Најпродаваната моделска серија во светот има повеќе од половина век зад себе и од пролетва вози во својата дванаесетта генерација. Насловот може воедно да послужи и како рекламен слоган за Toyota Corolla. Вистина е дека сцената помни и има видено во живо многу генерации на Corolla наназад, а тоа всушност го потврдува квалитетот на јапонскиот автомобил. Во долгата временска рамка, ова моделско име испишало безброј приказни, поглавја, рекорди, анегдоти. Затоа, овојпат само накусо ќе се потсетиме на сите досегашни генерации од Toyota Corolla.
Првата генерација е претставена во 1966 година. Во почетокот се достапни лимузинска изведба со две и со четири врати, и комби со две врати. Corolla е замислена како автомобил за сите, но се произведува со врвен квалитет и поседува ставки што обично се нудат во повисоките класи.
Мегу главните обележја е тоа што рачката на менувачот е на под. Школкастите предни седишта нудат добра странична поддшка, а многумина оценуваат дека задната клупа е комфорна како домашна софа. Високиот покрив придонесува за доброто просторно чувство.
Името Corolla е изведено од латинскиот збор за цветна круна. Toyota очекува дека возилото ќе „процвета“ на светскиот автомобилски пазар. Така и бива. По три години, Corolla станува најпродавано возило во Јапонија и почнува да ги освојува и големите пазари ширум светот.
Квалитет, долготрајност, издржливост – филозофијата на првиот модел е филозофија и на дванаетсеттиот модел
Toyota посочува дека долготрајниот успех на Corolla низ сиве децении се должи на обемното анкетирање на клиентите и на вклучувањето на тие сознанија во развојот на следните генерации на моделот.
Во ноември 1966 година, Toyota oтвори нова фабрика во Такаока, во префектурата Аичи, посебно за производство на Corolla. Две години подоцна започна производство и во Австралија и Малезија. Меѓу 1965 и 1968 година, годишната продукција на Toyota се зголеми од 480.000 на 1,1 милион примероци. Секако дека Corolla имаше огромен придонес за тој напредок.
Вкупната продукција достигна 46 милиони, Corolla моментно се произведува во 16 фабрики
Corolla пристигна во Европа во април 1967 година. Првите примероци произведени на европскиот континент излегоа од фабриката во Сакарија, Турција, кадешто седмата генерација на моделот стартуваше во 1994 година.
Првите испораки од Corolla во САД пристигнаа во 1968 година. Јапонскиот автомобил и таму се продаваше одлично. По само четири години од стартот, продажбата го надмина првиот милион. Во 1997 година, Corolla стана најпродавана моделска серија во светот, со 22,65 милиони примероци. Светскиот бестселер надмина 40-милионска продукција во 2013 година, во својата единаесетта генерација, во којашто ја доживеа и својата 50-годишнина.
Комбилимузинската изведба и комбито во последните две генерации беа присутни на европскиот пазар под ново име Auris, додека лимузината го задржа традиционалното име. Во актуелната генерација, целата моделска гама повторно се води како Corolla.
Прва генерација (1966-1970)
https://photos.app.goo.gl/ZGpRvkegM2yyLTTF7
Првата Corolla се појави во 1966 година. Под раководство на Тацуо Хасегава, беше развиен модел со спортски дизајн. Corolla се нуди во неколку каросериски изведби и располага со напредни технологии, кои првпат се применуваат во јапонската автоиндустрија. Меѓу нив спаѓаат мекферсон предна оска и четиристепен автоматски менувач. Моделската понуда во почетокот се состои од лимузина со две или со четири врати, како и од комби со две врати.
Втора генерација (1970-1974)
https://photos.app.goo.gl/PJtQuXdTyMVCjDDQ7
Како што продажбата се движи кон еден милион, така инженерите и дизајнерите се наоѓаат пред предизвикот, да создадат достоен наследник за успешниот модел. Каросеријата добива нежно заоблени линии, додека помасивните листести пружини на задната оска обезбедуваат повисок комфор и подобра упралвивост. Во 1972 година се придружува купе. Со легендарниот мотор 2T-G, моделската изведба Corolla Levin станува миленичка на љубителите на спортските автомобили.
Трета генерација (1974-1979)
https://photos.app.goo.gl/1LQQA4En9cm5nwtT9
Предизвиците се уште поголеми кога стартува третата генерација на Corolla во 1974 година. Строгите закони за издувни гасови бараат да се развиваат нови мотори и издувни системи. Toyota презема предводничка улога во развојот на катализаторите, како техника што се користи до денес. Corolla профитира и од аеродинамичноста на каросеријата, којашто е дотерана во воздушен тунел. Во внатрешноста е постигнат голем напредок во поглед на квалитетот и ергономијата.
Четврта генерација (1979-1983)
https://photos.app.goo.gl/vo1C712735Lcwxq69
Во време кога јапонската економија заздравува од втората нафтена криза, новата генерација на Corolla настапува како луксузен и во исто време штедлив семеен автомобил, кој исполнува најширок дијапазон на барања на возачите. Аеродинамиката станува уште поважна при дизајнирањето на возилата: Развојот на новиот модел во воздушен тунел трае повеќе од 400 часови. Заради задржување на лојалните клиенти, Corolla го задржува основниот дизајн, додавајќи поостри рабови. Нова задна оска со четири водилки и спирални пружини ги подобрува комфорот и стабилноста. Нов 1,8-литарски дизел ги исполнува строгите еко-норми.
