Шпанската автомобилска куќа напредува во подрачјето на услуги за мобилност, со својата подмарка Seat Mo. Жителите и туристите во Барцелона имаат на располагање 623 електрични скутери Seat Mo. Тоа оди во корист на зачувувањето на квалитетот на воздухот во градот.
Во Барцелона уште од почетокот на годината е проширена еколошката зона. Забраната за сообраќај не важи за корисниците на електричните скутери и тротинети на Seat Mo, кои смеат да се движат насекаде. Целта е да се смали загадувањето на воздухот и да се унапреди урбаната мобилност во Барцелона.
Според Лукас Касасновас, директор на Seat Mo, со воведувањето на услугата за краткотрајно користење на електричните скутери, на јавноста ѝ се нуди достапна и практична услуга за урбана мобилност, особено за младите. „Воедно развивме и хигиенски концепт што ги заштитува корисниците од корона-вирусот. Ние се цениме како сојузник на големите градови и сакаме да придонесеме за повисока безбедност, комфор, одржливост и ефикасност“, објаснува Касасновас.
Мобилната апликација и податочниот облак се развиени од сопствениот софтверски центар Seat:Code, во соработка со Seat Mo. Платформата можат да ја откупат и други компании и организации, со цел да управуваат со сопствениот возен парк.
Преку апликацијата се бара најблискиот скутер и се букира. Во преградата во скутерот се наоѓаат два шлема, заедно со еднократна заштитна капа и марамчиња за дезинфекција, како заштита од корона. Иновацијата на Seat Mo се состои во премачкувањето на површините на скутерот со т.н. Liquid-Guard. Станува збор за нано-слој што уништува вируси, микроби, бактерии и габи.
Покрај тоа што скутерите може да се изнајмат буквално за користење во времетраење од пет минути, новина е можноста за неделна или месечна претплата. Во цената се вклучени осигурување, сервисирање, шлемот и неделна замена на батеријата. Цената за една недела изнесува 75 евра, за еден месец 200 евра. При договор на три месеци, цената се намалува на 150 евра месечно. Претплатата може да ја користи уште едно лице.
Претплатата е достапна и за електричните тротинети: Една недела користење за 15 евра, еден месец 40 евра.