за

Во потрага по одговор, каков автомобил е Toyota RAV4 Adventure

За овој жар црвен RAV4 веројатно не остана терен што е неосвоен, откако со истиот модел пред близу две години ги искачивме трите највисоки планини во Македонија. Но, пак има нешто посебно во овој примерок на СУВ-бестселерот на Toyota, во новата изведба Adventure.

Toyota RAV4 досега ја познаваме како активен и динамичен, но и како ексклузивен, па и премиум ексклузивен СУВ-модел. На тоа упатуваат имињата на нивоата на опрема за моделот. Накусо, универзалец за секоја пригода и за секое место. Како нова моделска изведба, на нивоата на опременост Active, Dynamic, Exclusive и Premium Exclusive, пролетоска им се придружи Adventure. Тоа повеќе е моделска изведба на RAV4, отколку што е дополнително ниво со уште поексклузивна опременост. Се познава кога RAV4 е во изведбата Adventure.

Какви се промените, најдобро ќе се забележи, ако новакот се паркира нос до нос покрај Hilux. Маската е забележиво поголема во споредба со „салонскиот“ модел. Таа нагоре продолжува точно до висината на којашто се наоѓа препознатливиот надолжен жлеб кај првиов. Големото лого кај Adventure е преместено подолу на масивната надолжна пречка во средината на маската. Самиот изглед на маската повеќе оддава цврстина, грубост својствена за теренска машина, машкост.

Уште еден детал од светот на пикапите на Toyota е надолжниот елемент под маската, што ги вдомува и новите диодни магленки. Тука испраќа поздрави американскиот шампион, пикапот Tundra. Различно е изведено и долното подрачје на браникот, каде што исто така е испочитуван теренскиот карактер на автомобилов. Додека стандардниот RAV4 во тој дел е полиран, светкав, лакиран до висок сјај, Adventure прикажува главно нелакирана и не премногу салонски обработена пластика. Уште еден детал што ќе го забележат искусните возачи по терен е фактот што долното подрачје на браникот е изведено повеќеделно. Доколку во случај на возење по екстремен терен, се оштети долното подрачје на браникот, на пример со удар во камен или во корен, тогаш ќе може да се смени само оштетениот дел. Побрзо, поевтино, во стил на Toyota.

Очигледно е дека не се сведува само на шминка, туку има и дополителна приказна. Ваков, RAV4 е како демаскиран, како сега првпат да се покажува во вистинското светло, на робусен, цврст теренски модел, на кого што светот му верува

Масивните плочи во сребрена боја под возилото, за делотворна заштита на подвозјето, заедно со 10-краките тркала со нов дизајн, во мат сива боја, што е посебен за Adventure, ја комплетираат сликата. Тоа што Adventure изгледа поразлично и од некој друг агол, не е резултат „само“ од комплетно сменетиот преден дел, туку и за тоа постои објаснување – иако, само малкумина ќе препознаат од каде точно доаѓа таа разлика: Крилата исто така се проширени. Тоа дава повеќе слобода, за тркалата да можат да „потонат“ повеќе, доколку се искачува расед на теренот, но е корисно и поради тоа што помалку ќе се валкаат страниците на каросеријата со кал фрлена од тркалата.

Посебноста на RAV4 Adventure се забележува најдобро кога возилото е во комбинација од каросерија во каки-боја и покрив во сива боја. Toyota преку оваа комбинација нé потсетува на теренскиот класичар, на FJ40 Land Cruiser. Главниот момент во сиве стилски егзибиции, околу моделот што е големо име на светската сцена, лежи во тоа што сé e природно, веродостојно. Коментари од типот – што им требаше ова – нема да пристигаат на адреса на Adventure.

Бидејќи Adventure, односно авантура, се повторува постојано во оваа приказна, тогаш нека биде така. Но, авантурата не е нешто што може да се испланира. Таа се случува ненадејно, непланирано. Ако се загази длабоко во шума, тоа не е авантура. Кога човек во одреден момент не знае кој точно е патот, за најдобро да излезе од таа „авантура“, тоа е авантура.

