Американскиот пионер на електричниот погон Tesla, според интерни кругови, возилата што се произведуваат во новата фабрика во Шангај ќе ги испорачува и во Европа, како и на некои азиски пазари.
Производството на примероците од Tesla Model 3 во фабриката во Кина кои се наменети за извоз ќе започне во последното тромесечје. Веста ја објави новинската агенција Блумберг, повикувајќи се на наводи од лица што се запознаени со темата.
Клиентите во Сингапур, Австралија, Нов Зеланд и Европа ќе ги добијат своите автомобили кон крајот на оваа и во почетокот на следната година. Овие пазари досега се сервисирани со примероци од Tesla Model 3 од американска продукција.
Најголемиот производител на електрични автомобили во светот, моментно е посветен на масивно зголемување на продукцијата во светски рамки. Електричните автомобили добиваат на популарност во корона-кризата. Со масивните субвенции во бројни држави, вклучувајќи ги повеќето држави во Европа, продажбата на електричните автомобили се зголемува рапидно, иако уште е мал уделот во вкупната продажба на автомобили.
Уште две фабрики се во изградба, едната во Германија, другата во Тексас
Tesla моментно гради фабрика во месноста Гринхајде, во близина на Берлин. Продукцијата во првата европска „гигафабрика“ ќе стартува во следното лето, со Tesla Model Y, како СУВ модел од средната класа врз база на Model 3. Планираната годишна продукција изнесува 500.000 примероци.
Изградбата на фабриката во Шангај заврши во рекордно време и првите возила беа испорачани уште пред завршетокот на минатата година. Покрај матичната фабрика во Фремонт, Калифорнија, Tesla гради втора фабрика во САД, во близина на градот Остин, во сојузната држава Тексас.
Не е необично, автомобили од фабриките во Кина да се продаваат во Европа. Polestar, специјализираната марка за електрични возила на Volvo, произведува само во Кина, а BMW најави дека електричниот iX3 од фабриката во Кина ќе се продава на европскиот и на останатите пазари.
















