за

Seat 1430 против новото комби Leon Sportstourer

Се создава посебен шарм кога два автомобили од генерации што ги делат 50 години ќе се најдат едно до друго. Автомобилите навистина напредуваа многу во сите години.

Seat 1430 против новото комби Leon Sportstourer
Seat 1430 против новото комби Leon Sportstourer

На 50-годишната од раѓањето на комби изведбата од Seat 1430, шпанската марка го лансираше новиот Seat Leon Sportstourer. Во 1970-те години, моделот се рекламираше како спој меѓу лимузински комфор и функционалност на ван. Тоа што во Шпанија беше Seat 1430, кај нас беше Lada 1200, а основата на сите беше легендарниот Fiat 124. Денес единствено Seat нуди продолжение на оваа традиција.

Тоа е неизбежен дел од секое патување, коментарот пред поаѓање: „Нема повеќе место. Толку ли ти требаше да понесеш уште еден куфер, топка и два чадори за сонце плажа?“ Пред 50 години, Seat понуди решение за овој класичен проблем и понуди комби изведба врз база на лимузината 1430. Таа ознака ѝ припаѓаше на најсилната и најскапа изведба на Seat 124, моделот под лиценца на Fiat.

Новиот модел беше покомпактен од Seat 1500 Estate, а со тоа беше и полесен за управување во градскиот метеж. Полесно се наоѓаше и паркинг. Во работните денови, Seat 1430 беше бизнис лимузина, соодветна и за децата да се превезат до училиште, додка за викендите беше динамичен турер, со багажник што буквално можеше да се наполни до таван. По 50 години, од производствените ленти во Марторел, во близина на Барселона, пристигна наследникот, Seat Leon Sportstourer.

Разликата во дизајнот е огромна. Додека Seat 1430 има многу хром и дизајниран е како „зграда“, каросеријата на Leon е обликувана од воздухот и има нежна, елегантна линија. Малечката маска на 1430 тешко би ја покрила потребата од свеж воздух на Leon, кој е неопходен за ладење на моторот, но и за вшмукувачкиот тракт, како и за ладење на моторното масло и на кондензаторот за клима уредот. Аеродинамичарите имаат многу работа во тоа подрачје денес, затоа што не смее да се наруши коефициентот на отпор на воздух.

New photo by Automedia MK / Google Photos

SEAT 1430 Estate беше за три сантиметри повисок од лимузината, а само 1 сантиметар подолг. Денес, Leon Sportstourer додава дури 27 сантиметри во должина, во споредба со SEAT Leon со 5 врати. Иако е 60 сантиметри подолг, паркирањето на Leon не е проблем, благодарение и на паркинг сензорите, камерата за рикверц, па дури се нудат и системи за автоматско паркирање.

Резервното тркало одземаше многу простор во багажникот на 1430. Автомобилот сепак беше прв избор на службите за брза помош во 1970-те години во Шпанија. Во поглед на зафатнината, Leon Sportstourer е беспрекорен со своите 620 литри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

SEAT 1430 беше сериозен автомобил во своето време. Децата ги лепеа носевите на возачкиот прозорец, за да го видат бројачот на вртежи и брзиномерот што покажуваше до 170 километри на час. Тоа е сосем различно во Leon, кој повеќе нема класични инструменти, туку има само дисплеј од 10,25 инчи.

Двојните коцкести светла на 1430 изгледаа мошне претставително. Денес, Leon располага со диодна техника за сите функции на светлата, а дополнително поседува и препознатлива светлечка шема на дневните светла

Комбито имаше резервоар од 47 литри, за разлика од лимузината со 39 литри. Поради тоа, полнењето гориво мораше да се премести од левата страна. Вакви зафати се незамисливи за денешното производство. За споредба, Leon ги отклучува своите врати без потреба клучот да се вади од џеб.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најсуштинската разлика меѓу двата модели е во погонската конфигурација. Seat 1430 има надолжно вграден мотор и погон назад, додека Leon ја следи класиката, со мотор вграден попречно и со преден погон. Новиот модел може да се комбинира и со погон на сите тркала 4Drive, во комбинација со дволитарски TDI.

Ознаката SEAT 1430 произлегуваше од зафатнината од 1.438 cm3. Моторот располагаше со 70 КС, а подоцна и со 75 КС, како што е случај со моделот на фотографиите. Во 1970-те години, поимот „милеров циклус“ беше сосем непознат. Актуелниот мотор во Leon има слична зафатнина, со 1.498 сантиметри кубни, но моќноста му е значително поголема, 130 КС. Постои и верзија на 1.5 TSI со 150 КС, кој работи како благ хибрид. За дополнителна штедливост, патем, моторот автоматски исклучува два цилиндри при помало оптоварување.

Фабричката потрошувачка на Seat Leon Sportstourer изнесува околу 6 литри на сто километри во варијанта со благ хибрид. Тоа е половина од реалната потрошувачка на Seat 1430. Новото комби може и уште подобро од тоа, имено, Шпанците го нудат и во верзија со приклучен хибриден погон.

>>> Во новиот Seat Leon се вградуваат 16 антени

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бубата на VW пред 65 години достигна милион, тоа беше само почеток

Бубата на VW пред 65 години достигна милион, тоа беше само почеток

Buick повеќе не ја произведува американската Opel Insignia

Buick повеќе не ја произведува американската Opel Insignia