Потрагата по одговорот, каков автомобил е Toyota RAV4 Adventure, нé однесе во најразлични предели низ нашата најубава Македонија, и одговорот секогаш беше истиот: RAV4 Adventure е автомобил за сé и за секаде

Реализација на сценарија, во коишто ќе се проверува веродостојноста на името на оваа моделска изведба на теренецот на Toyota, што натпродава сé што е слично нему, поточно располагање со милионски средства што се потребни за таа реализација, претставува научна фантастика за кој било медиумски чинител во нашата прекрасна Македонија. Затоа, овој мал проект да го претставиме моделот, ќе го именуваме „Во потрага по авантура со Toyota RAV4 Adventure“.

На фотографиите што ја придружуваат оваа приказна, ќе забележите дека „Adventure“ е во најразлични средини. Овој СУВ со впечатлива црвена боја со бисерен ефект, го возевме по споредниот пат преку Катлановско Брдо, којшто последен „видел лопата“ веројатно во маршаловото време. Патот нé одведе и во шумски предел како од бајка, за којшто ретко кој е свесен дека се наоѓа на само стотина метри оддалеченост од автопатот. Со Toyota се симнавме и покрај некористен и за малкумина познат макадамски пат, што од десната страна покрај течението на Вардар, води до Удово.

Каде и да се најдеше во нашата потрага по авантура, овој автомобил остануваше RAV4. Главната одлика на овој универзален модел на Toyota е карактерот на комфорен крстосувач. Тоа е вештина произлезена од долготрајното „занимавање“ на производителот со овој модел. Наскоро ќе навршат три децении, од појавувањето на првиот RAV4, Recreational Active Vehicle with 4-wheel drive. За сите тие години, секоја завртка и секоја формула што го сочинува концептот на моделот RAV4, претрпувале промени, усовршување. Прекинувач што во моделот пред три децении одговарало да биде на одредено место, во денешниов модел можеби е поместен два или три сантиметри полево или подесно, зашто тоа се покажало подобро. Секако дека тоа важи и за нагодувањето на балансот меѓу амортизерите, пружините, стабилизаторите, зглобовите, геометријата на тркалата, тежинската распределба меѓу оските. Сé еволуирало. Тоа е општиот впечаток, дека тука сé е како што треба да биде. RAV4 е како E-Class меѓу СУВ-моделите.

RAV4 се наметнува како да е модел од повисока класа. но тоа не го прави со екстра сантиметри во каросеријата, туку со зрелоста на автомобилот

Дури и не е за верување дека RAV4 во основа спаѓа меѓу СУВ-моделите во компакт класата. Човек што првпат седнува во моделов, а разбира до каде досегаат одделните класи, повеќе би оценил дека станува збор за модел од средна класа, значи модел што повеќе е во рангот на Volvo XC 60, отколку на XC 40.

Овие заклучоци секако дека произлегуваат од покажаното на сите видови подлоги, во сите режими на возење, расположенија за возење, за време на нашата потрага по одговорот, каков всушност автомобил е Toyota RAV4. Во градското секојдневие, овој СУВ од 4,6 метри е релаксирачки, тивок, зрел автомобил. Меѓутоа, посебноста на возењето RAV4 е кога ќе се излезе на спореден пат и при возење со темпо 80 или 90 ќе се почувствува сета таа воиграност на секоја компонента во автомобилот. Вистинското изненадување, пак, следи кога ќе се излезе на автопат, кога Toyota остава впечаток како подлогата да ја вшмукува кон асфалтот, ја прилепува. Колку што RAV4 е одличен во градското секојдневие, толку при подинамично возење се претвора во спортски компакт, за преку викенд да стане способен теренец, со гени од Land Cruiser и Hilux. Затоа овој автомобил е најпродаван СУВ во светски рамки.

