Suzuki Jimny отсега ќе се нуди како доставно возило во салоните на јапонската марка ширум Европа. Тоа значи дека за него повеќе нема да важи лимитот од 95 грами СО2 на километар, како за патничко возило, туку 145 грами.
Suzuki изненади кога пролетоска најави дека ќе го исклучи теренецот Jimny од својата понуда за европскиот пазар – поради надминување на лимитот за СО2 што ЕУ го поставува на 95 грами за километар. Тоа се случи во екот на популарноста на моделот, кога фановите се впуштаа во потрага да најдат примерок од моделот што буквално беше разграбан. Веста изненади дотолку поевќе, што Suzuki со своите останати модели воопшто нема проблем да ги исполни строгите еколошки барања на Унијата. Марката, патем, нуди благ хибриден погон во сите свои моделски серии, од Swift до Vitara.
Како што се очекуваше, Suzuki деновиве го најавува пристигањето на новата изведба со 2 седишта, што ќе се регистрира како доставно возило. Jimny и претходно привлекуваше приватни корисници и фирми, а сега ќе нуди уште повеќе привилегии за вториве. Дури и кај нас има неколку компании што го користат Jimny во својот службен возен парк, поради препознатливоста и дополнителната реклама кога е брендирано во „боите“ на компанијата.
Освен тоа што е зголемен товарниот простор и на располагање стои практичен товарен простор, други промени нема. Suzuki Jimny и натаму е способен теренец, со носечка рамка и со крути оски што дозволуваат многу поголем офсет, отколку денешните СУВ-возила. Погонот на сите тркала AllGrip Pro се вклучува по потреба, а како реткост, мини-теренецот поседува и редуктор.
Со отстанувањето на задната клупа се добива целосно рамен под на товарниот дел
Зафатнината на товарниот простор изнесува 863 литри, што е 33 литри повеќе отколку во патничката изведба со соборена клупа. Рамниот под го олеснува товарењето тежок товар. Дополнително е вградена и решетка што спречува товарот да излета нанапред.
Моторот е 1,5-литарски четирицилиндарец со моќност од 102 КС и 130 њутнметри. Просечната потрошувачка според нормата NEDC изнесува 6,1 литри на сто километри, емисијата на СО2 изнесува 138 g/km. Издувот ја исполнува нормата Еуро 6.
Остануваат и системите за асистенција, вклучувајќи го самостојното запирање при опасност од судир. Истото важи и за задржувањето на нагорнина и ограничуваето на брзината при спуштање по стрмнина. Новина е системот за автоматско известување на службите за брза помош eCall, што претходно не се вградуваше во Jimny.
За достапноста на доставната верзија на македонскиот пазар очекуваме потврда од увозникот Миркат.
>>> Jimny Gan, Vitara Katana: Нема шега со овие модели на Suzuki

















