за

Тест: Toyota Corolla 1.2 Turbo Executive

Toyota Corolla 12T test automedia

Кога некој автомобил ги погодува емоциите, велиме дека вози исто како што изгледа. За Toyota Corolla важи слично. Таа долго време изгледаше исто како што се продаваше. Универзално. Новата генерација ја носи круната на најпродаван автомобил во историјата гордо како никогаш досега. И никогаш не побудувало толку љубопитност како сега, како вози оваа Corolla.

Во рубриката деновиве пред години, во месец март во годината 2070 и некоја, на светот уште ќе му биде интересно да слушне дека во истиот месец пред толку и толку години пристигнала нова генерација на Toyota Corolla. Тогаш никого нема да засега дали по билбордите се појавила некоја многу убава лимузина, а уште помалку некој ќе развива носталгија по дизел моторите, но Corolla нема да западне во анонимност. Автомобилите веројатно ќе користат водород како погонско гориво, а хибридната опција кај Toyota ќе ја замени летечка опција… Тоа приближно укажува на значењето на овој автомобил. Приближно.

Вистинскиот број на продадени примероци од Toyota Corolla ќе го утнат многумина

Многумина се наoѓаат изненадени околу актуелната бројна состојба на Toyota Corolla. Обично се наведуваат бројки од триесетина милиони произведени автомобили, но тоа е многу далеку од точната вредност: Повеќе од 46 милиони примероци, и продолжува.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Но, дали можеби е лошо, ако некој автомобил се произведува толку масовно на планетава? И ако исто толку масовно се купува. Под претпоставка дека Toyota за секоја десетта Corolla што влегла на редовно одржување во сервисна работилница (а, за што би друго?) уредно ги евидентирала податоците за истрошеноста на сопирачките плочки и на дисковите, на профилот на гумите, на зјајот на сферичните зглобови, или најдоброто, за составот на искористеното моторно масло, кој наивен би помислил дека тие непроценливо вредни податоци не се земаат предвид при развојот на моделите од следните генерации? Тоа е една од причините зошто Toyota трае. Веќе 12 генерации. Од истите причини, обично и поправките не чинат колку нова кола од плац за користени возила. И повторно, со сета должна почит, добредојде Toyota Corolla, Дванаесетта.

Постојат два различни пристапи при избирање автомобил: Во првиот случај се избира модел за когошто сите ценат дека е добар избор. Во вториот случај се избира модел за когошто само купувачот цени дека е добар избор. Како и секогаш, постои исклучок. За Toyota Corolla сите се едногласни

За сé што ќе се напише понатаму да биде апсолутно неважно, еден заклучок: Оваа Toyota Corolla можеби е првиот големосериски автомобил во светот, за когошто нема потреба да се направи пробно возење пред купувањето. Исто како што мултимилијардерите купуваат ново парче Pininfarina или Bugatti за колекцијата. Едноставно, кој дошол на помисла да избере Corolla, воопшто нека не се двоуми. Toyota е најдобро да пушти апликација за мобилен, на којашто ќе се качат слики од неколку омилени предмети, од кутијата на бојата за коса на сопругата и задолжително слика од дворот (речиси е феномен колку често Toyota се забележува паркирана во уредени дворови што привлекуваат поглед), за алгоритмот да ја погоди вистинската боја на каросеријата, по што ќе биде потребно само уште да се внесе адресата за испорака на возилото. И жиро сметката, секако.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Основната моделска изведба на Corolla во верзијата со пет врати чини 15.990 евра. Тоа е промотивна цена, две илјади под редовната цена за 1.2 Turbo Comfort со 116 КС. Најсвежи соперници се Ford Focus и Kia Ceed, едниот со редовна цена од 18.400 евра за 1.0 EcoBoost, вториот со промотивна цена од 13.990 евра, за изведбата со атмосферски 1,4-литарец со 100 КС, односно 15.990 евра за верзијата 1.0 T-GDi со 120 КС, којашто повеќе одговара за евентуална споредба. Класичниот репер Golf, со еднолитарски TSI со 115 КС стартува од 20.153 евра. Вистина, повеќе беше за очекување дека Corolla ќе се најде поблиску до горниот праг на овој широк ценовен дијапазон, отколку во самиот темел.