Околу хибридниот погон во меѓувреме избледеа многу од предрасудите, се одговорија и многу непознаници. Теориите дека хибридот е добар само за град и не одговара за често патување по автопат, денес се само лош виц. За издржливоста на погонот, посебно во поглед на трајноста на батеријата, најдобро е да се посети онлајн-берза и да се побара модел на Toyota со хибриден погон. Можеби ќе се најдат неколку огласи, а причината за таа „оскудност“ е следната: Модел на Toyota со хибриден погон, од рангот на RAV4, се продава од пријател на пријател, од познајник на познајник. Таа е „суровата“ вистина, којашто е всушност најверодостојниот доказ за делотворноста и издржливоста на погонот.

Adventure со цената влегува во ресорот на премиум СУВ-машините, но нуди многу, практично нуди уште половина автомобил повеќе

Adventure се нуди само во верзијата на RAV4 со хибриден погон и само во варијанта на погон на сите тркала. Од цената на основниот RAV4 Active, со дволитарски бензинец, мануелен менувач и преден погон, за 30.190 евра, до овој RAV4 Adventure, со 2,5-литарски бензинец и по еден електромотор на секоја оска, плус менувач CVT и никел-металхидридна батерија од 1,6 kWh, разликата во цената е точно 23.129 евра. Од најдостапната варијанта со бензинец и менувач CVT, плус погон на сите тркала, разликата е 17.129 евра. Најдостапниот AWD-хибрид и овој Adventure-модел, ги делат 8.829 евра. Тоа се сите релевантни варијации, односи и споредби во самата гама на моделот.

За тие близу 9.000 евра разлика од појдовниот модел со погон на сите тркала, во RAV4 Adventure се добива уште половина автомобил. Дополнително од опремата на 2.5 Hybrid Dynamic AWD-i, Toyota тука нуди: Светла со диодна техника за сите функции, тркала од 19 инчи со финиш што одговара за теренско возење, сив таван, спортски седишта обложени со еко-кожа, портокалови штепови (на седиштата, арматурбата табла, вратите, средишната конзола), електрично местење на седиштата заедно со местење во слабинскиот дел, 5 приклучоци USB, пристап и старт без клуч, електромотор за задниот поклопец, безжично полнење телефон. На тоа доаѓаат уште систем за предупредување при возило во мртов агол, камери што го прикажуваат целиот простор околу возилото, грејачи под бришачите и грејачи во воланот, дигитален внатрешен ретровизор, кит за лепење гума, панорамски покрив, а секако и задолжителниот JBL-аудио систем во повисоките нивоа на опрема во Toyota, заедно со систем за навигација со говорни команди. Буквално, се добива уште половина автомобил, вклучувајќи ги и претходно спомнатите ставки во Adventure.

Воведувањето на изведбата Adventure беше клучната причина за моделското освежвуање на компактниот СУВ на Toyota. Заедно со промените во изгледот, но и во самата функционалност на возилото при теренско возење, новините ошпфаќаат и неколку зафати во внатрешноста. Тоа главно се препознава во новото амбиентално осветлување, во класично свежа светла сина боја. Прекинувачите во вратите се осветлени, вградени се USB-C приклучоци, а има и електрично местење за совозачкото седиште.

Да се зборува дека хибридниот погон работи одлично, исто толку е банално како да се оценува дека клима уредот лади

Хибридниот погон секако дека не е најмалку важен, меѓутоа брилијатноста со којашто Toyota во изминативе децении ја развиваше и усовршуваше техниката, направи денес посочувањето на работата на хибридниот погон во маркава да биде исто толку банално, како да се каже дека клима уредот лади. Во случајов на RAV4 со погон на сите тркала, посебноста е во работата на вториот елекетромотор назад. Тој располага со 60 КС и со вртежен момент од 121 Nm, наспроти предниот електормотор, со 120 КС и 202 Nm. Интересно е кога во патниот компјутер ќе се избере прикажување на моментната активност на електромоторите, и кога при нагло забрзување или поаѓање ќе се забележи како во моментот асистира и задниот електромотор.

Присуството на вториот електромотор е поважно за ефикасноста, затоа што при секое забавување, спуштање и слични ситуации со отпуштен гас, електромоторот дејствува како генератор и ја полни батеријата. Практично не постои момент, да се погледне во мониторот за работата на погонската спрега, а притоа да не се забележи дека електромоторот е активен во моментот. Токму таа дополнителна асистенција на задниот електормотор во полнењето на батеријата, помага уделот на возењето со поддршка на електромоторите да биде уште повисок. Згодна функција е процентот што се прикажува во патниот компјутер, за тоа колкав дел од патот е поминат со активни елекромотори во погонот.

