот на мини автомобили во Европа годинава

Што предвидувате за приклучните хибриди? Субвенциите завршуваат и политиката на ЕУ посочи дека претстојат уште построги ограничувања во поглед на нивната емисија на СО2. Постои ли иднина за тој вид погон?

Технологијата функционира, без разлика на субвенциите. Таа нуди фантастична можност, бидејќи може во градски услови да се користи електричен погон, а на подолгите патувања да се користи моторот со внатрешно согорување. Голем љубител сум на приклучните хибриди. Европската Комисија ни побара да им доставиме податоци за приклучните хибриди. Убеден сум дека можеме позитивно да влијаеме врз нивното гледиште врз оваа технологија, којашто ја имаме во RAV4 и во Lexus NX. Верувам дека приклучните хибриди ќе продолжат да растат, без оглед на субвенциите.

Тоа значи дека ќе лансирате повеќе такви модели?

Да, ќе лансираме.

Дали тоа ќе бидат возила поголеми или помали од RAV4?

Во помалите возила нема многу смисла. Ќе останеме во истата големина во којашто сме сега.

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Кораб (1. дел)

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Шар Планина (Втор дел)

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Баба Планина (Трет дел)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Спортските модели на Opel повторно ќе бидат GSe, но на струја

Електричен Mercedes eSprinter го чисти воздухот во Грац