Возачите од коишто Toyota побара мислење, не бараа подобар квалитет на изработка или поголема издржливост за новиот модел, туку „само“ автомобил што ќе изгледа убаво и ќе вози динамично

Од тоа што Toyota сака светот да го знае за новата Corolla: Основа е платформата GA-C, позната од Prius и C-HR; Моделот е конципиран да изгледа убаво и да вози динамично, покрај традиционалните вредности – така побараа возачите ширум светот; Прв модел на Toyota и воопшто автомобил што е достапен со две хибридни опции, со 1,8-литарец и системски 122 КС и дволитарец со 180 КС; Единствена класична опција е 1,2 турбо; Дизел нема. Нема ниту Auris. Златната Toyota повторно е Toyota со круна, Corolla.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Должината порасна за 40 mm, што во целост доаѓа од продолженото меѓуоскино растојание. Додадени се триесет милиметри и во ширина, заедно со поширока трага на предната (+6 mm) и на задната оска (+30 mm), додека во висина се одземени 25 милиметри. Во градското секојдневие се чувствува и ефектот од скусениот круг на вртење, од единаесет на 10,4 метри.

Кој ќе забележи за големината на багажникот или за просторното чувство на задната клупа, Toyota услужува со комбито Touring Sports или со класичната лимузина; Оваа каросериска изведба си го носи дизајнот како триумф

За прашањето на багажникот, Toyota прави јасно разграничување: Суперзгодна форма и багажник од 361 литри во комбилимузината, сé уште згодна форма и супербагажник од 598 литри во комбито Touring Sports, а за крај, багажник како посебна приказна од патничката кабина и зафатнина од 471 литри, во суперкласично скроената лимузинска изведба, во Corolla Corolla. Со тоа отпаѓа смислата на секаква критика, дали багажникот бил или не бил малечок.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа што не се гледа е за 10 милиметри пониското тежиште на возилото, како придобивка од платформата GA-C, вклучувајќи го и пониско вградениот мотор, но исто така е значително смалена и тежината. Со 1.240 килограми, Corolla 1.2 Turbo е пет килограми полесна од Golf 1.0 TSI и осумдесетина килограми е под Focus 1.0 EcoBoost. Во исто време порасна и носивоста.

Toyota Corolla има една од најсамоуверените и најфасцинантни појави во новиот бран модели во компактната класа; Би рекле, изгледот станува причина за избор на јапонскиот модел, уште една во низата

Новата Corolla ќе беше здодевен автомобил, доколку суштината се сведуваше на бројки. Во автомобилов постојат и емоции, што е различен начин да се укаже дека постои разлика. Позитивна разлика. Притоа, емоцијата не се сведува само на изгледот, кој патем минува забележано и одобрено од средината, редовно проследено со одушевување, туку емоцијата продолжува и зад воланот, зад вратите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Основата на ветробранот е спуштена за два три прста, а за исто толку е скусена и арматурната табла. На тој начин се постигнува многу подиректен контакт со средината, што е големо освежување, наспроти бесмислениот и веќе потрошен тренд на посредување чувство на тенковска заштита за возачот и патниците. Одненадеж возачот престанува да се чувствува како да е во војна со возилата околу него и си продолжува по својот пат, спокојно и со разбирање за грешките или чудните маневри на останатите возачи. Дефинитивно, расположение коешто произлегува од самиот автомобил.

Во секој детал во овој автомобил се чини како да се впишани искуствата и знаењата од трилијардите километри што ги имаат изминато сите произведени автомобили под името Corolla

Според Toyota, кокпитот тера веднаш да се појде. Можно е седиштето при првото седнување зад воланот да се врати премногу наназад, пред да се открие дека местото што ергономите му го одредиле на возачот е поблиску до арматурната табла. Сепак нема потреба од стравување дека човек ќе се чувствува заробен од сопствениот автомобил, затоа што целиот амбиент се покажува природен и интуитивен. Најдоцна во тој момент, човек ќе почне да го цени тоа што го работи оваа марка.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дотогаш постои веројатност дека десното колено при седнување ќе има остварено познанство со делот од таблата што е издаден нанапред – тоа можеби е блага казна за некој што помислил, или бетер, кажал нешто лошо за Toyota. Суштината на постоењето на овој дел сепак е да се обезбеди простор за тоа што се наоѓа зад таблата, а таму има многу работи.