За теренските излети, коишто со RAV4 може да продолжат многу подалеку отколку што би се претпоставило, од корист е функцијата Trail. Со неа, главно се добива интелигентна поддршка од задниот електромотор, со цел да се обезбеди екстра тракција, во случај кога теренот го бара тоа. Надвор од мазниот асфалт, се докажува отпорноста на каросеријата кон торзиско свивање, што на возачот и патниците им влева доверба, дека возилото е способно да превезе безбедно до одредиштето.

Колку во ерата на електромобилноста останува интересен хибридниот погон на Toyota

Еден нов момент што се наметна при тестов, претставува прашањето околу актуелноста на хибридниот погон на Toyota. Во време кога сцената зборува гласно за 100% електричен погон, за одржливост и за намалување на емисијата на СО2, а на тоа и пазарот реагира одушевено, нема да изненади, ако при размислување за купување хибриден RAV4, се постави прашањето: Дали се исплатува тој погон? Тука нема двоумење: Подобро време за хибридниот погон, не постоело. Околу електромобилноста, уште остануваат многу неизвесности, иако таа напредува со темпо што ги надминува и најоптимистичките предвидувања. Електромобилноста не се „само“ електрични автомобили, туку се и субвенции од страна на државата, повластици од типот на бесплатна патарина и паркирање, вложувње во полначи, стратешко и масивно вложување во сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори.

Во актуелниве услови, а особено во услови на алипност на медиумската сцена, што има и тоа како важна улога за поттикнување на електормобилноста, а во моментов се сведува на приватни забави на прогласување најдобар автомобил во кафеаната, потребни ќе бидат уште долги години, додека електромобилноста профункцонира со барем 15% од оптималниот минимум. Кога се избира автомобил денес, треба да се има предвид дека тој ќе се вози и во 2030, па и во 2050 година, кога ќе биде уште поважно автомобилот да троши колку може помалку фосилно гориво и соодветно да не загадува. Да не спомнуваме дека во тие периоди, делови од светот веќе 100% ќе бидат „електромобилни“. Но, во моментов, целата атмосфера од Шар Планина до Дојран, прави хибридниот погон да ни биде најспокојна инвестиција во мобилноста во иднината. Патем, шест и пол литри. Толку троши RAV4.

Технички податоци · Toyota RAV4 2.5 Hybrid AWD-i Adventure

Мотор и погон

Категорија

Податоци од производител

Вид на мотор самополнечки хибрид
Код на мотор A25A-FXS
Системска моќност kW 163
Системска моќност КС 222
Вертежен момент (системски)
Номинална моќност воkW 131
Вид на гориво бензин
Вид на гориво (2.погон) струја
Вид на погон погон на сите тркала
Вид на менувач CVT-менувач
Број на степени 1
Класа на емисија Euro 6d-ISC-FCM (WLTP) 36AP-AR
Положба / Вид на мотор Мотор напред / линиски
Пречистување регулиран катализатор
Број на цилиндри 4
Подготовка на смеша впрскување
Број на вентили 4
Работна зафатнина 2487 ccm
Моќност /Вртежен момент (мотор) 130 kW (177 КС) / 221 Nm
Максимална моќност при 6000 врт/min
Максимален вртежен момент при 3600 врт/min
Старт / стоп Сериски
Положба (Електромотор 1) Предна оска / E-мотор
Моќност / Вртежен момент (Електромотор 1) 88 kW (120 КС) / 202 Nm
Положба (Електромотор 2) Задна оска / E-мотор
Моќност / Вртежен момент (Електромотор 2) 44 kW (60 КС) / 121 Nm