Петта генерација (1983-1987)
https://photos.app.goo.gl/SYg3qPxz42CRfgy29
Да биде крајно иновативна и со техничка пресвртница во сите важни подрачја: Тоа се целите кои шефот на развој Фумио Агецума ги поставува пред петтата генерација. Corolla првпат се развива со компјутерска поддршка. Тоа штеди време и трошоци при развојот на моторите и дизајнот. Со низок нос и заоблена форма, ова е прва Corolla со погон напред. Спортските купе модели остануваат со заден погон и со надолжно вградени мотори од 1,5 или 1,6 литар. Купеата ја носат ознаката AE86 и се познати како „Hachi-Roku“, последни примероци од Corolla со преден мотор и заден погон. Со безбројни победи на трки и релија, како и со предодреденоста за дрифт, овие модели прераснуват во автомобилски икони во модерната историја на Toyota.
Шеста генерација (1987-1991)
https://photos.app.goo.gl/5kA4zqwfhd5RNGgP7
Новата Corolla треба да ги одушеви клиентите. Заедно со повеќе од 100 добавувачи на делови се извршени преку 2.000 подобрувања во сите подрачја. Тие почнуваат од смалување на бучавата, до користење на меки материјали за арматурната табла и за прекинувачите. Тоа е најквалитетната Corolla дотогаш и квалитетот се препознава и чувствува насекаде.
Седма генерација (1991-1995)
https://photos.app.goo.gl/vvQG8ZjcKu4dA1KQA
Седмото „колено“ на моделот покажува харизма и карактер во четири главни подрачја: Убедлив стил, перформанси, безбедност и издржливост. Инженерите се посветуваат особено на малите, но важни детали, како и на целта да се создаде многу простор за семејството.
Осма генерација (1995-2000):
https://photos.app.goo.gl/L7Aqzj3X1tmx9fSu6
Главните светски теми во средината на 1990-те години се заштитата на животната средина и ниските трошоци. Тоа се почитува и при развојот на новиот модел. Јапонската економија стагнира во времето кога осмата генерација на Corolla пристига како автомобил што само може да се посака во такви услови: Со грижа кон животната средина, штедлив, со достапна цена и ниски трошоци за одржување. Овој модел ги надминува генерациските и националните разлики, и станува најпродаван автомобил во Јапонија.
Деветта генерација (2000-2006)
https://photos.app.goo.gl/WbeWBuQ8QUMXEXJB8
Дизајнот е развиен во Европа, но тоа не е единствената пресвртница. Целиот концепт е сменет, отфрлени се наследствата од минатото и се поставуваат нови мерила за новиот милениум. Главното внимание се става на достапната цена, заедно со едноставно ракување, издржливост, комфор и поубедлив квалитет на површинскиот финиш.
Десетта генерација (2006-2013)
https://photos.app.goo.gl/BZPt63VfyMKubeWz5
Новиот модел пристига за 40-от роденден на Corolla и воведува комплетно нов дизајн. Шеф на развој е Соичиро Окудаира, кој сака на новиот модел да му обезбеди глобална перспектива. Новата Corolla треба да се мери со најдинамичните модели на европските марки, а во исто време мора да ги исполни барањата на северноамериканските купували, во поглед на лесното ракување и просторноста. Инженерите се водат според правилото на пет минути: Автомобилот мора да ги убеди клиентите во својот квалитет во рок од пет минути.
Единаесетта генерација (2013-2019)
https://photos.app.goo.gl/S8MEA4mBB3k1G1Dy6
При стартот на единаесеттата генерација во 2013 година, Toyota ја прославува Corolla како најпродаван автомобил во историјата. Се одбележува и половина век постоење, додека вкупната продукција надминува 44 милиони возила. Дизајнот визуелно го оддава квалитетот на возилото, во погонската техника и во безбедноста и натаму се применуваат најсовремени решенија.
Дванаесетта генерација (од 2019)
https://photos.app.goo.gl/mAw6yMYkxtQwUZY2A
Актуелниот модел е наједноставно да се опише: Сé е сменето и сé е по старо. Дури и името. Во издрживоста, квалитетот и безбедноста нема што да се менува на драстично подобро, но затоа има видлива и осетна промена во секое друго подрачје. Дизајнот е разигран, а во исто време грациозен, возните својства што произлегуваат од платформата TNGA внесуваат сосем нова димензија на уживање во возењето и патувањето. Трите каросериски изведби се како три комплетно различни модели. Првпат се нудат две хибридни верзии, едната со 122, втората со 180 КС и соодветно подинамичен карактер. Низа системи за асистенција и напредни технологии следуваат како стандард. Дефинитивно најголемата револуција за којашто можат да посведочат многу генерации.
Тест: Toyota Corolla 1.2 Turbo Executive
Комплетен водич за Toyota Corolla: Цени, каросерии, опрема, мотори
Шимојама е местото кадешто се создава совршена Toyota
