Уште една јапонска ука: Toyota во кокпитот не применува решенија што се убави за на слика и за на мобилен, туку такви што се корисни и вредни

Накусо за останатото што ќе одушеви или нема толку да одушеви во Corolla: Во инструментите, рачките зад воланот и копчињата на воланот се задржува класика и тоа нам не ни пречеше; Дисплејот на патниот компјутер е сместен десно, и подобро што е таму; Копчињата за греењето и вентилацијата се поставени во линија, единствено пречи тоа што за често користената функција на прекинување на доводот на свеж воздух мора да се трга погледот од патот; Стара шега од времето кога оваа Corolla беше Auris е лесната замена на копчето за попуштање на радиото со копчето за температурата во кабината – да не се изненади возачот кога отпосле ќе открие дека греењето го наместил на 18,5 степени.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Убаво е кога ќе се забележи колку домаќинлак има во Corolla. Различно од вообичаената практика е тоа што покрај издадениот дисплеј од 8 инчи уште се наоѓаат класични копчиња за избирање на одделни функции. Денес е вообичаено тие копчиња да се „интегрираат“ во софтверот, односно во дисплејот. Прашањето не е дали пристапот на Toyota е правилен или не е, туку зошто е различен? Логично би било следново: Во функционалноста не се менува ништо, исто како и во големината на приказот, но затоа не мора да се преплаќа непотребно голем дисплеј.

Неверојатно е како толку обемно разместување и преуредување по кокпитот може да изгледа толку природно и блиско

Затоа, пак, ако нешто треба да се менува, се менува. Тоа што останува од средишната конзола, а тоа е само гребенот покрај седиштата, осмислен е поинаку. Длабоко напред има преграда што сепак е лесно достапна, но затоа е добро сокриена од љубопитни погледи, покрај неа се копчињата за грејачите во седиштата, а потоа доаѓа мошне важниот прекинувач за режими на возење, кој се покажува изненадувачки лесно достапен. Паркирната сопирачка се вклучува на копче во секое ниво на опрема, а стандардно се вградува и потпирач за рака.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Само уште багажникот. Капакот е изработен од вештачки смоли, заради пониска тежина, но и поради тоа што толку комплексна форма е неизводлива со друг материјал по разумна цена. Пристапот за отворање е добро заштитен од валкање, истото важи и за камерата и … багажникот има дводелен под. Последново заради поштеда од изненадување, затоа што една третина од декларираната зафатнина се крие под преградата. Таму следи уште една јапонска мајсторија: Кутијата со алати е пресметана како резонирачки елемент, односно учествува во спречувањето на вибрациите во тој дел од каросеријата, а со тоа и во создавањето дополнителни звуци.

Работата на амортизацијата почнува да се чувствува во истиот момент кога човек ќе открие дека воопшто не ја сеќава работата на амортизацијата; Кај хибридите има и активно подвозје

За најдоброто важи дека доаѓа на крај, а тоа е возењето. Пред сé, амортизацијата. Нејзината работа се забележува тогаш кога човек ќе се сети дека не ја забележува нејзината работа. Тоа не е без причина: Во амортизерите се користи нова вентилска техника, со 40% намален отпор, што соодветно резултира со помека и побрза реакција. Без премногу дообјаснувања, подвозјето меко и тивко ги амортизира ударите од подлогата, без тоа да доведе до неконтролирано клатење на каросеријата. Кусо, еден од најдобрите баланси во класата. Единствено на посебно груби нерамнини може да се слушне звук оздола, исто како и при возење по кропнозрнест асфалт.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во поглед на управувањето, повеќе не важи забелешката за отсуство на повратна информација или за тоа дека е премногу посредно пренесувањето на командите со воланот. Дури и кога ќе се забележи за слабата повратна сила на излегување од остри свијоци, што ќе го откријат само вистинските уживатели во возењето, има решение: Прекинувачот „Drive Mode“ зад менувачот.

Прекинувачот „Drive Mode“ е исто како да се избира меѓу Автомобил 1 и Автомобил 2; И Автомобил 3

Овој прекинувач кој се чини дека е затскриен и спореден, во реалноста се покажува како мошне делотворен и како дел што конечно го заокружува целиот концепт околу новата Toyota Corolla. По префрлувањето во спортски модус следи класичната интервенција, преку подиректна и побурна реакција на моторот, со соодветно модулирање на електричната сервоподдршка на управувањето и повеќе простување од контролната електроника во подвозјето. Како притоа се менува и повратната сила во управувањето, тоа условно останува „мистерија“.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Соодветно се менуваат основните поставки на погонската спрега и при изборот на втората опција, којашто кога е во прашање Toyota не може да биде друга освен „Еко“. Најмногу се допаѓа тоа што промените во спортскиот модус се чувствуваат уште при градско возење. Екстра забава на пат до дома.