Димензии и тежини

Категорија Податоци од производител
Должина 4600 mm
Ширина 1855 mm
Ширина (со ретровизори) 2160 mm
Висина 1685 mm
Меѓуоскино растојание 2690 mm
Растојание од подлога 190 mm
Круг на вртење 11,8 m
Агол на пристап 18,0 степени
Агол на заминување 20,0 степени
Агол на рампа 16,0 степени
Длабочина на вода до 500 mm
Најголема нагорнина 32,5 %
Багажник 580 l
Багажник до висина на прозорци, со соборена клупа 1189 l
Багажник до покрив, со соборена клупа 1690 l
Соборување на задна клупа Сериски
Празно возило (EU) 1795 kg
Дозволена тежина 2185 kg
Носивост 390 kg
Приколка со сопирачки, до 12% 1650 kg
Приколка без сопирачки 750 kg
Вкупна тежина на влечна композиција
Тежина врз кука 70 kg
Носивост на покрив

Каросерија и подвозје

Категорија

Податоци од производител

Каросерија SUV
Број на врати 5
Класа Компакт класа (на пр. Tiguan)
Број на седишта 5
Предни пружини Навојни пружини
Задни пружини Навојни пружини
Серво управување Сериски
Сопирачки напред Диск
Сопирачки назад Диск
Гуми 225/55R19
Контрола на притисок Сериски
Вид на контрола директно мерење (сензор)

Перформанси, податоци од производител

Категорија

Податоци од производител

0-100km/h 8,1 s
Највисока брзина 180 km/h
Највисока брзина, електричен погон (хибрид)
Бучава во возење 69 dB
Потрошувачка (NEDC) 4,5 l/100 km
CO2 (NEDC) 103 g/km
Досег NEDC (100% струја) 2 km
Потрошувачка, град (WLTP) 5,5 l/100 km
Потрошувачка, периферија (WLTP) 4,7 l/100 km
Потрошувачка, спореден пат (WLTP) 4,8 l/100 km
Потрошувачка, автопат (WLTP) 7,0 l/100 km
Потрошувачка, просек (WLTP) 5,6 l/100 km
CO2 (WLTP) 128 g/km
Резервоар 55,0 l
Батерија Никел – металхидрид
Големина на батерија (Brutto) kWh 1,6
Тежина на батерија

Безбедносна опрема

Категорија

Податоци од производител

Airbag возач Сериски
Airbag совозач Сериски
Sidebag Сериски
Воздушни завеси за глава напред Сериски
Воздушни завеси за глава напред – име Windowbag
Воздушни завеси за глава назад Сериски
Воздушни завеси за глава назад- име Windowbag
Airbag останати Сериски
Airbag останати – име Воздушна перница за колена на возач
Airbag, со исклучување Сериски
Airbag, начин на исклучување Со клуч
Безбедносен ремен во средина, назад Сериски
Безбедносен ремен во средина, назад, вид ремен со 3 точки
Потпирачи за глава назад Сериски
Потпирача за глава во средина Сериски
Активни потпирачи за глава Сериски
Isofix Сериски
Isofix – име само назад Top-Tether
ABS Сериски
Асистенција на сопирачки Сериски
Асистенција на сопирачки Brake Assist
Запирање при опасност, во градско возење Сериски
Самостојно запирање при опасност Сериски
Предупредување при опасност од судир Сериски
Контрола на погонско пролизгување Сериски
Контрола на тракција – име Traction Control
Контрола на стабилност Сериски
Контрола на стабилност, име Vehicle Stability Control +
Контрола на стабилност – приколка Сериски
Магленки Сериски
LED-светла Сериски
Сензор за светла Сериски
Сензор за дожд Сериски
Радарски темпомат Сериски
Препознавање пешак Сериски
Препознавање замор Сериски
Систем за следење лента Сериски
Контрола на возило во мртов агол Сериски
Предупредување при возило од попречен правец при излегување наназад Сериски
Камера за знаци Сериски
Автоматско долго светло Сериски

Податоци и цени на одделни моделски изведби на страната на Тојота Авто Центар

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Кораб (1. дел)

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Шар Планина (Втор дел)

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Баба Планина (Трет дел)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 208 во Бразил вози на „сок“ од шеќерна трска

Suzuki и Hayabusa се големи имиња и во светот на видеоигрите