Skoda презема важен чекор во воведувањето на електричниот погон во својата понуда. Како прв сериски автомобил на Skoda со електричен погон, СУВ-моделот Enyaq iV го користи модуларниот систем MEB на концернот Volkswagen. Врз истиот систем на заеднички компоненти се базира и Volkswagen ID.3.
Чешката марка објави слика со силуетата од возилото, најавувајќи го својот најважен моделски новитет за годинава. Според производителот, Skoda Enyaq спојува емотивен дизајн и згодни пропорции со нулта емисија на штетни материи и просторна кабина.
Од силуетата на Skoda Enyaq iV може да се насетат пропорциите на новиот знаменосец на марката. Кусиот нос и долгиот покрив создаваат динамична форма, додека во исто време се обезбедува голема просторност во кабината. Новиот СУВ во внатрешноста нуди простор како Skoda Kodiaq, иако во должината одговара со Skoda Octavia.
Купувачите ќе можат да избираат меѓу изведба со преден или со погон на сите тркала, како и меѓу три големини на батерија и пет степени на моќност. Enyaq ќе може да користи и брзи полначи, со максимална моќност на полнење од 125 киловати. Досегот според реалниот циклус достига 500 километри, што е ниво споредливо со автомобил со класичен мотор.
Премиерата на топ-моделот на Skoda ќе го одбележи и врвот на свеченото одбележување на 125-годишнината од основањето на компанијата. Настанот што ќе се одржува на 1-ви септември во чешката престолнина Прага ќе се пренесува и виртуелно, на бројните канали на Skoda на социјалните мрежи.
Електричниот СУВ на Škoda треба само уште да ја симне маската

