Леснотијата во возењето е главната одлика на оваа Toyota; Како алат за возење што е изработен точно по мерка; Возачот може повеќе да внимава на сообраќајот околу себе

Целиот овој опсег на својства произведува едно нешто: Леснотија во возењето. Без многу филозофии, Toyota Corolla е автомобил со кој може буквално во еден потег да се извозат илјада километри, и по пристигањето до одредиштето да се продолжи со нормален елан, без вообичаениот замор од возењето. Во одлично расположение, исто така.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моторот од 1,2 литар со 116 КС и 185 њутнметри е преземен од претходникот и во технолошки поглед е меѓу „најголемите“ основни мотори во компакт класата. Четирицилиндарецот користи турбонатполнење и директно впрскување, водено ладен интеркулер, како и варијабилна работа на брегастите вратила Dual VVT-iW. Меѓу преправките за вградувањето во новата Corolla спаѓа користење посебна тефлонска облога за компресиските и за маслениот клипен прстен, како и за осовината на клиповите и за главните лежишта на коленастото вратило, со цел за намалување на триењето, а со тоа и на потрошувачката на гориво.

Виртуелен рели возач додава меѓугас, а реалниот возач дури и не мора да додава гас при поаѓањето

Во оваа моделска изведба на Corolla работи и единствениот мануелен менувач во целата гама на новиот модел. Toyota го води менувачот како iMT, повикувајќи се на посебната функција којашто доаѓа од контролната електроника на моторот. При префрлување во понизок степен, „моторот“ додава меѓугас, за преодот да биде помек, а воедно и да се смали абењето на спојката и на самите компоненти во менувачот. Истата електроника спречува моторот да се „задуши“ при прерано префрлување во повисок степен, а се чувствува нејзино вмешување и при поаѓањето. Corolla 1.2 е еден од автомобилите што упорно одбива да изгасне при поаѓање на семафор.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дебатата дали мотор од 1,2 литар е „малечок за каросеријата“ веќе одамна е завршена. Тоа што проект-менаџерите за Corolla ја оставиле оваа погонска единица како единствена класична опција, кажува доволно за нивната доверба во моторот. Нема причина за забелешки и околу перформансите. Спринтот од место до сто трае 10,4 секунди, крајната брзина е рамно 200 километри на час. За време на тестот, потрошувачката на гориво се движеше меѓу седум и осум литри, зависно од динамиката и условите на возење. Со такви вредности може да се биде и повеќе од задоволен.

Клима уред и магленки повеќе не се звучни ставки, туку радарски темпомат, камера за знаци, самостојно запирање, корекција на правец – сето тоа е стандард во секоја Corolla

Големо изненадување е цената. За 15.990 евра, во основното ниво Comfort следуваат ставки што доликуваат за модел од пред крајот на втората декада. Клима уред и магленки повеќе не се најзвучни ставки во опремата, туку диодна техника за сите функции на светлата заедно со автоматско долго светло, самостојно запирање при опасност од судир, со препознавање пешаци и велосипедисти, потоа приспособлив темпомат, систем за предупредување при напуштање лента со корекција на правец или камера за сообраќајни знаци. Тоа е стандард во секоја моделска изведба на Corolla, исто како и електрична паркирна сопирачка или навидум безначајни ставки, како потпирач за рака напред или блутут.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тестираниот примерок е во третото ниво на опрема Executive и за 2.500 евра повеќе од основното ниво доаѓа уште со кожа на воланот и на рачката на менувачот, магленки, дисплеј од 8 инчи на допир, камера за рикверц, двозонска клима, грејачи во предните седишта, неколку стилски детали во кабината и алу-бандажи од 16 инчи. Топ-нивоата Luxury се резервирани за двата хибридни модели, кадешто веќе следува и основно ниво на автопилот или активно подвозје.

Toyota Corolla отсекогаш била од голема важност за индустријата, но дури откако почна да се игра на карта емоции, светот стана свесен за тоа; Името на овој автомобил веројатно се спомнува при поставувањето на концептот на секој нов модел, од која било марка и од која било класа или сегмент; Corolla е институција за автомобилизам

Не се должи на некакво пролетно расположение, тоа што Toyota Corolla остави мошне позитивни впечатоци во редакцијата. Како сумирање, најверно би било следново: Дури и цела една милионска серија да излезе од производствените ленти со цилиндар помалку, оваа „Тојола“ пак ќе се продава, па и препродава.

Уште неколку сцени од тест-возењето на Toyota Corolla:
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda Digilab испорака багажник

Проект на Skoda: Испорака на онлајн-нарачка директно во багажникот

MAN продажба камиони

MAN со близу 100.000 продадени камиони лани