Долгоочекуваната премиера е многу близу. Enyaq iV е првиот електричен автомобил на Škoda што е конструиран врз платформата MEB на Volkswagen. Тоа е воедно платформа што ја користи и ID.3, а ќе ја користат и уште голем број идни модели со погон на струја. Првиот електричен СУВ на чешкиот производител ветува досег до 500 километри. Enyaq внесува и неколку свежи црти во дизајнот на Škoda, додека во кокпитот се препознаваат потезите од новата Octavia.
„Enyaq iV останува верен на емотивниот дизајнерски јазик што е одлика на Scala, Kamiq и на четвртата генерација на Octavia. Enyaq iV ги содржи препознатливите линии, чистите површини и кристалните елементи кои ја симболизираат вештината на чешките мајстори за стакло. Неговите пропорции сепак се разликуваат од нашите претходни СУВ. Enyaq iV има покус преден дел и издолжен покрив. Тоа му дава динамичен изглед,“ објаснува Карл Нојхолд, главен надворешен дизајнер на Škoda.
Кокпитот се одликува со истиот стил како Octavia, за кого Škoda вели дека е во повеќе рамнини, со чисти површини, едноставно ракување и оригинални дизајнерски елементи. Овој пристап неодамна го искусивме во практика при тестот на Octavia. Чувството на просторност дефинитивно ја издвојува Octavia од останатите модели во средната класа. Истото го ветуваат и луѓето што раководеа со развојот на електричниот СУВ. „Кокпитот е иновативен, благодарение меѓу другото на средишниот дисплеј од 13 инчи и новиот проекциски дисплеј, кој вклучува и унапредена реалност, и воедно е одржлив поради примената на природни и рециклирани материјали,“ објаснува Норберт Вебер, главен дизајнер за ентериер и за бои и површини во Škoda.
https://photos.app.goo.gl/gqVGMymDRUCs4UTv7
Исто како секој модел на Škoda, така и електричниот СУВ се одликува совисока практичност и збогатен е со бројни елементи на Simply Clever. Багажникот е со зафатнина од 585 литри.
Најголемата батерија ќе располага со капацитет од 82 kWh, најсилната изведба ќе биде со 306 КС и погон на сите тркала – ќе има и RS
Познати се уште неколку детали околу техниката. Enyaq iV ќе се нуди со две варијанти на погон, со три големини на батерија (55, 62 и 82 kWh), како и со пет степени на перформанси: 109, 132 и 150 kW за варијантата со заден погон, односно 195 и 225 kW за варијантата со погон на сите тркала. Најсилната верзија ќе ја носи ознаката RS. При користење брзи полначи со еднонасочен напон, полнењето од 10 до 80% ќе трае само 40 минути.
https://photos.app.goo.gl/T2ti9eANUrgGaSgR9
Иако деталите околу новиот СУВ на струја полека се комплетираат, од Škoda најавуваат дека во вторничката вечер ќе има уште бројни изненадувања околу Enyaq iV. Премиерата ќе се пренесува во живо на https://skoda-virtual-event.com/
















